1. Увод: Суета на суетите. Суета е и човечката мудрост.
1. Зборови на проповедникот, син Давидов, цар ерусалимски.
2. Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сè е суета!
3. Каква е користа за човекот од сите негови трудови, со кои се труди под сонцето?
4. Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а замјата си постои секогаш.
5. Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева.
6. Ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг.
7. Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат пак.
8. Секоја работа бара труд: човекот не може сè да искаже; окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша.
9. Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето.
10. Иако за нешто се рече: „Види, ете, тоа е ново”; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас.
11. Нема спомен за минатото; па и за тоа, што ќе биде подоцна.
12. Јас, проповедник, бев цар над Израилот во Ерусалим;
13. и го управив срцето свое да истражувам и да испитува преку мудроста сè, што станува под небото; таа тешка задача им ја даде Бог на синовите човечки, за да се занимаваат со неа.
14. Ги видов сите работи, што се вршат под сонцето, и ете – сè е суета и мака за духот.
15. Кривото не може да се исправи, и она, што го нема не може да се брои.
16. Си велев во срцето свое: „Еве, јас се воздигнав и се здобив со мудрост повеќе од сите, што беа пред мене над Ерусалим, и срцето мое виде многу мудрост и знаење.”
17. И го упарвив срцето свое да ја познае мудроста, да ги познае безумието и глупоста; но разбрав, оти и тоа е мачно за духот;
18. зашто при големата мудрост големо е и страдањето, и кој умножува знаење, умножува и мака.
2. Суетата на насладите, богатството и трудот.
1. Си реков во срцето свое: „Ајде ќе те испитам со веселба: уживај во наслади!” Но ете, и тоа беше суета!
2. На смевот му реков – лудуваш, и на веселбата – што правиш?
3. Си помислив во срцето свое да го насладам телото свое со вино и, додека срцето мое се води по мудроста, да се придржувам и за глупоста сè додека да видам, што е подобро за синовите човечки, што би требало да прават тие под небото во текот на малкуте денови на својот живот.
4. Презедов големи работи: си изградив куќи, си насадив лозја,
5. си уредив градини и садници и посадив таму секакви овошни дрвја;
6. си направив водостои за поливање на ливадите, во кои растат дрвјата;
7. придобив слуги и слугинки, имав и слуги родени во домот мој; имав и крупен и ситен добиток, повеќе од сите, што беа пред мене во Ерусалим;
8. насобрав сребро и залто и скапоцености од цареви и области; си доведов пеачи и пеачки и тоа, што ги насладува синовите човечки.
9. И така станав јас поголем и побогат од сите, што беа пред мене во Ерусалим; а и мудроста моја остана со мене.
10. Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забравував на срцето свое никаква веселба, бидејќи срцето мое се радуваше со сите мои трудови; и тоа ми беше дел од сите мои трудови.
11. И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете – сè беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза под сонцето!
12. Потоа се свртив да ги погледам мудроста, безумството и глупоста: што може да направи човек по царот, посебно од она, што е веќе направено?
13. И видов, дека предимството на мудроста пред глупоста е токму такво, какво што е предимството на светлината пред темнината:
14. на мудриот очите му се во главата негова, а глупавиот оди во темнина; но дознав, дека
крајот на сите им е еднаков.
15. Тогаш си реков во срцето свое: „И мене ќе ме стигне истото, како и глупавиот; Зошто толку многу сакав да станам мудар?” Па си реков во срцето свое дека и тоа е суета.
16. Зашто нема да го помнат мудриот вечно, како и глупавиот; по време сè ќе се заборави, и, мудриот умира, како и безумниот.
17. Тогаш го намразив животот, бидејќи ми станаа одвратни работите, што се вршат под сонцето; зашто сè е суета и измачување на духот.
18. И го намразив сето она, за кое се бев трудел под сонцето, затоа што треба да го оставам на човек, што ќе дојде по мене.
19. И кој знае: мудар ли ќе биде тој или глупав? А тој ќе располага со сиот мој труд, со кој сум се трудел и со кој сум се покажал мудар под сонцето. Но и тоа е суета!
20. Намислив да му внушнам на срцето свое да се откаже од сиот труд, со кој се бев трудел под сонцето,
21. зашто еден човек се труди мудро, со знаење и со успех, и сето тоа треба да му го предаде на човек, што не се трудел за тоа, – како да е негов дел. Па и тоа е суета и зло големо!
22. Оти, што му останува на човекот од сиот негов труд и од грижата на срцето негово, што се труди под сонцето?
23. Бидејќи сите денови му се мачни, а трудивите негови – неспокојство; дури и ноќе срцето негово не знае за мир. Ете, и тоа е суета!
24. И не е ли добро за човекот да јаде, да пие и да ја насладува душата своја од својот труд. Но јас видов, оти и тоа е од Божјата рака;
25. зашто, кој може да јаде, и кој може да се насладува без Бога?
26. Он му дава мудрост, и разум и радост на човека, кој е добар пред лицето Негово; а на грешникот му дава грижи, – да собира и трупа, за да го предаде потоа на оној, кој е добар пред лицето Божјо! Па, ете, и тоа е суета и мака за духот!
3. Сè има свое време.
1. Сè има свое време, и секоја работа под небото има свое време;
2. време кога ќе се родиш, и време кога ќе умреш; време кога садиш, и време кога го корнеш насаденото;
3. време кога се убива, и време кога се лекува; време кога се урива, и време кога се гради;
4. време кога се плаче, и време кога се смее; време кога се тагува, и време кога се игра;
5. време кога се расфрлуваат камења, и време кога се собраат камења; време кога се прегрнуваш, и време кога се одбегнуваат прегратки;
6. време кога се добива, и време кога се губи; време кога се чува, и време кога се растура;
7. време кога се раскинува, и време кога се сошива; време кога се молчи, и време кога се зборува;
8. време кога се сака, и време кога се мрази; време за војна и време за мир.
9. Каква полза има оној што работи од она, над што се труди?
10. Ги видов работите, што Бог им ги даде на синовите човечки, за да се мачат околу нив.
11. Сето она што Он го направил да биде прекрасно во свое време, и го вложи во срцата нивни, но да не може човекот да ги разбере докрај делата Божји што Он ги врши од почетокот до крајот.
12. Разбрав, дека за нив нема ништо подобро, освен да се веселат и да прават добро во текот на животот свој.
13. Кога секој човек јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји.
14. Разбрав, оти сè, што прави Господ, останува засекогаш; кон тоа нема што да се додава, од тоа нема што да се одзема; а Бог прави така, за да се бојат пред лицето Негово.
15. Она што било, тоа е и сега, и она што ќе биде, тоа веќе било, – зашто Бог го враќа она што изминало.
16. И уште видов под сонцето: место закон, а таму беззаконие; место правда, а таму неправда.
17. И си реков во срцето свое: „Праведниот и нечесниот Бог ќе ги суди, бидејќи таму има време за секоја работа и суд за секое дело.”
18. Си реков во срцето свое и за синовите човечки – дека Бог ќе ги испита, и Ќе им покаже оти тие сами по себе се животни,
19. зашто сè што се случува со синовите човечки, се случува и со животните; крајот им е ист: како умираат едните, така умираат и другите, и едно е дишењето кај сите, и човекот нема предимство пред добитокот, зашто – сè е суета!
20. Сè оди на едно место: сè произлегува од земјата, и сè ќе се врати во земјата.
21. Кој знае: дали духот на синовите човечки се качува горе, а духот на животните слегува долу, во земјата?
22. И така, јас видов оти нема ништо подобро за човекот, освен да се насладува со делата свои, бидејќи тоа е негов дел; зашто, кој ќе го доведе после да го погледа она, што ќе биде по него?
4. Сиромавиот нема утеха, трудољубивиот нема мир, па ни царот не е сигурен.
1. Се свртив и ги видов сите неправди, што стануваат под сонцето; и ете, солзите на она онеправданите, а утешител немаат силата е во рацете на клеветниците, а закрилник нема.
2. Па си реков: блазе им на умрените, што умреле одамна, отколку на живите, што живеат досега;
3. а поблажен е и од едните и од другите оној, што уште не постои, кој не ги видел лошите работи, што се вршат под сонцето.
4. А видов исто, дека секој труд и секој успех во работите предизвикува меѓу луѓето заемна завист. Но и тоа е суета и мака за духот.
5. Глупавиот седи со скрстени раци и го гризе своето сопствено тело.
6. Подобро една рака во мир, отколку две со труд и мака во духот.
7. Се свртив и видов друга суета под сонцето:
8. човек осамен, нема друг; нема ни син, ни брат, а пак на сите работи негови крај нема, и очите негови не можат да се наситат со богатсто. „За кого, пак, – вели тој – се трудам и ја лишувам од добра душата своја?” – Ете, и тоа е суета и лоша работа.
9. Подобро им е на двајца, отколку на еден, бидејќи имаат добра награда за трудот свој.
10. Зашто, ако паден едниот, другиот ќе го крене другарот свој. Но тешко на еден, ако падне, ќе нема друг, кој да го крене.
11. Исто, кога лежат двајца, топло им е; а еден – како ќе се згрее?
12. И, ако некој го надвие едниот, тоа двајца ќе го навасаат, и јажето, трипати усукано, нема лесно да се скине.
13. Подобар е младич сиромав и умен, отколку цар – неразумен и стар, кој веќе не умее да прима совети;
14. зашто младичот може да излезе од темница и да стане цар, иако се родил сиромав во царството.
15. Ги видов сите живи, што одат под сонцето, се потпираат на младич што ќе го наследи неговото место.
16. Број немаше сиот оној народ, што беше пред него, иако подоцнежните нема да му се радуваат. И тоа е суета и мака во духот.
17. Чувај ја ногата своја, кога одиш во Божјиот дом, и биди готов повеќе да слушаш, отколку да гледаш како безумните принесуваат жртви; зашто тие не знаат, оти вршат зло.
5. Богатството е суета.
1. Не брзај со јазикот свој, и срцето твое да не брза да изговара зборови пред Господа; зашто Бог е на небото, а ти на земјата; затоа зборовите твои да не бидат многу.
2. Зашто, како што соништата доаѓаат при многу грижи, така и гласот на безумниот се познава од многуте зборови.
3. Кога даваш завет на Бога, не двоуми се да го извршиш, зашто Он не ги сака безумните: она што си ветил изврши го.
4. Подобро е и да не ветуваш, отколку да ветиш и да не го извршиш.
5. Не ѝ дозволувај на устата своја да го тера во грев телото твое и не говори пред Ангелот Божји: „Тое е грешка!” зошто ти е да правиш така, и Бог да се разгневи на зборот твој и да го сотре делото на рацете твои?
6. Зашто, како во многуте соништа, така и во многуте зборови има суета; но затоа бој се од Бога.
7. Ако видиш некаде на сиромав да се врши неправда и да му се одзема судот на правдата, не се чуди на тоа: зашто над високиот гледа повисок, а над нив – уште повисок;
8. но од сè покорисна е земјата; и царот на нивата ѝ служи.
9. Кој го љуби среброто, со сребро нема да се насити, и кој сака богатство, тој нема да има корист од тоа. И тоа е суета!
10. Се зголемува ли имотот – се зголемуваат и потребите негови; и каква корист за сопственикот негов: зар само да гледа со очите свои?
11. Сладок е сонот за оној, кој се труди, – па јадел тој малку или многу; но прејадувањето не му дава на богатиот да заспие.
12. Има едно тешко зло, што сум го видел под сонцето: богатство, што се чува за зло на оној, чие е.
13. А тоа богатство може да се изгуби во негодно време, па на синот што го родил да не му остане ништо во рацете негови.
14. Како што излегол гол од мајчината утроба, така и си заминува, каков што дошол; ништо нема да земе од трудот свој, што би можел в рака да понесе.
15. Големо зло е тоа што оди како што дошол. Каква е, тогаш, ползата за него, кога се трудел залудо?
16. А тој во текот на целиот живот јадел во темно, и многу се грижел, ожалостувал и јадосувал.
17. Еве уште што најдов за добро и пријатно: да јаде и да пие и да се насладува од доброто на сите свои трудови, со кои се труди под сонцето преку сите дни од животот свој, што му ги дал Бог; зашто тоа е негов дел.
18. И, ако на некој човек Бог му дал богатство, и имот и му дал да се ползува од нив, да го зема својот дел и да се насладува од трудовите свои, – тоа е Божји дар.
19. Нема долго време да ги помни тој дните на животот свој; затоа Бог и го наградува со радоста на срцето.
6. И богатството и славата се суета.
1. Има едно зло, што го видов под сонцето, и често е меѓу луѓето:
2. Бог му дава на човекот богатство, имот и слава, и за душата негова нема скудности во ништо, шти и да посака; но Бог не му дава нему да се ползува од тоа, туку се ползува од него друг човек: тоа е суета и тешко зло!
3. Ако некој изнароди сто синови, проживее многу години и уште му се зголемат дните на животот негов, а душата негова не се насладила на добро, та за него ќе нема дури ни погреб, подобро му е, велам, на недоносенче отколку нему,
4. зашто залудо дошле и отишле во темнина, и името му е покриено со мрак.
5. Тоа дури и не го видело и не го познало сонцето: но поспокојно е од оној.
6. А оној, макар и да проживеал и две илјади години, без наслада од добрата, нема ли да појде сè на исто место?
7. Сиот труд на човекот е за устата негова, но душата негова не може да се насити.
8. А каква предност има умниот пред безумниот, каква – сиромавиот, кој умее да се однесува пред луѓето?
9. Подобро е да гледаш со очи, отколку да посакуваш со душата. И тоа е суета и мака за духот.
10. Она што постои, тоа е веќе наречено со име, и се знае, дека е тоа – човекот, и дека тој не може да се препира со оној, што е посилен од него.
11. Има многу такви работи, што ја зголемуваат суетата: тогаш што е за човекот подобро?
12. Зашто, кој знае што е добро за човекот во животот, во текот на сите дни на неговиот суетен живот, што тој ги поминува како сенка? И кој ќе му каже на човекот, што ќе стане по него под сонцето?
7. Добро е да се биде мудар.
1. Подобро е добар глас, отколку скапоцен елеј, и смртниот ден – од родениот ден.
2. Подобро е да одиш во куќа каде што плачат по умрен, отколку да отидеш во куќа, каде што се гоштева, зашто таков е крајот на секој човек, и животот ќе го приложи тоа кон срцето свое.
3. Тагата е подобра од смеата; зашто, кога е лицето нажалено, срцето станува подобро.
4. на умните срцето им е во куќата, каде што плачат, а на безумните во куќа, каде што се веселат.
5. Подобро е да слушаш прекор од мудар, отколку да слушаш песни на безумен;
6. зашто смеата на безумните е како прскање на трње под котел. И тоа е суета!
7. Клеветењето го избезумува мудриот, а подароците го расипуваат срцето.
8. Крајот на една работа е подобар од почетокот нејзин; трпеливиот е подобар од горделивиот.
9. Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот почива во пазувите на безумните.
10. Не вели: „Зошто поранешните дни биле подобри од сегашните?”, оти не е мудро да прашуваш за тоа.
11. Добра е мудроста, како и наследството, особено за оние, што го гледаат сонцето,
12. зашто под нејзината сенка е исто, како под сенката на сребро; но предимството на знаење е тоа, што мудроста му дава живот на оној, што ја има.
13. Погледај ги Божјите дела: кој може да го исправи она, што Бог го направил криво?
14. Во добро време ползувај се со доброто, а во зли дни размислувај: едното и другото го направил Бог, за да не може човекот да каже ништо против Него.
15. Се нагледав на сè во моите суетни дни: праведниот загинува во својата праведност; нечесниот живее долго во нечесноста своја.
16. не бивај строг и немој да се покажуваш за многу умен, за да не се избезумиш.
17. Не се предавај на грев и не станувај жесток; зошто да умреш предвреме?
18. Добро е, ако се држиш за едното но и друго да не испушташ од раката своја; зашто, кој се бои од Бога, ќе се избави од сето тоа.
19. Мудроста го крепи мудриот повеќе од десет кнезови што се во градот.
20. Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако да не греши;
21. затоа не обрнувај внимание на секој збор, што се кажува, за да не го чуеш и слугата свој, кога те навредува;
22. зашто срцето твое знае многу работи, кога и ти самиот си навредувал други.
23. Сето тоа го испитав со мудрост; јас реков: „Ќе бидам мудар”, но мудроста е далеку од мене.
24. А она што е така далеку и многу длабоко: кој ќе го испита?
25. Се свртив со срцето свое, за да ги дознаам, изучам и истражам мудроста и разумот, и да го познаам безумието на нечестивиот, и жестокоста и лукавството,
26. и најдов, дека погорчливо до смртта е жената, зашто таа е мрежа, срцето нејзино – стапица, рацете најзини – окови; добриот пред Бога ќе се спаси од неа, а грешникот ќе биде уловен од неа.
27. „Ете, тоа најдов јас – рече Проповедникот – испитувајќи едно по друго.”
28. Што уште бараше душата моја, и не го најде? – Маж најдов еден на илјада, но жена меѓу сите нив не најдов.
29. Само, ете, тоа го најдов, дека Бог го направил човекот добар, но луѓето се впуштаат во многу мудрувања.
8. Послушност спрема властите.
1. Кој е како мудриот, и кој го разбира значењето на работите? Мудроста на човека му го просветлува лицето негово, и строгоста на лицето негово се изменува.
2. Јас ти велам: пази го царскиот збор, и тоа – поради клетвата пред Бога.
3. Не брзај да бегаш од лицето негово и не биди тврдоглав во лошите работи; зашто, тој што ќе посака, се може да направи.
4. Каде што е зборот на царот, таму е и власта; и кој ќе му каже: „Што правиш?”
5. Кој пази заповед, тој не доживува никакво зло: срцето на мудриот знае и време и наредба;
6. зашто за секоја работа има свое време и свој суд; а човека го обвинува неговото недело,
7. зашто не знае, што ќе биде и како ќе биде тоа – кој ќе му каже?
8. Ниеден човек нема власт над духот, за да го подржи духот, и нема власт над смртниот ден, нема избавување во таа работа, ни нечесноста нема да го спаси нечесниот.
9. Сето тоа го видов, и го свртувам срцето свое кон секоја работа, што се врши под сонцето. Понекогаш човекот господари над човек на своја штета.
10. Видов тогаш како погребуваат нечесни, и оние што доаѓаа од своето место беа пофалени во градот, што така постапија. И тоа е суета!
11. Бидејќи не се врши суд над лоши работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки од прави зло.
12. Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас знам, дека ќе им биде добро само на оние, што се бојат од Бога, кои имаат страв пред лицето Негово;
13. а за нечесниот нема да има добро, и како сенка, само кратко време, ќе преуспее оној, кој не се плаши пред Бога.
14. Има и таква суета на земјата: праведните ги постигнува она, што би ги заслужиле делата на нечесните, а со нечесните станува она, што би го заслужиле делата на праведните. А јас си реков: и тоа е суета!
15. И ја пофалив јас веселбата; зашто нема подобро за човекот под сонцето, освен да јаде, да пие и да се весели: тоа го придружува човекот во трудовите негови преку дните на животот негов, што му го дал Бог под сонцето.
16. Кога го управив срцето свое кон тоа, да постигнам мудрост и да ги разгледам работите, што се вршат на земјата, така што на човекот да не му доаѓа сон ни дење ни ноќе, –
17. тогаш ги видов сите дела Божји и најдов, оти човекот не може да ги сфати работите, што се вршат под сонцето. Колку и да се труди човекот да ги испитува, пак нема да го постигне тоа.
9. Мудроста царува.
1. И сево ова го ставив во срцето свое, за да испитам, дека праведниците и мудреците и нивните дела се во рацете Божји, и дека човекот не знае ни за љубов, ни за омраза во сето тоа, што е пред него.
2. За секој и за сите е едно: една судбина за праведен и неправеден, за добар и лош, за чист и нечист, како и оној кој принесува жртви и за оној кој не принесува; како и за добар, така и за грешник; како и за оној што се колне, така и за оној што се бои од клетва.
3. Токму тоа е најлошо од сè, што се врши под сонцето, дека еден е крајот за сите, па затоа срцето на синовите човечки е полно со зло, и безумие има во срцето нивно додека се живи; а потоа тие умираат.
4. Кој е меѓу живите, има уште надеж, бидејќи и куче живо е подобро, отколку мртов лав.
5. Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот,
6. и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што станува под сонцето.
7. И така, оди, јади го радосно лебот свој и пиј го со радосно срце виното свое, што Бог има наклоност кон твоите дела.
8. Во секое време облеката да ти биде светла, и секогаш да има елеј на главата твоја.
9. Во сите дни на својот суетен живот насладувај се од животот заедно со жената, која ја сакаш, и кој ти ја дал Бог под сонцето за сите твои суетни дни; зашто, тоа е твој дел во животот и во твоите трудови, со кое се трудиш под сонцето.
10. Сè, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост.
11. И пак видов под сонцето дека на брзите не им е до трчање, ниту на храбрите до борба, ниту на мудрите до леб, ниту на разумните – богатство, ниту на искусните благонаклоност, но времето и прликите им помагаат на сите нив.
12. Зашто човекот не си го знае времето. Како што рибите налетуваат во погубна мрежа, и како што птиците се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во тешко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив.
13. Еве уште каква мудрост видов под сонцето, и таа ми се причини голема:
14. мал град и во него малку луѓе; дојде против него голем цар, го опколи и почна против него да прави голем окопи;
15. но во него се најде човек сиромав, но умен, и тој со својата мудрост го спаси тој град; и при сето тоа никој не се сети за тој сиромав.
16. И јас си реков: мудроста е подобра од силата, и при сето тоа што мудроста на сиромавиот се пренебрегнува, и зборовите негови не се слушаат.
17. Зборовите на мудреци, искажани спокојно, се ислушуваат подобро, отколку викањето на оној што заповеда.
18. Мудроста е подобра од воено оружје; но оној којшто ќе згреши, расипува многу добри работи.
10. За владетелите и за потчинетите.
1. Мртвите муви го расипуваат и го усмрдуваат благопријатното масло на мироварец: истото го прави една мала глупост на уважуван човек за неговата мудрост и чест.
2. Срцето на мудриот е десно, а срцето на глупавиот – лево.
3. По каков и да било пат да оди глупавиот, кај него секогаш недостига смисла, и пред секого тој ќе се покажува дека е безумен.
4. Ако гневот на оној што владее избувне врз тебе, не напуштај го местото свое, зашто кроткоста избришува и големи грешки.
5. Има зло што сум го видел под сонцето, како грешка што доаѓа од владетелот;
6. неукоста се поставува на голема височина, а богатите седат ниско.
7. Сум видел слуги на коњи, а кнезови да одат пешки како слуги.
8. Кој копа јама, сам ќе падне во неа, и кој соборува ограда, змија ќе го касне.
9. Кој крева камења, може да се шине, и кој цепи дрва, може да се изложи на опасност од нив.
10. Ако отапи секирата, и ако сечилото нејзино не биде наострено, ќе треба повеќе сила; мудроста знае тоа подобро да го направи.
11. Ако змија казне пред да се улови, тогаш за оној што ја лови нема полза.
12. Зборовите од уста на мудрец се благодат, а устата на безумниот самиот него го погубува:
13. првите зборови од устата му се глупост, а крајот на речта на устата негова – лошо безумие.
14. Глупавиот зборува многу, а човекот и не знае што ќе биде; та и кој ќе му каже, што ќе биде по него?
15. Трудот на глупавиот го изморува, зашто не го знае дури ни патот за во градот.
16. Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете, и кога кнезовите твои јадат рано!
17. Блазе тебе, земјо, кога царот ти е од род благороден, и кнезовите твои јадат навреме, за поткрепа, а не за преситување!
18. Од мрзливост ќе нависне таванот, и кога ќе се скрстат рацете, покривот ќе прокапе.
19. Гоштевања се приредуваат заради наслада и виното го весели животот; а сè прави среброто.
20. Дури и во мислите свои не го навредувај царот, и во спалната своја не го навредувај богатиот; зашто небесната птица може да го пренесе твојот збор, и сè што има крилја ќе го соопшти твојот збор.
11. За делата на милосрдноста. Суета се и детството и младоста.
1. Пуштај го лебот свој по водите, зашто по многу дни пак ќе го најдеш.
2. Давај дел на седум души, и дури на осум, зашто не знаеш, какво зло ќе настане на земјата.
3. Кога ќе се наполнат обалците, излеваат дожд на земјата; и ако едно дрво падне кој југ или кон север, тоа си останува таму, каде што и паднало.
4. Кој го набљудува ветрот, нема да сее, и кој гледа во облаците, нема да жнее.
5. Како што не ги знаеш патиштата на ветрот, ниту како настануваат коските во утробата на бремена жена, така не можеш да ги знаеш ни делата на Бога, Кој создава сè.
6. Исутрина сеј го семето и навечер нека ти мируваат рацете твои, зашто не знаеш, едното, или другото повеќе ќе успее, или едното и другото ќе бидат еднакво добри.
7. Слатка е светлината, и пријатно е за очите да гледаш сонце.
8. Ако човек проживее и многу години, нека се весели во текот на сите нив и нека си спомнува за темните дни, какви што ќе ги има многу: но сè што ќе биде, ќе биде суета!
9. Весели се во малдоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат; само знај, дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд.
10. Гони ја скрбта од срцето свое и отстранувај го злото од телото свое, зашто детството и младоста се суета!
12. Бој се од Бога!
1. И спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја, додека не дошле тешки денови и не настанале години, за кои ќе речеш: „Не ми се мили;”
2. додека сонцето и светлината на месечината и на ѕвездите не потемнеле, и не дошле пак црни облаци по дождот;
3. додека не настапил оној ден, кога куќните стражари ќе затреперат, и силни мажи ќе се подгрбават, кога воденичките ќе престанат да мелат, бидејќи останале малку; кога ќе се помрачат оние, што гледаат низ прозорец;
4. кога портата ќе почне да се затвора; кога ќе молкне шумот на оние што мелат, и кога човек ќе почне да станува на птичји глас, и ќерките – пеачки ќе замолкнат;
5. кога висините за нив ќе бидат страшни, и по патот ќе има ужаси; кога ќе процути бадемот, и скакулецот ќе стане тежот, и желбата ќе помине; зашто човекот заменува во вечниот дом свој, и тажачките се готови да го опкружуваат по улица;
6. додека не се скине конецот сребрен, и не се скрши златната чаша, и не се растури ведрото при изворот, и не падне тркалото на бунарот.
7. И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал.
8. Суета над суетите, вели проповедникот, сè е суета!
9. Проповедникот не само што беше мудар, туку и го учеше народот на мудрост. Тој сè испитуваше, изучуваше и остави многу мудри паримии.
10. Проповедникот се трудеше да најде убави изреки и точно ги запиша зборовите на вистината.
11. Зборовите на мудреците се како острени, и како забиени клинци; зборовите на оние што ги напишаа, дадени се од единствениот Пастир.
12. А освен сето тоа, синко, пази се и од ова: да пишуваш многу книги – тоа нема крај, а да читаш многу – и тоа е заморно за телото.
13. А суштината на сè е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот;
14. оти Бог ќе изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо.