1. За непостојаноста на Галатјаните и за Павловото апостолство.
1. Павле, апостолот, повикан ни од луѓе, ниту преку човек, туку преку Исуса Христа и Бога Отецот, Кој Го воскресна од мртвите,
2. и сите браќа, што се со мене – до црквите во Галатија:
3. благодат и мир на вас од Бога и Отецот и нашиот Господ Исус Христос,
4. Кој се даде Себеси за нашите гревови, +за да нè избави од сегашниот лукав век, по волјата на Бога и нашиот Отец,
5. Кому нека е слава во веки веков. Амин!
6. Се чудам дека така брзо се одвратувате од Оној, Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго благовестие;
7. не затоа што има друго евангелие, но има такви, што ве смутуваат и сакаат да го изопачат Благовестието Христово.
8. Но дури и ние, или ангел од небото да ви благовестеше нешто друго од она, што ви благовестевме ние, нека биде анатема!
9. Како што рековме порано, и сега пак велиме: оној што ви благовествува нешто поинаку од она што го примивте – нека биде анатема!
10. Во луѓето ли сега барам благоволение, или во Бога? Или, пак, на луѓето ли сакам да им угодувам? Ако бев сакал да им угодувам на луѓето, немаше да бидам Христов слуга.
11. Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го благовестив, не е човечко,
12. зашто ни јас го примив, ниту го научив од човек, а преку откровението на Исуса Христа.
13. А сте слушале и за моето некогашно поведение во јудејството, дека прекумерно ја гонев Божјата црква, и ја разорував;
14. и дека во јудејството напредував многу повеќе од мнозина мои врсници, бидејќи бев голем ревнител за татковските преданија.
15. А кога Бог, Кој ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат, благоволи
16. во мене да Го открие Својот Син, за да благовествувам за Него меѓу иноверците – веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта,
17. ниту, пак, отидов во Ерусалим при оние, што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18. А на три години потоа отидов во Ерусалим за да се видам со Петра, и останав при него петнаесет дена.
19. Други, пак, од апостолите не видов освен Јакова, братот Господов.
20. А за она што ви пишувам, еве, пред Бога велам дека не лажам.
21. А потоа дојдов во земјите Сириски и Киликиски.
22. На Христовите цркви во Јудеја лично не им бев познат,
23. туку само беа слушале дека оној, кој некогаш нив ги гонел, сега ја проповеда верата, која што порано ја разорувал.
24. И Го прославува Бога за мене.
2. Павле се согласува со апостолите, му се противи на Петра и останува при уверение дека до оправдување се доаѓа преку вера.
1. И на четиринаесет години потоа пак се искачив во Ерусалим со Варнава, откако го зедов со себе и Тит.
2. А влегов по откровение и им го изложив на верните, посебно на највидните, Благовестието што Го проповедам кај незнабошците дека не трчам залудо или, пак, залудо сум трчал.
3. Но и Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обреже.
4. Што се однесува, пак, од лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нè поробат,
5. ним ни за час не се оставивме да нè покорат, та да се запази во вас вистината на Евангелието.
6. А во врска, пак, со највидните – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно: Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа.
7. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено да благовестам на необрезаните, како на Петра – на обрезаните,
8. – оти Оној, Кој му помогна на Петра во апостолството меѓу обрезаните, ми помогна и мене меѓу незнабошците –
9. и кога узна за благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои се броеја за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката и се согласија ние да отидеме при незнабошците, а тие – при обрезаните,
10. порачувајќи ни само да ги помниме сиромасите, за кое се погрижив и точно да го исполнам.
11. А кога дојде Петар во Антиохија, јас лично му се спротивставив, оти се беше изложил на осудување;
12. бидејќи, пред да пристигнат некои од Јакова, тој јадеше заедно со незнабошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, плашејќи се од обрезаните.
13. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што дури и Варнава така направи.
14. А кога видов дека тие не постапуваат точно според евангелската вистина, му реков на Петра пред сите: кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците,а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски?
15. Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците.
16. Откако узнавме дека човекот се оправдува не преку делата од Законот, туку само преку верата во Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме преку верата во Христа, а не преку делата од Законот; оти преку +делата од Законот нема да се
оправда ниедна плот.
17. Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христа, и сами се најдовме грешници, зарем Христос е слуга на гревот? Тоа никако!
18. Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник;
19. преку Законот умрев за Законот, и, за да живеам за Бога, се распнав со Христа;
20. и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене.
21. Не ја отфрлувам благодатта Божја; оти ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.
3. Оправдување преку вера имало уште при Авраама. Законот беше чувар до Христа.
1. неразумни Галатјани! Кој ве замаја, та не се покорувате на вистината, вие, пред чии очи Исус Христос беше изобразен, а сега, еве, меѓу вас се распна?
2. Само ова сакам да го узнаам од вас: преку делата по Законот ли го добивте Духот или преку послушноста во верата?
3. Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате?
4. Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо!
5. Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го врши тоа, или преку послушноста во верата?
6. Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се прими за оправдание.
7. Знајте, пак, дека оние, што се потпираат на верата, се синови Авраамови.
8. И Писмото, како што предвидуваше, оти Бог преку вера ги оправдува иноверците, однапред му благовести на Авраама: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.”
9. И така, оние, што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам;
10. а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Оти е напишано: „Проклет да е секој, кој не исполнува постојано сè што е напишано во книгата на Законот!”
11. А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, оти „Праведниот ќе живее преку верата.”
12. А Законот не е од верата, туку зборува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив”.
13. Христос нè искупи од клетвата на Законот, откако поради нас стана клетва, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!”,
14. та благословот на Авраама да се распространи над незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата.
15. Браќа, зборувам на човечки начин: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растури или дополни.
16. Но ветувањата му беа дадени на Авраама и на семето негово. Не е речено: „и на семињата”, како за мнозина, а за еден: „и на семето твое”, кое е Христос.
17. Јас, пак, велам дека Законот што се јави по четиристотини и триесет години, не го одменува порано утврдениот од Бога завет за Христа, та ветувањето да ја изгуби силата,
18. оти, ако наследството е по Законот, тоа веќе не е според ветувањето; а на Авраама му го дарува по ветување.
19. Зошто е, пак, даден Законот? Тој се додаде поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е +предаден преку ангели, преку рака на посредник.
20. Но посредникот не бива само посредник на еден, а Бог е еден.
21. Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Оти, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправданието ќе излегуваше од Законот.
22. Но Писмото сите ги затвори под грев, та ветеното да им се даде на оние, кои веруваат во Исуса Христа.
23. Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата, која имаше да се открие.
24. И така, Законот беше за нас воспитувач во Христа, за да се оправдаме преку верата;
25. а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач.
26. Оти сите сте синови Божји преку верата во Христа Исуса;
27. сите, што е крстивте во Христа, +во Христа се облековте.
28. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса.
29. А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.
4. Со доаѓањето на Христа примаме посинување и се откупуваме од Законот. Сара и Агара слики на старозаветната и новозаветната црква.
1. Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сè;
2. туку е под настојници и чувари до определениот рок од татка си.
3. Па така и ние, додека бевме малолетни,бевме поробени од стихиите на светот;
4. но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот,
5. за да ги откупи оние, што се под Закон, та да примиме посиновение.
6. А бидејќи вие сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!
7. Затоа не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Божји преку Исуса Христа.
8. Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови, кои по својата природа не се богови;
9. а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како тоа пак да се враќате кон слабите и лоши стихии, на кои пак сакате одново да им служите?
10. Гледате на деновите, месеците, времињата и годините.
11. Се плашам за вас, да не би случајно залудо да сум се трудел меѓу вас.
12. Ве молам, браќа, бидете како што сум јас, затоа што и јас бев како вие. Вие со ништо не сте ме навредиле:
13. знаете дека, кога ви проповедав, за првпат бев телесно немоќен,
14. и при сето тоа, вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се погнусивте од него, туку ме примивте како ангел Божји, како Исуса Христа.
15. Каде ви е сега блаженството ваше? Сведочам за вас, дека кога би било можно, и очите свои би ги извадиле и би ми ги дале.
16. И така, непријател ли ваш ви станав, кажувајќи ви ја вистината?
17. Тие не ревнуваат за вас добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, та вие за нив да ревнувате.
18. Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум меѓу вас.
19. Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос,
20. сега би сакал да бидам помеѓу вас и да го изменам гласот свој, бидејќи сум во недоумение за вас.
21. Кажете ми, вие, што сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот?
22. Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, +а друг од слободната.
23. Но оној што беше од слугинката, се роди по плот; а оној што беше од слободната – по ветување.
24. А ова е речено сликовито и ги претставува двата завета: едниот од Синајската планина, која раѓа за ропство; а тој е Агара,
25. бидејќи Агара ја означува планината Синај во Арабија, а одговара на сегашниот Ерусалим и робува со децата свои;
26. а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас.
27. Оти е напишано: „Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, што не си искусила породилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе деца од онаа, која има маж!”
28. Ние, пак, браќа, сме како Исак, чеда на ветувањето.
29. Но, како тогаш, оној што се роди по плот, го гонеше родениот по дух, така е и сега.
30. А што зборува Писмото? „Истерај ја робинката и синот нејзин, зашто синот на робинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!”
31. И така, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.
5. Опомена – во христијанската слобода да стоиме цврсто, и да ја докажеме, одејќи по Духот и во љубов.
1. Стојте така во слободата, со која Христос нè ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!
2. Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрезувате, Христос ништо нема да ви помогне.
3. А му сведочам пак на секој човек, кој што се обрезува, дека тој е должен да го извршува целиот Закон.
4. Вие, што посакавте да се оправдувате со Законот, Го изгубивте Христа, отпаднавте од благодатта;
5. а ние се надеваме и очекуваме оправдание од верата преку Духот.
6. Зашто во Христа Исуса ниту обрезанието има сила, ниту необрезанието, туку верата, која што дејствува преку љубовта.
7. Вие трчавте добро: кој ви попречи, та да не се покорувате на вистината?
8. Тоа одвраќање не е од Оној, Кој ве повика.
9. Малку квас го потквасува целото тесто.
10. Јас се надевам за вас во Господа дека вие нема да мислите инаку; а оној, кој ве возмутува – кој и да бил – ќе претрпи осуда.
11. А јас, браќа, ако обрезанието уште го проповедам, тогаш за што ќе ме гонат? Тогаш би се поништила соблазанта од крстот.
12. О, да беа отсечени оние, што ве бунеа!
13. Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг.
14. Оти, целиот Закон се извршува во еден збор, односно: сакај го ближниот како самиот себе.
15. А ако, пак, меѓу себе се гризете и јадете, пазете да не се истребите еден со друг.
16. Ви велам: живејте по Духот, и желбите на телото ваше нема да ги извршувате.
17. Оти, телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се еден против друг, +за да не го правите она, што сакате.
18. Ако ве води Духот, вие не сте под Законот.
19. Делата на телото се познати. Тие се: прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност,
20. служење на идоли, магии, непријателство, кавги, ревнувања, гнев, расправии, несогласности, ереси,
21. зависти, убиства, пијанство, срамни гостувања и други слични работи; однапред ви велам, како што ви реков и порано, дека оние што го прават тоа, нема да го наследат царството Божјо.
22. А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата,
23. кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон.
24. Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите.
25. Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме.
26. Да не бараме лажна слава, еден друг да не предизвикуваме, еден на друг да не завидуваме.
6. Потребна е кротост и да се прават добрини. Нужно е чување од лажни учители. Христовиот крст за нас е едно и сè.
1. Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани.
2. Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов.
3. Зашто оној, кој што сам себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе.
4. Секој нека си ги испита делата свои, и тогаш ќе има пофалба само во себеси, а не пред друг,
5. оти секој ќе го понесе своето бреме.
6. А оној, што се учи на словото, нека му дава дел од секое добро на оној, кој што го учи.
7. Не лажете се: Бог не позволува да биде поруган. Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее:
8. кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот.
9. Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не
заморувајќи се.
10. И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера.
11. Ете колку многу ви напишав со својата рака.
12. Оние што сакаат да се фалат по тело, тие ве принудуваат да се обрезувате, само за да не бидат гонети поради крстот Христов.
13. Оти, и оние, што се обрезуваат, сами не пазат на Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се пофалат со вашето тело;
14. а мене, да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот.
15. Зашто во Исуса Христа ниту обрезанието има некаква сила, ниту необрезанието, туку новата твар.
16. На оние што постапуваат по тоа правило, нека биде мир и милост, ним и на Израилот Божји!
17. И така, никој да не ми досадува веќе, зашто јас ги носам на своето тело раните на Господа Исуса.
18. Благодатта на нашиот Господ, Исуса Христа нека биде со вашиот дух, браќа, Амин!