1. За поставување свештеници и за честитоста во Крит.
1. Павле, слуга Божји и апостол на Исуса Христа за верата на Божјите избраници и за познавање ѝ а вистината во побожноста,
2. со надеж за вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже – пред вечни времиња,
3. и во свое време го јави словото Свое преку проповедта, што ми ја повери мене +по заповед на нашиот Спасител, Бога,
4. до Тит, вистинското чедо по заедничката вера. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа, нашиот Спасител!
5. Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите градови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал:
6. кој е непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност.
7. Бидејќи епископот, како Божји распоредник, треба да е непорочен, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за гнасна печалба,
8. туку гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив;
9. кој се држи според вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги изобличува оние, кои се противат.
10. Оти има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните,
11. на кои треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, поради одвратна печалба.
12. Еден од нив, нивни пророк, беше рекол: „Критјаните се секогаш лажливци, зли ѕверови, мрзливи трбуси”.
13. Тоа сведоштво е вистинско. Поради таа причина изобличувај ги строго, за да бидат здрави во верата,
14. и да не слушаат јудејски бајки и заповеди од луѓе, кои одвраќаат од вистината.
15. За чистите е сè чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; ним им се осквернети и умот и совеста:
16. тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и негодни за никакво добро дело.
2. Совети за разни општествени редови. Благодатта Божја спасува.
1. А ти, пак, зборувај го она што се согласува со здравото учење:
2. старците да бидат трезвени, целомудрени, чисти, здрави во верата, во љубовта, во трпението;
3. старичките, исто така, да живеат како што им прилега на светии – да не клеветат, да не се предаваат на многу вино, да учат за добро,
4. за да ги вразумуваат невестите да ги сакаат мажите свои и децата свои;
5. да бидат целомудрени, чисти, добри домаќинки, благи, покорни на своите мажи, та да не се хули словото Божјо.
6. Исто така, советувај ги младежите да бидат чесни,
7. а во сè претстави се сам како образец за добри дела, покажувајќи чистота во учењето, нерасипаност, чесност:
8. слово здраво, без укор, та да се посрами противникот, бидејќи не ќе има да рече ништо лошо за нас.
9. Советувај ги слугите да ги слушаат своите господари, да им угодуваат во сè, не повраќајќи им;
10. да не крадат, туку во сè да покажуваат добра верност, та науката на нашиот Спасител, Бога, да ја украсуваат во сè.
11. Бидејќи се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе,
12. учејќи нè да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век,
13. да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос,
14. Кој Се даде самиот Себе за нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да нè очисти, та да Му бидеме народ избран, +ревностен кон добри дела.
15. Ова зборувај, и советувај, и изобличувај со полна власт; никој да не те презира.
3. Потребна е послушност спрема оние што заповедаат и кротост спрема сите луѓе.
1. Напомнувај им да се покоруваат на началствата и властите, да бидат готови за секое добро дело,
2. никого да не хулат, да не се караат, туку да бидат мирни, и да покажуваат секаква кротост кон сите луѓе.
3. Бидејќи и ние некогаш бевме неразумни, непокорни, заблудени, бевме робови на желби и на разни сладострастија, живеевме во злоба и завист, бевме одвратни, се мразевме еден со друг.
4. А кога се јави добротата и човекољубието на нашиот Спасител, Бога,
5. Он нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување – и обновата од Светиот Дух,
6. Кого изобилно Го излеа на нас преку Исуса Христа, нашиот Спасител,
7. та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот.
8. Верни се тие зборови; и јас сакам да го утврдуваш тоа, та оние, што поверувале во Бога, да се трудат и да се грижат за добри дела: ова е полезно и добро за луѓето.
9. А од глупави распрашувања и родослови на племињата, од препирки и расправии, по однос на Законот, клони се, зашто се бесплодни и празни.
10. Бегај од човек еретик, откако еднаш и по вторпат го советуваш,
11. знаејќи дека таков човек се изопачил, греши и дека се осудил сам себеси.
12. Кога ќе ги пратам при тебе Артема и Тихика, побрзај да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив таму да презимувам.
13. Законикот Зина и Аполос погрижи се да ги обезбедиш така, та од ништо да немаат потреба.
14. И нашите нека се учат да прават добри дела за неопходните потреби, та да не бидат бесплодни.
15. Те поздравуваат сите што се со мене. Поздрави ги оние, кои нè милуваат по вера. Нека биде благодатта со сите вас. Амин!