1. Павле, затвореник. Му благодари на Бога. Неговата молитва. Усовршување и опомена во постојана борба за верата.
1. Од Павла и Тимотеја, слуги на Исуса Христа, до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите:
2. благодат и мир на вас од Бога, Отецот наш и од Господа Исуса Христа!
3. Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас
4. – во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас –
5. односно за вашето учество во Благовестието од првиот ден дури досега,
6. уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го извршува дури до денот на Исуса Христа,
7. како што е и право да го мислам тоа за сите вас, оти ве имам на срце – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Благовестието, бидејќи сите вие сте ми соучесници во благодатта.
8. Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа.
9. И се молам вашата љубов сè повеќе и повеќе да изобилува преку познавањето и разбирањето на сè,
10. за да разликувате што е подобро, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христа,
11. исполнети со плодови на правдата преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога.
12. Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми станаа, ми помогнаа за поголем успех на Евангелието,
13. така што моите окови во Христа станаа познати на целата преторија и на сите други;
14. и повеќето од браќата на Господа, поттикнати од моите окови, почнаа посмело, без страв, да го проповедаат словото Божјо.
15. Некои, навистина, од завист и препирки, а други од добра волја Го проповедаат Христа;
16. едните, од желба да се препираат, Го проповедаат Христа нечисто, мислејќи дека ја увеличуваат тежината на моите окови;
17. другите, пак проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.
18. Но што од тоа? Како и да е, било дволично или искрено, Христос се проповеда; затоа се радувам и ќе се радувам,
19. оти знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исуса Христа,
20. како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но при секоја слобода, како секогаш, и сега ќе се возвеличи Христос во моето тело – било преку животот, било преку смртта.
21. Оти за мене живот е Христос, а смртта – придобивка.
22. Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тоа што да сакам повеќе, не знам.
23. Ме привлекува и едното и другото: сакам да умрам и да бидам со Христа, бидејќи тоа е многу подобро;
24. но да останам во телото е попотребно за вас.
25. Јас знам сигурно дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш успех и радост во верата
26. та пофалбата ваша во Христа Исуса да се умножува преку мене кога повторно ќе дојдам при вас.
27. Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или отсуствувам, да чујам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за евангелската вера,
28. и во ништо не плашете се од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а вам – за спасение. И тоа е од Бога.
29. Оти вам ви се даде дар поради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него,
30. борејќи се со истиот подвиг, каков што видовте во мене и сега слушате за мене.
2. Согласување и понизување како Христос. Потребна е христијанска сериозност. Препорака за Тимотеја и Епафродита.
1. И така, ако во Христа има некаква утеха, ако има некоја утеха во љубовта, ако има општење со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание,
2. исполнете ја радоста моја: бидете со едни мисли, имајќи една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени;
3. не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси!
4. Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!
5. Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос,
6. Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога;
7. но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; +и по вид се покажа како човек;
8. Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.
9. Па затоа и Бог високо Го издигна и +Му даде име, што е над секое име,
10. та во името на Исуса да ги преклони колената на сè што е небесно, земно и подземно,
11. и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот.
12. Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го вашето спасение,
13. оти Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејстувате според Неговата добра волја.
14. Правете сè без ропот и двоумење,
15. за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светите како светила во светот,
16. имајќи го во себе словото на животот, за моја пофалба во денот Христов, дека не залудо трчав и не залудо се трудев.
17. Но, ако и се принесувам како жртва за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас.
18. Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме!
19. А се надевам во Господа Исуса дека наскоро при вас ќе го пратам Тимотеја, та и јас, откако разберам како сте, да се утешам со духот.
20. Бидејќи немам никого еднаков со моите мисли, кој толку искрено би се грижел за вас,
21. оти сите го бараат своето, а не она на Исуса Христа;
22. а неговата исправност ви е позната: тој, како син кон татко, слугуваше заедно со мене при благовествувањето.
23. Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе узнаам, што ќе стане со мене;
24. а се надевам во Господа оти и сам скоро ќе дојдам при вас.
25. Најдов за потребно при вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и другар во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои,
26. бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен.
27. Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари жал врз жал.
28. Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален.
29. Примете го, пак, во Господа со секаква радост, и такви почитувајте,
30. бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, откако го презре својот живот, за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене.
3. Потребно е чување од соблазнители. Многу значајно е познавањето на Исуса Христа и оправдувањето преку вера. Треба да се стремиме кон небесниот дар.
1. Но, браќа мои, радувајте се во Господа! Оти сè едно исто да ви пишувам, мене не ми е здодевно, а за вас тоа е сигурност.
2. Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници, пазете се од лажно обрезување,
3. зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се фалиме со Христа Исуса, и не се надеваме на телото,
4. иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли да се надева на телото, тогаш уште повеќе јас,
5. кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израилев, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по закон +фарисеј,
6. по ревност – гонител на Божјата црква, според правдата на Законот – непорочен.
7. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета.
8. Затоа сметам дека и сè друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сè, и се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа
9. и да се најдам во Него, не со својата од Законот праведност, туку со придобивката преку верата во Христа, односно со праведноста од Бога преку верата;
10. за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата,
11. та некако да го достигнам воскресението на мртвите.
12. Велам така не затоа што веќе достигнав, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам не би ли го достигнал она за кое Христос ме достигна мене.
13. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене,
14. трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа.
15. Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак, нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие.
16. А по она, до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да следуваме.
17. Подражавајте ме, браќа, мене и гледајте ги оние, што постапуваат според образецот, каков имате во нас.
18. Оти мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов;
19. нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи.
20. А нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос,
21. Кој ќе го преобрази нашето понизено тело така, што тоа ќе стане подобно на Неговото славно тело, со силата, преку која што Он може и да потчинува под Себе сè.
4. Ослободување во единството, радување во Господа, молитва и секое добро. Благодарност на апостолот за доброчинствата направени од Филипјаните. Крај и благослов.
1. И така, браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стојте тврдо во Господа, возљубени!
2. Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени во Господа;
3. а те молам и тебе, искрени сотрудниче, помагај им ним, кои што се грижеа во Благовестието заедно со мене и со Климента и со другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот.
4. Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!
5. Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу!
6. За ништо не грижете се, туку во сè преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања,
7. и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа.
8. А понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!
9. И она, што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа вршете го – и Бог на мирот ќе биде со вас!
10. Јас се зарадував необично многу во Господа, затоа што вие одново почнавте да се грижите за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодно време.
11. Ова го велам не поради немање, бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам.
12. Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сè и секако, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум, и во немање.
13. Се можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи.
14. Покрај сето тоа, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб.
15. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на Благовестието, кога излегов од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас;
16. зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат, ми пративте нужни работи.
17. Ова ви го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот, кој се умножува во ваша полза.
18. Добив сè и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога.
19. Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христа Исуса.
20. А на Бога, нашиот Отец, слава во веки веков. Амин!
21. Поздравете го секој светија во Христа Исуса! Ве поздравуваат браќата, што се со мене.
22. Ве поздравуваат сите светии, а особено оние што се од домот ќесарев.
23. Благодатта на нашиот Господ Исуса Христа нека биде со сите вас. Амин!