1. Востановување богослужение и празнување на Пасхата. Војната со Египет и смртта на Јосија. Наследниците на Јосија и уривање на на храмот и на Ерусалим.
1. Јосија му направи Пасха на својот Господ во Ерусалим, го закла пасхалното јагне во четириниаесетиот ден на првиот месец
2. и поставија во +храмот Господов на смени свештеници во одежди.
3. И им кажа на левитите, свештенослужители Израилеви:„Осветете се пред Господа, за да го поставите светиот Господов ковчег во храмот, направен од цар Соломона, син Давидов.
4. Нема зошто да го носите на раменици: служете Му сега на Господа, вашиот Бог, и грижете се за народот Негов, Израилот, наредете се по вашите родови и племиња, според наредбата на Давида, цар Израилев, и според великолепието на синот негов Соломона;
5. и откако ќе застанете во светилиштето, според родовите свои левитски, распоредете ги пред браќата свои, синовите на Израилот,
6. заколете го пред уставот пасхалното јагне, пригответе жртви за браќата свои и направете Пасха според заповедта Господова, дадена на Мојсеја.”
7. Јосиј му подари на народот, што се најде таму, триесет илјади јагниња и козли и три илјади телци; тоа беше дадено по ветување од царските стада на народот, свештениците и левитите.
8. Хелкја, захарија и Јеил, начланици на храмот, им дадоа на свештениците за Пасха две илјади и шестотини овци и триста вола.
9. А Јехонија, Самеј, Натанаил, негов брат, Асавија, Охиил и Јорам, илјадници, им дадоа на левитите за Пасха пет илјади овци и седумстотини вола.
10. И кога стануваше тоа, свештениците и левитите стоеја благолепно, по поколенија и родови предимства, држејќи безквасници пред народот,
11. за да му принесуваат жртви на Господа, според она како што е заповедано во Мојсеевата книга. Тоа се вршеше рано изутрина.
12. Тогаш го испекоа пасхалното јагне на оган, како што беше редот, а жртвите ги зготвија во бакарни садови и котли со пријатен мирис, и им принесоа на сите луѓе.
13. А потоа зготвија за себеси и за своите браќа свештеници, синови Аронови.
14. Зашто свештениците принесуваа лој до доцна, а левитите поради тоа готвеа за себеси и за своите браќа свештеници, синови Аронови.
15. А свештениците, синови Асафови, беа по местата свои, според Давидовата наредба, и Асаф, и Захарија, и Единус, кој беше од царот.
16. И на вратите при секоја порта не се дозволуваше да ја пропуштат смената своја, зашто готвеа за нив браќата нивни, левитите.
17. И во тој ден се сврши сè, што спаѓаше во принесувањето жртви на Господа при извршувањето на Пасхата,
18. и кон принесувањето на сепаленици врз Господовиот жртвеник, според заповедта на царот Јосија.
19. И синовите Израилеви, што се наоѓаа во тоа време таму, славеа Пасха и – празникот Бесквасници седум дена.
20. Таква Пасха не беше празнувана во Израилот од времето на пророкот Самуила.
21. И ниеден од сите Израилски цареви не направил таква Пасха, каква што направи Јосиј, заедно со свештениците, левитите, Јудејците и сите Израилци, што се наоѓаа тогаш во Ерусалим.
22. Таа Пасха беше празнувана во осумнаесеттата година од царувањето на Јосија.
23. И делата Јосиеви беа управени кон вистински пат пред Господа, полни со благочестивост.
24. А она што беше станало во негово време, односно за оние, што грешеа и постапуваа нечестиво против Господа повеќе од секој народ и царство, и како тие свесно Го оскрбуваа, и како зборовите Господови се кранаа против Израилот, – запишано е во поранешните летописи.
25. По сите работи на Јосија, се случи, Фараонот, царот египетски, да отиде да војува во Каркамист при Ефрат, и Јосиј му излезе во пресрет.
26. Египетскиот цар испрати да му кажат:„Што има меѓу мене и тебе, цару јудејски?
27. Не сум испратен против тебе од Господа Бога; мојата војна е Ефрат, и сега Господ е со мене и Господ ме поттикнува; отстапи и немој да Му се противставуваш на Господа.”
28. Но Јосија не се врати во колата своја, туку реши да војува со него, а да не ги послуша зборовите на пророкот Јеремеија од устата Господова.
29. И влезе против него во битка на полето Мегидо. И се собраа началниците при царот Јосија.
30. Тогаш царот им рече на слугите свои: „Изведете ме од бојното поле, зашто изнемоштев.” И слугите веднаш го изведоа од стројот.
31. Тој се качи на втората кола своја и, откако се врати во Ерусалим, умре, и го погребаа во гробницата на татковците негови.
32. И плачеа за Јосија по цела Јудеја, плачеше за Јосија и пророкот Јеремија, и начлниците со жените свои го оплакуваа и до денес. И тоа му беше предадено за секогаш на целиот род Израилев.
33. Тоа е запишано во летописите на јудејските цареви, како и она што го изврши Јосија, и славата негова, и како тој го разбираше законот Господов; а поранешните негови дела и оние, што се спомнуваат сега, се опишани во книгата на царевите израилски и јудејски.
34. И народот го зеде Јехонија, синот Јосиев, та го постави за цар на место татка му Јосија, кога беше на дваесет и три години.
35. Тој царуваше во Јудеја и Ерусалим три месеци, и него го собори египетскиот цар, за да не царува во Ерусалим.
36. И му наложи на народот сто таланти сребро и еден талан злато.
37. Потоа го постави египетскиот цар братот негов Јоаким за цар на Јудеја и Ерусалим.
38. И ги врза големците, а братот негов Заракин го одведе во Египет.
39. А Јоаким беше на дваесет и пет години, кога стана цар над Јудеја и Ерусалим, и правеше зло пред Господа.
40. Против него излезе вавилонскиот цар, го окова во бакарни вериги и го одведе во Вавилон.
41. И откако зеде некои од свештените садови Господови, Навуходоносор ги пренесе и ги постави во своето светилиште во Вавилон.
42. Расказите за него и за неговата расипаност и нечесност се запишани во книгата на царските летописи.
43. А место него стана цар синот негов Јоаким; тој беше на осумнаесет години кога го поставија за цар.
44. Тој царуваше во Ерусалим три месеци и десет дена и правеше зло пред Господа.
45. По една година Навуходоносор испрати по него, та го однесоа во Вавилон заедно со свештените садови Господови,
46. а за цар на Јудеја и Ерусалим го постави Седекија, кој беше на дваесет и една година. Тој царуваше единаесет години.
47. И тој правеше зло пред Господа, не слушајќи ги зборовите кажани преку пророкот Јеремија од Господовата уста.
48. И бидејќи врзан од царот Навуходоносор со клетва во името Господово, тој ја наруши
клетвата, се одметна, и стана упорен и жестокосрдечен, ги погази законите на Господа, Бога Израилев.
49. Исто така и старешините народни и свештениците постапија многу нечесно, надминувајќи ги по сите нечистотии сите незнабошци, и го осквернија осветениот храм Госоподов во Ерусалим.
50. А Бог на татковците нивни испраќаше свои пратеници, повикувајќи ги да се обрнат, зашто ги чуваше и нив и своето живеалиште;
51. но тие им се смееја на неговите пратеници; во истиот ден, кога Господ им говореше, тие им се подсмеваа на пророците Негови.
52. И Он се разгневи на народот Свој поради нечесноста, па им заповеда на халдејските цареви да се кренат против нив.
53. Тие ја сотреа со меч младината нивна околу нивниот свет храм, и не ги поштедија ни младичите, ни девиците, ни старите, ни младите, туку сите беа предадени во нивни раце.
54. Ги зедоа сите свештени садови Господови, мали и големи, и садовите оф Господовиот ковчег и царските ризници, и ги однесоа во Вавилон.
55. и го запалија Господовиот дом и ги разрушија ѕидовите ерусалимски, а кулите негови со оган ги изгореа;
56. и сета велелепност ја претворија во урнатини; а избеганите, пак, од меч ги одведоа во Вавилон.
57. И тие му беа робови нему и на синовите негови сè до владеењето на Персијците, за да се исполни зборот Господов од устата на Јеремија:
58. додека земјата не ги отпразнува своите саботи, за сето време на запустувањето свое, во текот на седумдесет години, таа ќе саботничи.
2. Указ на царот Кир за обновување на храмот. Враќање на плениците и запленетите садови од храмот. Прекинување на изградбата.
1. Во првата година од царувањето на Кир персиски, за да се исполни зборот Господов од устата на Јеремија,
2. Господ го подигна духот на персискиот цар Кира, и тој објави во целото царство свое усно и писмено:
3. „Вака вели Кир, царот персиски: Господ Израилев, Господ Саваот ме постави за цар над вселената
4. и ми заповеда да Му изградам дом Ерусалим, што е во Јудеја.
5. И така, кој меѓу вас е од Неговиот народ, нека биде неговиот Господ со него, и нека оди во Ерусалим, што е во Јудеја, да Му гради дом на Господа Израилев: Он е Господ, Кој живее во Ерусалим.
6. Затоа, колку што од нив живеат наоколу, нека им помогнат месните жители со злато и сребро,
7. подарувајќи коњи и добиток и други ветени приноси за храмот Господов во Ерусалим.
8. се кранаа старешините на племињата од Јудиното И Венијаминовото колено, и свештениците, и левитите, и сите, чиј дух Господов го поттикнаа, да одат и да го градат домот Господов во Ерусалим;
9. а оние што живееја во соседството со нив, им помагаа во сè: со сребро и злато, со коњи и добиток и со многу приноси од оние, чиј дух беше поттикнат.
10. И царот Кир ги изнесе свештените садови Господови, кои Навуходоносор ги беше пренел од Ерусалим и поставил во своето светилиште.
11. А откако ги изнесе Кир, царот персиски, му ги предаде на Митридата, својот ризничар,
12. па преку него му беа предадени на Саманасара, кнез јудејски.
13. Нивниот број беше: изливки златни – илјада, изливки сребрени – илјада, сребрени кадилници – дваесет и девет, златни чаши – триесет, сребрени – две илјади и четиристотини и десет, и други садови – илјада.
14. Сите пренесени садови, сребрени и златни, беа пет илјади и четиристотини и шеесет и девет.
15. Ги однесе Сасавар и вратените со него од вавилонското ропство во Ерусалим.
16. А царувањето на Артаксеркса, цар персиски, Вилемос и Митридат, Тавелиј и Ратим, Веелтетам и писарот Самелиј и други, што се беа договориле со нив, а живееја во Самарија и на други места, му го напишаа следното писмо:
17. “До царот-господар Артаксеркс, – твоите слуги Ратим, летописец, и Самелиј, писар, и други од нивниот совет, и судиите, што се во Кили-Сирија и Феникија,
18. нека му биде сега познато на царот-господар, дека излезените од вас кај нас Јудејци, дошле во Ерусалим, во тој измамнички и сплеткарски град, му уредуваат плоштади, ги обновуваат ѕидиштата и полагаат темели на храмот.
19. И така, ако тој град беше изграден, а ѕидовите завршени, тогаш не само што нема да се
согласат да плаќаат данок, туку и ќе се кренат против царевите.
20. И бидејќи веќе почна градењето на храмот, ние најдовме за добро да не го занемариме тоа,
21. туку да му јавиме на царот-господар, нема ли да благоволиш да погледнеш во книгите на твоите татковци;
22. ќе најдеш запишано за тоа во летописните книги и ќе дознаеш, дека овој град бил предавнички и ги вознемирувал царевите и градовите,
23. а Јудејците-одметници, кои вечно правеле заговори во него, поради што и бил опустошен овој град.
24. И така те известуваме сега, цару-господару, дека, ако се изгради овој град и се обноват ѕидиштата негови, за тебе нема да има премин кон Кили-Сирија и Феникија.”
25. Тогаш царот им испрати писмен одговор на писарот Ратим, на Веелтетма и на писарот Самелија и на другите, што се беа договориле со нив и коишто живееја во Самарија, Сирија и Феникија, следново:
26. „Го прочитав писмото, што ми го испративме, и заповедав да се прегледаат книгите; и се покажа, дека овој град одамна востанува против царевите,
27. и луѓето во него креваат востанија и водат војни, и дека имало во Ерусалим силни и моќни цареви, кои владееле и собирале данок од Кили-Сирија и Феникија.
28. Затоа им заповедав сега да им забранат на тие луѓе да го градат тој град, и да се набљудува, ништо повеќе да не се прави,
29. та да немаат понатаму делата на злонамерните успех за обеспокојување на царевите.
30. Откако го прочитаа писмото од царот Артаксеркс, Ратим и писарот Самелиј и договорените со нив брзо тргнаа за Ерусалим со коњица и со народните доброволци
31. И почнаа да ги запираат оние што градеа. Така се запре градбата на ерусалимскиот храм до втората година од царувањето на Дарија, цар персиски.
3. Телохранителите на Дарија прашуваат. Одговорот на првиот телохранител.
1. Царот Дариј им приреди голема гозба на своите поданици, на своите домашни и на сите големци од Мидија и Персија,
2. и на сите сатрапи, воени началници и началници на потчинетите му земји од Индија дури до Етиопија, – во сто и дваесет и седум страпии.
3. Па јадеа, пиеја, се наситија и се разотидоа; а царот Дариј отиде во спалната своја, спиеше и подоцна се разбуди.
4. Во тоа време тројца младинци телохранители, што го пазеа телото царево, си рекоа еден на друг:
5. „Секој од нас нека каже еден збор, што е најсилно од си? И чиј збор ќе биде поумен од другите, нему царот Дариј ќе му даде големи подароци и голема награда,
6. и тој ќе се облекува во плашт, ќе пие од златни садови, ќе спие на злато, ќе се вози во кола, возена од коњи со златни узди, ќе носи на главата преврска од висон и огрлица на враторт,
7. ќе седне втор по Дарија поради својата мудрост и ќе се нарекува роднина на Дарија.”
8. И веднаш, откако го напиша секој зборот свој, го запечатија и го ставија под перницата на царот Дариј, велејќи:
9. “Кога ќе стане царот, ќе му го дадат напишаното, и за кого ќе рече царот и тројцата
персиски големци, дека зборот е поумен, нему ќе му се даде предност, како што е напишано.”
10. Еден напиша:„Од си најсилно е виното.”
11. Вториот напиша: “Најсилен е царот.”
12. Третиот напиша: “Посилни се жените, но над си однесува победа вистината.”
13. И ете, кога стана царот, му го подадоа напишаното, и тој го прочита.
14. И нареди да ги повикаат сите персиски и мидијски големци, сите сатрапи, воени началници и советници,
15. па седнаа во палатата за советување, и го прочитаа пред нив напишаното.
16. Тогаш рече: „Повикајте ги тие младичи, па нека ги објаснат овие свои зборови.” Ги повикаа и тие влегоа.
17. Царот им рече: „Објаснете ни го напишаното.” – Почна првиот, кој говореше за силата на виното, и вака рече:
18. „О мажи, колку е силно виното! Тоа доведува до помрачување на умот на сите, што го пијат;
19. и тоа го узедначува умот на царот и на сиромавиот, на робот и слободниот, на бедниот и богатиот;
20. тоа претвора секој ум во радост и веселба, па човек заборава секаква жалост и секаков долг,
21. и сите срца ги прави тоа богати, така што никој не мисли ни за царот, ни за сатрапот, а секого го принудува да говори за своите таланти.
22. Кога ќе се напијат, го забораваат пријателството кон пријателите и браќата, па веднаш вадат нож,
23. а кога ќе отрезнат од виното, не помнат што правеле.
24. О мажи, нели е од си најсилно виното, штом тера на такви постапки?” И откако го кажа тоа, молкна.
4. Одговор на вториот телохранител. Одговор на третиот телохранител – Зоровавел. Молба на Зоровавела за плениците и за храмот. Писмото на Дарија.
1. Почна да говори вториот, што беше рекол за силата на царот. Тој рече;
2. „О мажи, нели се силни луѓето, кога владеат со земјата и морето и со си што е во нив?
3. Но царот ги надминува, владее над нив и им заповеда, и во сè, што и да им каже, тие му се покоруваат.
4. Ако каже да се спротистават еден спроти друг, тие го извршуваат тоа; ако ги испрати против непријатели, тие одат и соборуваат планини, карпи и кули,
5. и убиваат и биваат убивани, но не го погазуваат царскиот збор; ако победат, пак, му донесуваат на царот сè што ќе запленат, и си друго.
6. И оние, што не одат во војна и не се борат, а ја работат земјата, по сеидбата, откако ше ја соберат жетавата, и тие му носат на царот
7. и, поттикнувајќи се еден со друг, му принесуваат данок на царот.
8. Тој е само еден; ако каже да се убива – убиваат; ќе рече ли да се прости – проштеваат; ќе каже ли да се бијат – бијат;
9. ќе каже ли да се опустошува – опустошуваат; ќе каже ли да се гради – градат; ќе каже ли да се исече – сечат; ќе каже ли да се насади – насадуваат;
10. и сиот народ негов и војската негова нему му се покорува. Освен тоа, тој седи на трпезата, јаде, пие и спие,
11. а тие чуваат околу него, и никој не може да се оддалечи и да ги гледа своите работи, и не смеат да му бидат непослушни.
12. О мажи, нели е од сите работи најсилен царот, кога така му се покоруваат?” – И замолча.
13. Третиот, пак, кој беше рекол за жените и за вистината, – тој беше Зоровавел, – и почна да говори:
14. „О мажи, голем е царот, големи се и многу луѓе, и моќно е виното. Но кој господари над нив и ги владее? Нели жените?
15. Жени го родиле царот и сиот народ, кој владее со морето и земјата;
16. од нив се родени и од нив се одгледани оние, што садат лозја, од кои се прави вино;
17. тие прават облека за луѓето и снабдуваат украси за нив, и луѓето не можат без жени.
18. Ако мажите соберат злато и сребро и секакви скапоцености, и потоа видат жена добролична и убава,
19. оставаат си и се спуштаат кон неа и ја гледаат со отворена уста, и сите се прилепуваат кон неа повеќе, отколку кон златото и среброто и кон секоја скапоценост.
20. Човекот го остава таткото свој, кој го воспитувал, и земјата своја и се прилепува кон жената своја,
21. при жената своја останува до смртта и заборава и татко, и мајка, и земјата своја.
22. Од тоа треба да разберете дека жените владеат над нас. Не преземате ли тешки работи, нели се трудите и се мачите, не принесувате ли и не давате ли сè за жената?
23. Го зема човекот мечот свој и излегува по патиштата да граби и краде, готов е да плови по море и по реки,
24. лав сретнува и во темнина талка; но ако украде, одвлече или ограби нешто, ѝ го носи на саканата своја.
25. И човекот повеќе ја сака жената своја, отколку таткото и мајката.
26. Многумина полудувале поради жени и станувале робови преку нив.
27. Многумина загинале и пропаднале и згрешиле преку жени.
28. Зар сега нема да ми поверувате? Нели е голем царот со власта своја? Нели сите земји се плашат да се допрат до него?
29. Јас го видов него и Апамина, ќерката на славниот Вартака, царева наложница, како седи десно од царот;
30. таа ја симнуваше круната од главата на царот и си ја ставаше, а со левата рака го удираше царот по усните.
31. И покрај сето тоа царот ја гледаше со отворена уста: ако таа му се насмевне, се насмевнува и тој; а ако, пак, му се налути, тој ја милува, за да биде добар со неа.
32. О мажи, како да не бидат силни жените, кога прават така?”
33. Тогаш царот и големците се погледнаа еден со друг, а тој почна да говори за вистината, па рече:
34. „О мажи, нели се силни жените? Голема е земјата и високо е небото, и брзо е сонцето во својот од, зашто за еден ден го обиколува небесниот круг и пак се враќа на местото свое.
35. Нели е Голем Оној, кој го прави тоа? И вистината е поголема и посилна од си.
36. Целата земја ја повикува вистината, и небото ја благословува, и сите работи се сретнуваат и треперат пред неа. И во неа нема неправда.
37. Неправедно е виното, неправеден е царот, неправедни се жените, неправедни се и сите човечки синови, па и сите нивни работи се такви: нема вистина во нив и тие ќе загинат во неправдата своја;
38. а вситината победува и останува силна засекогаш, и живее и владее од века до века.
39. Во неа нема пристрасност и разликување: таа го врши она што е праведно, одбегнувајќи си што е неправедно и лошо, и сите ги одобруваат нејзините работи.
40. Во нејзиниот суд нема ништо криво; таа е сила, и царство, и власт и величие во сите векови; блгословен да е Бог на вистината!”
41. И престана да говори. И сите тогаш викнаа и рекоа:„Голема е вистината и најсилна е од си.”
42. Тогаш царот му рече: „Барај што сакаш, повеќе од напишаното, и ќе ти дадам, бидејќи ти се покажа најмудар; ти ќе седиш до мене и ќе се нарекуваш мој роднина.”
43. Тогаш тој му рече на царот: „Сети се на ветувањето, што го даде во оној ден, кога го прими царството свое, дека ќе го изградиш Ерусалим,
44. и ќе ги вратиш сите садови, земени од Ерусалим што Кир ги беше однел, кога даде завет за да го разурне Вавилон, и вети дека ќе ги испрати таму.
45. А ти вети да го подигнеш храмот, што го беа изгореле Идумејците, кога Халдејците ја опустошила Јудеја.
46. И за истото тоа сега те молам, цару господару, те молам, и во тоа е твојата големина: те молам да го исполниш ветувањето, кое со устата своја му го вети на Небесниот Цар дека ќе го исполниш.”
47. Тогаш царот Дариј стана, го бакна и напиша писмо до сите управници и обласни началници и воени началници и сатрапи – да го пуштат, а со него заедно и сите, што одат да го градат Ерусалим.
48. Исто така напиша писмо до сите месни началници во Кили-Сирија и Феникија и до оние во Ливан – да довезуваат од Ливан во Ерусалим кедрово дрво и да му помагаат да го изгради градот.
49. Напиша да бидат слободни и сите Јудејци, кои тргнуваат од царството за Јудеја, та никој од властите, – заповедник, сатрап и управител, да не оди до вратата нивна,
50. туку целата земја, со која тие владеат, да биде ослободена од данок, и Идумејците да ги остават јудејските села со кои владеат;
51. исто така, за градење на храмот секоја година да се дава по дваесет таланти, додека не биде изграден;
52. и за принесување на жртвеникот секојдневни сепаленици, освен одредените седумнаесет, се даваше уште по десет таланти годишно;
53. и сите, што одат во Вавилон, да имаат слобода да го градат градот, како тие, така и потомците нивни и сите свештеници, што ќе отидат.
54. Напиша исто така и за издршката и за службената облека на свештениците.
55. Напиша да им се дава издршка и на левитите до оној ден, кога ќе се заврши храмот и ќе се изгради Ерусалим;
56. и на сите, што го чуваат градот, порача да им се дава плата и храна.
57. Ги отстапи и сите садови, што Кир ги беше земал од Вавилон; и сè, што беше заповедал Кир да се направи, тој заповеда да се изврши и испрати во Ерусалим.
58. И кога излезе младичот, го крана лицето кон небото спроти Ерусалим, Му заблагодари на Царот Небесен и рече:
59. „Од Тебе победа, од Тебе мудрост, и Твоја е славата, и јас сум пак Твој слуга.
60. Благословен си Ти, Кој ми подари мудрост, и Ти блогодарам, Господи, Боже на татковците наши.”
61. И откако ги зеде писмата, тргна и отиде во Вавилон, и им јави на сите браќа свои.
62. И тие Му заблагодарија на Бога на татковците нивни, поради тоа што им подари слобода и одобрение
63. да одат и да го градат Ерусалим и храмот, наречен според името Негово. И ликуваа со музика и веселба седум дена.
5. Враќање на плениците и нивното пребројување.
1. Потоа беа избрани, за да тргнат, родоначалниците според колената на племињата нивни, и жените нивни, и синовите нивни, и ќерките нивни, и слугите нивни, и слугинките нивни со добитокот нивни.
2. Дариј испрати со нив илјада коњаници, за да ги одведат со мир во Ерусалим, со свирки, со тимпани и труби.
3. И сите нивни браќа се радуваа, и царот им дозволи да одат заедно.
4. Еве ги имињата на мажите, што отидоа, според родовите нивни во колената по нивното старешинство:
5. свештениците, синови Финесови, синови Аронови; Исус, син Јоседеков, Сареев син, и Јоаким, син на Зоровавела, Салатиилев син, од Давидовиот дом, од родот на Фареса, а од Јудиното колено,
6. оној што ги кажа пред персискиот цар Дариј мудрите зборови во втората година од царувањето негово, во месецот Нисан, првиот месец.
7. Еве ги Јудејците, излезени од преселничкото пленство, што ги пресели во Вавилон Навуходоносор, вавилонскиот цар,
8. и кои се вратија во Ерусалим и во другите места на Јудеја, секој во својот град, а што излегоа со Зоровавела и со Исуса, Неемија, Зареја, Рисеја, Енинеја, Мардохеја, Веелсара,
Асфараса, Реелија, Роима, Ваана – нивни началници.
9. Бројот на народот со началниците негови: синови Фаросови – две илјади и сто и седумдесет и двајца; синови Сафатови – четиристотини и седумдесет и двајца;
10. синови Аресови – седумстотини и педесет и шест;
11. синови Фат-Моавови, заедно со Исусовите и Јоавовите синови – две илјади и осумстотини и дванаесет;
12. синови Иламови – илјада и двесте и педесет и четири; синови Затуеви – деветстотини и седумдесет и пет; синови Корвеови – седумстотини и пет; синови Ваниеви – шестотини четириесет и осум;
13. синови Виваеви – шестотини и триесет и три; синови Садасови – триста илјади и триста и дваесет и двајца;
14. синови Адоникамови – шестотини и триесет и седум; синови Вагоеви – две илјади и шестотини и шест; синови Адинови – четиристотини и педесет и четири;
15. синови Атирезекиеви – деведесет и двајца; синови Киланови и Азитасови – шеесет и седум; синови Азуранови – четиристотини и триесет и двајца;
16. синови Ананиеви – сто и еден; синови Аромови – триесет и двајца; синови Васаеви – триста и дваесет и тројца; синови Арсифуритови – сто и двајца;
17. синови Метируви – три илјади и пет; синови Ветоломонски – сто и дваесет и тројца;
18. од Нетофас – педесет и пет; од Анатот – сто и педесет и осум; од Ветасмос – четириесет и двајца;
19. од Каријатиарија – дваесет и пет; од Кафир и Вирот – седумстотини и четириесет и тројца; од Пир – седумстотини;
20. Хадијасејци и Амидејци – четиристотини и дваесет и двајца; од Кирам и Гавис – шестотини и дваесет и еден;
21. од Макалон – сто и дваесет и двајца; од Витолија – педесет и двајца; синови Нифисови – сто и педесет и шест;
22. синови Каламолалови и Онусови – седумстотини и дваесет и пет; синови Јерехови – двесте четириесет и пет;
23. синови Анаасови – три илјади и триста и еден.
24. Свештеници, синови Једуеви, син Исусов, заедно со синовите Синасивови – деветстотини и седумдесет и двајца; синови Мируфови – илјада и педесет и двајца;
25. синови Фасарови – илјада и четириесет и седум; синови Хармиеви – илјада и седумнаесет.
26. Левити, синови Исусови, Кадмиилови, Вануеви и Судиеви – седумдесет и четири.
27. Свештенопевци, синови Асафови – сто и четириесет.
28. Вратари, синови салумови, синови Атарови, синови Толманови, синови Дакуеви, синови Титаеви, синови Самиеви сите сто и триесет и девет.
29. Служители при храмот, синови Исавови, синови Асифови, синови Татваотови, синови Кирасови, синови Судови, синови Фалееви, синови Лаванови, синови Аграваеви,
30. синови Акуеви, синови Утаеви, синови Китавови, синови Агаваеви, синови Сиваеви, синови Ананови, синови Кадуаеви, синови Гедурови,
31. синови Јаирови, синови Десанови, синови Ноиваеви, синови Хасеваеви, синови Газираеви, синови Озиеви, синови Финоеви, синови Асраеви, синови Вастаеви, синови Меаниеви, синови Нафисаеви, синови Акувови, синови Акифаеви, синови Асурови, синови Фаракимови, синови Васалотови,
32. синови Меедаеви, синови Кутаеви, синови Харееви, синови Харкусови, синови Асирариеви, синови Томиеви, синови Наситови, синови Атифаеви,
33. синови на слугите Соломонови, синови Асапфионови, синви Фарираеви, синови Јелиеви, синови Лозонови, синови Издаилеви, синови Сафитеви,
34. синови Агиеви, синови Фахаретови, синови Савиеви, синови Саротиеви, синови Масијоисови, синови Гафофи, синови Адусови, синови Сувисови, синови Афераеви, синови Вародисови, синови Сафатови, синови Аломови;
35. сите свештенослужители при храмот и синовите на Соломоновите слуги – триста и седумдесет и двајца.
36. Еве ги излезените од Термелот и Телерсас: нивниот водач – Хараталар и Алар, –
37. но тие не можеа да ги покажат своите наследници и родови, дека се од Израилот, – синови Ладанови, синови Ванови и синови Некоданови – шестотини и педесет и двајца.
38. Имаше и свештеници, што вршеа свештена служба, но во описот не се најдоа: синовите Авдиеви, синовите Акосови, синовите на Јаду, кој беше женет за Авгија, ќерка на Верзелија, та се нарекуваше со негово име.
39. А бидејќи родословната книга нивна, кога беше побарана, не се најде во описот, тие беа одвоени од свештенството.
40. Тогаш им рече Неемија и Атарија, да не учествуваат во светињите, додека не се издигне свештеник, облечен со урим и тумим.
41. А сите Израилци од дванаесет години и нагоре, освен слугите и слугинките, беа четиресет и две илјади и триста и шеесет; нивни слуги и слугинки – седум илјади и триста и четириесет и седум; певци и псалмопевци – двесте четириесет и пет.
42. Камили – четиристотини и четириесет и пет, коњи – седум илјади и триесет и шест, маски – двесте и четириесет и пет, работен добиток – пет илјади и петстотини и дваесет и пет.
43. Некои од родоначалниците, кога дојдоа при Божјиот храм во Ерусалим, дадоа завет дека ќе го издигнат овој дом на местото негово според силата своја
44. и дека ќе внесат во храмовата ризница за градбата илјада мнаси злато, пет илјади мнаси сребро и сто свештенички одежди.
45. И се населија свештениците и левитите и некои од народот во Ерусалим и областите
негови, а свештенопевците и вратарите и сиот Израил – по своите села.
46. А кога настана седмиот месец, и синовите Израилеви веќе беа сите по имотите свои, се собраа еднодушно сите на отворено место при првите порти на исток.
47. Тогаш стана Исус, син Јоседеков, и браќата негови, свештеници, и Зоровавел, син Салатиилев, и браќата негови, и изградија жртвеник на Бога Израилев,
48. за да принесуваат на него сепаленици, како што е заповедано во книгата на Мојсеја, Божјиот човек.
49. Се собраа при нив и од други народи, кави што имаше во онаа земја, и изградија жртвеник на свое место, зашто беа во непријателство со нив, и ги надвладуваа сите народи, какви што ги имаше во таа земја; и тие своевремено примесуваа жртви и сепаленици на Господа, утрени и вечерни.
50. И го празнуваа празникот Сеници како што заповеда законот, принесувајќи секојдневни жртви, како што требаше,
51. и потоа, – непрестајни приноси и жртви саботни, новомесечни и на сите свети празници.
52. И сите, што му беа дале на Бога завет од новомесечието на седмиот месец почнаа да Му
принесуваат на Бога жртви, макар што храмот уште не беше дограден.
53. И им даваа пари на каменоресците и дрводелците, и пиење и храна, и коли на Сифонците и Тирците, за да превезуваат од Ливан кедрово дрво, поставувајќи ги на салови во Јопијското пристаниште, според заповедта, дадена на нив од персискиот цар Кир.
54. А на втората година, во вториот месец, по пристигањето при Божјиот храм во Ерусалим,
Зоровавел, синот Салатиилев, и Исус, синот Јоседеков, и браќата нивни, и свештеници и левити и сите, што беа дошле од пленство во Ерусалим,
55. ја поставија основата на Божјиот храм во новомесечието на вториот месец, во втората година по пристигнувањето нивно во Јудеја и Ерусалим,
56. и поставија дваесетгодишни левити за службите Господови. И застана Исус, синовите негови и браќата негови, и братот Кадмиил, и синовите Мадијавунови, и исновите на Јода, син Илјадуев, со синовите и браќата, – сите левити, поттикнувајќи еднодушно кон службите во Господовиот дом. И градителите го изградија храмот на Господа.
57. Тогаш застанаа свештениците во одежди со свирки и со труби, и левитите, синови Асафови, со кимвали, благословувајќи Го Господа и прославувајќи Го според уредбата на Давида, царот израилски,
58. и возгласуваа во песни, прославувајќи Го Господа, дека Неговата благост и слава се вечни над сиот Израил.
59. И сиот народ трубеше и викаше со силен глас, фалејќи Го Господа, дека домот Господов се обновил.
60. А постарите свештеници, левитите и родоначалниците што го беа виделе поранешниот храм, дојдоа сега при градењето со плачење и голем восклик,
61. мнозина пак – со труби и со силни – радосни извици,
62. така што народот не ги слушаше трубите поради викањето на луѓето, иако собирот трубеше силно, па се слушаше надалеку.
63. Слушнаа непријателите на Јудиното и Венијаминовото колено и дојдоа да дознаат, што значи тој трубен звук.
64. И дознаа, дека вратените од пленство Му градат храм на Господа, Бога Израилев.
65. И дојдоа при Зоровавела, при Исуса и при родоначалниците и им рекоа: „Ќе градиме и ние со вас;
66. зашто и ние како вас Го слушаме вашиот Господ и Му принесуваме жртви од дните на асирскиот цар Асвасарета, кој нè пресели овде.”
67. Тогаш Зоровавел, Исус и началниците на Израилевите племиња им рекоа: “Со вас нема да Го градиме домот на Господа, нашиот Бог;
68. ние сами ќе Му го градиме на Господа, Бога Израилев, според она како што ни заповеда Кир, царот персиски. “
69. Тогаш народите на таа земја, откако ги нападнаа оние што живееја во Јудеја и ги опседнуваа, им пречеа на градењето,
70. и, одвлекувајќи го народот со подмолност и предизвикувајќи бунтови, попречуваа да се доврши градбата за сето време, додека беше жив царот Кир, и ја
6. Пророците Агеј и Захарија му помагаат на Зоровавела. Писмото од Сисиниј до Дарија. Указот на Дарија.
1. На втората година од царувањето на Дарија Агеј и Захарија, синот Адов, пророци, им пророкуваа на Јудејците, што беа во Јудеја и Ерусалим, од името на Господа, Бога Израилев.
2. Тогаш стана Зоровавел, синот Салатиилев, и Исус, синот Јоседеков, и почнаа да го градат Господовиот дом во Ерусалим, во присуство на Господовите пророци, кои им помагаа.
3. Во тоа време дојде при нив Сисиниј, војводата на Сирија и Феникија, и Сатравузан и другарите нивни, та им рекоа:
4. „Со чија дозвола вие го градите овој дом и овој покрив и сè друго што правите? И кои се градителите, што го вршат тоа?
5. Но Јудејските старешини најдоа милост кај Господа, Кој се смилува над пленството,
6. и не им забранија да градат, додека не му јават за нив на Дарија. И добија одговор.
7. Еве препис од писмото, што го напиша Сисиниј и што му го испрати на Дарија: „Сисиниј, војводата на Сирија и Феникија, и Стравузен и другарите, началници во Сирија и Феникија, до царот Дарија – поздрав.
8. Да му биде сè познато на нашиот цар – господар, дека, кога дојдовме во Јудејската
област и влеговме во градот Ерусалим, ги најдовме таму вратените од пленство јудејски старешини,
9. коишто Му градат нов голем дом на Господа од скапи делкани камења, ставајќи во ѕидовите и дрво;
10. тие работи ги вршат од сè срце, и работата непредува успешно во рацете нивни и се врши со голема убавина и грижа.
11. Тогаш ги прашавме тие старешини, велејќи: »По чија заповед го градите овој дом и ги правите овие работи?«
12. Ете, и ние ги прашавме, за да ти јавиме и да ти напишеме за нивните началници, и побаравме од нив список на имињата на водачите нивни.
13. А тие ни одговрија: »Ние сме слуги на Господа, Кој го создал небото и замјата.
14. Овој дом многу години пред тоа бил граден од голем и силен цар израилски, и бил завршен.
15. Но бидејќи татковците наши Го разгневиле со гревовите свои небесниот Господ Израилев, Он ги предаде во рецете на Навуходоносор, царот вавилонски, цар на Халдејците.
16. Тие го разрушиле и го изгореле овој дом, а народот го одвеле во пленство во Вавилон.
17. Но во првата година по зацарувањето на Кира над Вавилонската земја, царот Кир заповеда да се изгради овој дом.
18. И свештените садови, златни и сребрени, што Навуходоносор ги беше изнел од ерусалимскиот храм и ги поставил во своето светилиште, царот Кир пак ги земал од светилиштето вавилонско и му ги предал на кнезот Зоровавел и Санавасар.
19. Ним им било заповедано да ги однесат сите тие садови и да ги постават во ерусалимскиот храм и да изградат храм Господов на местото негово.
20. Тогаш Санавасар дошол и поставил темели на Господовиот храм во Ерусалим, и оттогаш досега се гради и не е довршен.«
21. Затоа, цару, ако благоволиш, нека побараат во книгохранилиштата на царот Кир,
22. и ако се најде, дека градењето на Господовиот дом во Ерусалим се вршело по волјата на царот Кир, и ако му биде пријатно на нашиот цар-господар, нека ви се јави заради знаење. “
23. Тогаш царот Дариј заповеда да бараат по летописните книги вавилонски, и најдоа во Екбатан, град во Мидијска област, едно место со еден историски запис, каде што беше запишано:
24. Во првата година на Кировото царување, цар Кир заповеда да се изгради домот Господов во Ерусалим, каде што принесуваат жртви на оган, што не се гасне.
25. Висината на храмот – шеесет лакти, широчината – шеесет лакти, со три згради од делкан камен и со една од домашно дрво, а трошоците да паднат на домот на цар Кир;
26. и свештените садови на Господовиот дом, златни и сребрени, што Навуходоносор ги изнел од ерусалимскиот дом и ги пренел во Вавилон, да се вратат во ерусалимскиот дом, за да се постават таму, каде што биле.
27. Му заповеда исто така на Сисиниј, војводата на Сирија и Феникија, и на сатравузана и другарите негови и на поставените од Сирија и Феникија началници, да се држат на страна од тоа место и да ги остават Господовиот слуга Зоровавела, кнез јудејски, и старешините јудејски да го градат овој Господов дом на местото негово.
28. Јас заповедав да се изѕида совршено и да се гледа, на вратените од пленство Јудејци да им се укажува помош, додека конечно да се заврши домот Господов,
29. и од даноците на Кили-Сирија и Феникија да им се дава редовно на тие луѓе, преку кнезот Зоровавела, за жртви на Господа, за телци, овни и јагниња.
30. Исто така постојано секоја година без приговор да се дава пченица, сол, вино и елеј, како што ќе кажат свештениците, што се во Ерусалим, колку се троши секој ден;
31. за да Му принесуваат на Севишниот Бог жртви за царот и дацата негови и да се молат за
животот нивни.
32. Притоа да се разгласи дека, ако некој престапи или наруши нешто од напишаното, да се
земе дрво од негова сопственост, и да биде обесен на него, а имотот негов да стане царски.
33. За тоа Господ, Чие име се призовува таму, да го погуби секој цар и народ, што ќе подаде рака да се попречи или да му се направи некакво зло на тој Господов дом во Ерусалим.
34. Јас, цар Дариј, наредив да биде токму така.”
7. Завршување и осветување на храмот. Празнување на Пасха и Бесквасници.
1. Тогаш Сисиниј војводата на Кили-Сирија и на Феникија, и Ситравузан и другарите нивни, следејќи го заповеданото од царот Дарија,
2. го зедоа при срце светото дело, помагајќи им на старешините и на свештеноначалниците јудејски.
3. И светото дело напредуваше успешно, при пророштвата на пророците Агеј и Захарија.
4. И завршија сè по заповедта на Господа, Бога Израилев, и по волјата на Кира, Дарија и Артаксрекса, цареви персиски.
5. Сè заврши светиот дом на дваесет и третиот ден на месецот Адар, во шестата година на царот Дариј.
6. И синовите Израилеви, свештениците, левитите, и другите, кои се вратија од пленство, што беа поставени при храмот, извршија сè според напишаното во Мојсеевата книга.
7. И принесоа жртва за обновување на храмот Господов сто вола, двесте овни, четиристотини јагниња,
8. дванаесет козли за гревовите на сиот Израил, според бројот на дванаесетте колена Израилеви.
9. А свештениците и левитите стоеја по родовите во одежди при службата на Господа, Бога Израилев, согласно со Мојсеевата книга, и вратарите при секоја врата.
10. И вратените од пленство синови Израилеви правеа Пасха во четиринаесеттиот ден на првиот месец, откако се очистија свештениците и левитите заедно.
11. А исто така и сите синови од пленството, бидејќи се очистија: сите Левити се очистија заедно.
12. Па заклаа пасхални јагниња за сите синови од пленството, за браќата свои, свештеници, и за себеси.
13. па пајдеа синовите Израилеви, вратени од пленство, сите што се отклонија од гнасотиите на народите од онаа земја и го побараа Господа.
14. И Го празнуваа празникот Бесквасници седум дена, радувајќи се пред Господа,
15. затоа што Он го сврте кон нив срцето на асирскиот цар, за да ги поткрепи рацете нивни за службите на Господа, Бога Израилев.
8. Делото на Ездра. Царскиот указ на Артаксеркса. Список на вратените од пленство. Предавање на светите садови во храмот. Многумина го нарушуваат Божјиот закон. Скрбта и молитвата на Ездра. Поправување и очистување на народот
1. По тие настани, во царувањето на персискиот цар Артаксеркс, дојде Ездра, син Саиев, Езеиев, Хелкиев, Салумов,
2. Садуков, Ахитов, Амариев, Езиев, Мемеротев, Зариев, Сауиев, Ависумов, Финесов, Елеазаров, син на Арона првосвештеникот.
3. Тој Ездра дојде од Вавилон како учен, кој го знаеше законот Мојсеев, даден од Господа, Бога Израилев,
4. и царот му направи чест, бидејќи тој се здоби со благоволение негово за сите свои молби.
5. дојдоа со него во Ерусалим и некои од синовите Израилеви, од свештениците и левитите, свештенопевците и вратарите и служителите при храмот,
6. на седмата година од царувањето на Артаксеркса, во петтиот месец на истата седма година од царувањето; зашто, откако излегоа од Вавилон во новомесечието во првиот месец, тие стигнаа во Ерусалим, по даденото им од Господа успешно патување, во новомесечието на петтиот ден.
7. А Ездра водеше голема грижа, ништо да не пропушти од законот Господов и од заповедите, та да го научи сиот Израил на наредбите и судбините.
8. Дојде и следнава писмена заповед, дадена од царот Артаксеркс на Ездра, свештеник и толкувач на Господовиот закон:
9. „Царот Артаксеркс до Ездра, свештеник и толкувач на Господовиот закон, поздрав.
10. Откако размислив човекољубиво, заповедав, оние што доброволно сакаат од јудејскиот народ и свештениците и левитите, кои се во нашето царство, нека одат заедно со тебе во Ерусалим.
11. Тие, што сакаат, нека се соберат и одат, според она како што просудив јас и моите седум најблиски советници;
12. нека видат, што се прави во Јудеја и Ерусалим согласно со законот Гопсодов,
13. и да Му однесат во ерусалим дарови на Господа Израилев, што ги ветив јас и моите блиски, и секакво злато и сребро, што се наоѓа во земјата Вавилонска, за Господа во Ерусалим, заедно со даденото од народот за храмот на нивниот Господ Бог, Кој е во Ерусалим,
14. и заедно со златото и среброто – за волови, овни, јагниња и за друго, што се однесува на тоа,
15. за да се принесуваат жртви на Господа врз жртвеникот на нивниот Господ Бог во Ерусалим.
16. И сè, што и да побараш со браќата свои да направиш со тоа злато и сребро, прави според волјата на твојот Бог.
17. И свештените садови Господови, дадени на тебе за употреба во храмот на твојот Бог во Ерусалим, постави ги пред Господа, твојот Бог.
18. И друго, што ти е потребно за храмот на твојот Бог, давај од царското сокровиште.
19. И ете, јас, цар Артаксеркс, заповедав на ковчежниците во Сирија и Феникија, сè, што ќе посака Ездра, свештеникот и читец на законот на Бога Севишниот, редовно да му даваат – дури до сто таланти сребро;
20. исто така и пченица до сто кори и вино – до сто мери.
21. И сè друго по законот Божји грижливо да Му се принесува на Бога Севишни, за да не падне во грев на царството на царот и на синовите негови.
22. И уште ви велам, да не се зема никаков данок или друга давачка од некои свештеници и левити, свештенопевци и вратари, служители на храмот и писарите на тој храм, и никој да
нема власт да им наложува што и да било.
23. А ти, Ездра, со мудроста Божја, постави началници и судии по цела Сирија и Феникија, оние што го знаат законот на твојот Бог, а кои не знаат, поучувај ги;
24. и сите оние, што го газат законот на твојот Бог, или царскиот закон, бездруго нека бидат казнети – било со смрт, или со телесна казна, било со парична глоба, или со прогонување.«
25. Тогаш учениот Ездра рече: »Благословен Единиот Господ Бог на татковците мои, Кој вложи во срцето на царот да го прослави домот негов во Ерусалим.
26 И Кој ме почита пред царот и пред советниците и пред сите негови блиски и големци,
27. така што јас се охрабрив со помошта на Господа, Бог мој, и ги собрав мажите израилски, за да одат со мене.
28. И еве ги началниците според родовите нивни и по старешинство, што излегоа со мене од Вавилон за време на царувањето на цар Артаксеркс:
29. од синовите Финеесови – Гирсон; од синовите Итамарови – Гамалил; од синовите Давидови – Латус, син Сехениев;
30. од синовите Форосови – Захарија, и со него се запишаа сто и педесет души;
31. од синовите Фат-Моавови – Елиаонија, син Зареов, и со него двесте души;
32. од синовите Затоеви – Сехенија, син Езелиев и со него триста души; од синовите Адинови – Овит, син Јонатуев, и со него двесте и педесет души;
33. од синовите Иламови – Јесија, син Готолиев, и со него седумдесет души;
34. од синовите Сафатиеви – Зараија, син Михаилов, и со него седумдесет души;
35. од синовите Јоавови – Авадија, син Језилов, и со него двесте и дванаесет души;
36. од синовите Ваниеви – Асалимот, син Јосафиев, и со него сто и шеесет души;
37. од синовите Вавиеви – Захарија, син Виваев, и со него дваесет и осум души;
38. од синовите Астатови – Јоан, син Акатонов, и со него сто и десет души;
39. од синовите Адоникамови излегоа последни од нив; еве ги имињата нивни: Елифала, син Јеуилев, и Самеј, и со нив седумдесет души;
40. од синовите Вагоеви – Утиј, син Истакуров, и со него седумдесет души;
41. Ги собраа кај реката, наречена Теран, каде што останавме три дена, и јас ги прегледав.
42. И откако не најдов таму никого од свештениците и левитите,
43. испратив од Елеазара, Идуила, Маасамана, Алнатана, Мамеја, Самеја, Јорива, Натана, Енатана, Захарија и Месулама, водачи и учени,
44. и им реков да одат при Додеа, чувар на ризницата,
45. и им заповедав да му кажат на Додеја и на браќата негови и на оние, што се во месноста Касифја, да ни испратат свештеници за домот на Господа, Бог наш.
46. И тие ни доведоа, со моќната рака на Господа, нашиот Бог, учени мажи од синовите на
Мооли – син Левиев, син Израилев: Асевевија и синовите негови и браќата негови -осумнаесет души;
47. Асевија, Ануја, и Осеја братот од синовите Ханунееви, и синовите нивни – дваесет души;
48. и од служителите на храмот, што беше дал Давид и началниците да им служат на левитите – двесте и дваесет служители, со список на имињата од сите.
49. Таму објавив пост пред Господа, Нашиот Бог,
50. за да измолиме од Бога успешен пат за нас и за нашите сопатници, за децата наши и за добидокот,
51. бидејќи ми беше срам да барам од царот пешаци и коњаници и водачи за безопасност од нашите непријатели;
52. бидејќи му бевме рекле на царот, дека силата на нашиот Господ ќе биде со оние, што Го бараат, во секоја нивна добра замисла.
53. И така, ние пак Му се помоливме на Господа, нашиот Бог, и за сето тоа и добивме од Него голема милост.
54. Тогаш одделив од родоначалниците и свештениците дванаесет души, Есеревија и Самија, и со нив од браќата нивни десет души.
55. И го измерив пред нив среброто и златото и свештените садови од домот на нашиот Господ, што ги подари царот и советниците негови и големците и сите Израилци.
56. Го измерив и им предадов сребро шестотини и педесет таланти, и злато – сто таланти, садови златни – дваесет, садови бакарни, од првокласен бакар, блескави како злато – дванаесет.
57. И им реков: »И вие сте свети пред Господа, и овие садови се свети, како и златото и среброто, дадено по завет на Господа, Бог на татковците наши.
58. Одржувајте ги и чувајте ги, додека да ги предадете на постарите свештеници и левитите и родоначалниците Израилски во Ерусалим, во ризницата при домот на нашиот Бог.
59. Свештениците и левитите го примија среброто, златото и садовите за Ерусалим и ги внесоа во храмот Господов.
60. Откако се кренавме од реката Теран во дванаесеттиот ден на првиот месец, ние одевме за Ерусалим под моќната рака на Господа над нас, и Он не чуваше, откако тргнавме, од секаков непријател, и стигнавме во Ерусалим.
61. Тука, откако измина три дни, на четвртиот ден измереното сребро и злато беше предадено во домот на нашиот Господ на свештеникот Мармора, син Уриев.
62. Со него беше Елеазар, Финесовиот син; со него беа исто така Јосавад, Исусовиот син, и Моет, син Саваниев, левити; предадоа сè под број и мерка; целата мерка во истото време им беше запишана.
63. Тогаш дојдените од пленство му принесоа жртва на Бога Израилев, дванаесет вола за сите Израилци, деведесет и шест овни, седумдесет и две јагниња, дванаесет козли за спасение: сето тоа – како жртва на Господа;
64. и им ги предадовме царските заповеди на управителите и началници на Кили-Сирија и Фенекија, и тие му оддадоа почит на народот и храмот Господов.
65. Кога заврши тоа, дојдоа при мене началниците и рекоа:
66. »Народот Израилски и началниците, и свештениците, и левитите не се одделија од другоплемените народи на таа земја и од нивните нечистотии, од народите Хананејски, Хетејски, Ферезејски, Јевисејски, Моавски и Идумејски;
67. зашто стапија во сопружништво со ќерките нивни, та светското семе го смешаа со другоплемени народи на таа земја; водачите нивни и големците станаа соучесници во тоа беззаконие од самиот почеток.«
68. Штом го чув тоа, ја раскинав облеката своја и свештените одежди и ги кубев косите свои на главата и брадата, и седев загрижен и натажен.
69. И додека тагував поради тоа беззаконие, се собраа кај мене сите, што беа поттикнати од словото на Господа, Бога Израилев, и јас седев нажален до вечерната жртва.
70. Тогаш станав од моето место и со раскината облека и раскинати свештени одежди паднав на колена, и подадов раце кон Господа и реков:
71. »Господи, се срамувам и се гнасам пред лицето Твое,
72. зашто гревовите наши стигнаа до над главите наши, и безумствата наши стигнаа до небото;
73. уште од времињата на татковците наши и до денес ние сме во голем грев;
74. и за гревовите наши и на татковците наши, ние со браќата свои, царевите свои и свештениците свои бевме фрлени под мечот на другоземни цареви, во пленство и грабеж со понижување сè до денес.
75. Но сега каква голема милост ни направи Ти, Господи Боже, кога ни остави корен и име на местото каде што е Твојата светиња,
76. кога ни откри светило, во домот на Господа, нашиот Бог, кога ни даде прехрана во текот на нашето робување! И додека бевме во ропство, Господ, нашиот Бог, не нè заборави,
77. туку нè постави во благоволение при персиските цареви, за да ни дадат прехрана
78. и да го прослават храмот на нашиот Господ, та да биде подигнат опустошениот Сион и нам да ни биде дадена поткрепа во Јудеја и Ерусалим.
79. А сега, што да кажеме, Господи, имајќи го сето тоа? Ние ги погазивме Твоите заповеди, што ни ги даде преку раката на Твоите слуги – пророците, велејќи:
80. Земјата во која одите, за да ја наследите, е осквернета од гнасотиите на другоплемениците во таа земја, и тие ја наполнија со нечистотиите свои.
81. Сега не ги давајте ќерките свои за синовите нивни, ниту земајте ќерки нивни за синовите свои,
82. и не барајте мир со нив за сето време, за да се зацврстите и да ги вкусите благата на таа земја и да ја оставите во наследство на децата свои довека.
83. Сè што ни станува поради нашите лоши работи и поради нашите големи гревови, Ти, Господи, ги олесни гревовите наши
84. и ни даде таков корен; но ние одново почнавме да го газиме Твојот закон, смешувајќи се со нечистотиите на народите во таа земја.
85. Дали ни се налути така, што да нè погубиш и да не оставиш ни корен, ни семе, ни име наше?
86. Ти си справедлив, Господи Боже Израилев, зашто ние останавме корен и до денес!
87. Но, ете, ние сме сега пред Тебе со беззаконијата свои, а со нив не би требало да стоиме пред Тебе.«
88. Додека Ездра се молеше, исповедуваше и плачеше, испружен на земјата пред храмот, се собра околу него од Ерусалим многу, народ: мажи, жени и деца, и настана голем плач меѓу народот.
89. Тогаш извика Јехониј, синот Јоилев, Израилец, и рече: »Ездра, ние згрешивме пред Господа: зедовме другоплемени жени од народите на онаа земја; и ете, сега е тука сиот Израил;
90. да се заколнеме пред Господа, дека ќе ги отфрлиме од нас другоплемените жени со децата нивни, според она како што ти е угодно тебе и на сите оние што му се покоруваа на Господовиот закон.
91. Стани и изврши го тоа, зашто тоа е твоја работа, и ние со тебе ќе бидеме во сила да го издржиме тоа.«
92. Тогаш Ездра стана и ги заколна постарите свештеници и левитите на сиот Израил, дека ќе постапат така; и тие се
9. Очистување на народот. Прифатен советот на Ездра. Незаконскиот брак на некои свештеници и левити. Читање и објаснување на Законот пред народот.
1. Стана Ездра од хармовиот притвор, та отиде во живеалиштето на Јоанана, син Елијасивов,
2. и, останувајќи таму, не јадеше леб и не пиеше вода, тагувајќи поради големите беззаконија на народот.
3. Тогаш излезе повик по цела Јудеја и Ерусалим до сите оние што се вратија од пленство, да се соберат во Ерусалим;
4. на оние, што не ќе се јават внатре за два или три дена, по решение на старешините – претседатели, ќе им биде одземен имотот, и тие самите ќе бидат одвоени од мнозинството на бившите пленици.
5. И во три дни се собраа во Ерусалим сите, што беа од коленото Јудино и Венијаминово: тоа беше во деветиот месец, на дваесеттиот ден од тој месец.
6. Сиот народ седеше во дворот на храмот, треперејќи од настанатата зима.
7. Ездра стана и им рече: „Ете извршивте беззаконие и живеете со жени туѓинки, додавајќи уште гревови на Израилот.
8. Затоа воздајте сега исповед и слава кон Господа, Бога на татковците наши,
9. извршете ја волјата Негова и одделете се од народите на таа земја и од другоплеменските жени!”
10. Тогаш целото множество извика и рече со висок глас: „Како што рече, така и ќе направиме.”
11. Но множеството е големо, а времето е зимно, и ние не сме во можност да стоиме на отворено небо; а таа работа за нас не е за еден ден, ниту за два дена, зашто многу сме згрешиле во тоа;
12. затоа нека бидат поставени началници над множеството, и сите од нашите села, што имаат другоплеменски жени, да доаѓаат своевремено при нив
13. со старешините и судиите на секое место, додека не се одврати од нас Божјиот гнев
поради таа работа.”
14. Го зедоа тоа врз себе Јонатан, синот Асаилов, и Езекија, синот Токанусов, А Месулам, Левис и Саватеј им помагаа.
15. И вратените од пленство извршија според сето тоа.
16. Свештеникот Ездра си избра главни родоначалници, сите поименично, и тие се собраа во новомесечјето на десеттиот месец, за да ја испитаат работата.
17. Испитувањето на мажите, што држеа при себеси другоплеменски жени, се заврши во
новомесечјето на првиот месец.
18. И се најдоа од собраните свештеници, што имаа другоплеменски жени:
19. од синовите на Исуса, Јоседеков син, и од браќата негови – Матилас, Елеазар, Јорив и Јоадан,
20. кои дадоа рака да ги напуштат жените свои, и принесоа овни за умилостување поради гревот свој;
21. од синовите Емирови – Ананија, Завдеј, Јанин, Самеј, Јериел и Азариј
22. ос синовите Фесурови – Елионас, Масија, Исмаил, Натанаил, Окидил и Салоја;
23. а од левитите – Јозавад, Самеј, Колиј, Патеј, Јуда и Јона;
24. од свештенопевците – Елиасав и Вакхур;
25. од вратарите – Салум и Толван;
26. од народот Израилски, од синовите Форосови – Јерма, Једија, Мелхија, Маил, Елеазар, Асавија и Ванеја;
27. од синовите Илаеви – Матанија, Захарија, Јереил, Јоавдиј, Јеримот и Аидија;
28. од синовите Замотови – Елијада, Елисим, Отонија, Јаримот, Сават и Сардеј;
29. од синовите Виваеви – Јоан, Ананија, Јозавад и Ематија;
30. Од синовите Маниеви – Олам, Мамух, Једеј, Јасув, Јасаил и Јеримот;
31. од синовите Адиеви – Натиј, Мосија, Лакун, Наид, Матанија, Сестил, Валнуј и Манасија;
32. од синовите Ананови – Елиона, Јасеј, Мехлија, Савеј и Симон Хосамеј;
33. од синовите Асомови – Алтанеј, Матиј, Ванеј, Алифалат, Манасиј и Семеј;
34. од синовите Вааниеви – Јеремија, Момдиј, Исмаир, Јуил, Мавдај, Педиј, Анос, Равасион, Јенасив, Мамнитанем, Елијасис, Вануј, Елијалиј, Самеј, Селемиј, НАтаниј; од синовите Озорови – Сесиј, Езраил, Азаил, Самат, Замри, Јосиф;
35. од синовите Етмови – Мазитија, Завадеј, Идај, Јуил, Ванеја.
36. Сите тие живееја со другоплеменски жени и ги напуштија со децата.
37. И во новомесечјето на седмиот месец свештениците и левитите и Израилците, кои беа
во Ерусалим и во областа негова, и синовите Израилеви се населија по местата свои.
38. И се собра еднодушно сиот народ на плоштадот пред источната врата на храмот,
39. и му рекоа на Ездра, свештеник и толкувач, да го донесе Мојсеевиот закон, даден од Господа, Бога Израилев.
40. И првосвештеникот Ездра го изнесе Законот пред сиот народ, мажи и жени, и пред сите свештеници, за да го чујат Законот во новомесечјето на седмиот месец,
41. и тој им читаше на плоштадот пред вратите на храмот од утрината до пладне, пред мажите и жените и сиот народ го слушаше Законот.
42. Свештеникот и толкувачот Ездра застана на подготвеното дрвено повисоко место;
43. и пред него стоеја оддесно: Мататија, Самуиј, Ананиј, Азариј, Уриј, Езекиј и Валасам;
44. а од лево: Фалдеј, Мисаил, Мелхија, Аотасув, Наварија, Захарија.
45. Тогаш Ездра ја зеде Книгата на законот пред народот, седна свечено пред исте,
46. и додека го објаснуваше Законот, сите стоеја; и Ездра го благослови Господа, Севишниот Бог, Бог Саваот, Вседржителот.
47. И сиот народ возгласи: „Амин!” И, откако ги кренаа угоре рацете, сите паднаа ничкум и Му се поклонија на Господа.
48. Исто така и левитите: Исус, Ануил, Саравија, Јадин, Јакув, Саватија, Автеј, Меанеј,
Калита, Азарија, Јозавад, Ананиј и Вијад, поучуваа во Законот Господов и го читаа пред народот Законот Господов, објаснувајќи го притоа прочитаното.
49. Тогаш Атарат му кажа на Ездра, првосвештеник и толкувач, и на левитите, кои го поучуваа народот, и на сите:
50. „Овој ден е свет пред Господа – и сите плачеа, кога го слушаа Законот –
51. одете и јадете масно и пијте слатко и испратете им милостиња на оние, што немаат,
52. зашто овој ден е свет пред Господа; и за тоа не тагувајте, зашто Господ ќе ве прослави.”
53. Исто така и левитите му говореа на сиот народ и му рекоа: „Овој ден е свет, не тагувајте!”
54. Тогаш сите отидоа да јадат и да пијат, да се веселат, и да даваат милостиња на сиромаси; и се веселеа многу;
55. зашто беа восхитени од зборовите, со кои ги поучуваа во собранието.