1. Павле се зазема за слугата Онисим, кој го напуштил Филимона, а сега се враќа.
1. Павле, затвореник на Исуса Христа, и братот Тимотеј, до возљубениот Филимон, нашиот сотрудник,
2. и до Апфија, возљубената сестра, и до Архип, нашиот другар во војувањето, и до твојата домашна црква.
3. Благодат вам и мир од Бога, нашиот Отец, и од Господа Исуса Христа!
4. Секогаш Му благодарам на мојот Бог, кога те спомнувам во молитвите свои,
5. бидејќи слушам за твојата љубов и вера, која ја имаш во Господа Исуса и кон сите светии,
6. и молам твојата вера, што ја имаме заедно, да се покаже на дело во познавањето на секое добро, кое го имате во Христа Исуса.
7. Зашто ние многу се радуваме и утешуваме поради твојата љубов, брате, бидејќи преку тебе се успокоија срцата на светиите.
8. Затоа, иако имам во Христа голема слобода да ти заповедам како што треба,
9. сепак од љубов кон тебе, те молам јас, каков што сум, старецот Павле, а сега и затвореник Исус Христов,
10. те молам за моето чедо Онисим, +што го родив во оковите свои:
11. и тој некогаш беше непотребен за тебе, а сега ни е многу потребен и тебе и мене, и го праќам назад;
12. а ти прими го како мое срце.
13. Јас сакав да го задржам при мене, за да ми служи место тебе во оковите за Благовестието;
14. но без твоја согласност не сакав ништо да направам, за да биде твојата добрина не како принуда, туку доброволна.
15. Зашто, можеби, тој поради тоа се одвои од тебе за малку време, за да го примиш засекогаш,
16. не веќе како роб, а повеќе од роб, како возљубен брат, а особено за мене, и уште повеќе за тебе – и по тело и во Господа.
17. И така, ако ме имаш за соучесник, прими го како мене.
18. Ако, пак, во нешто ти згрешил или ти е должен, префрли го тоа на моја сметка.
19. Јас, Павле, напишав со својата рака: јас ќе платам, за да не ти речам, дека ти и самиот цел си ми должен.
20. Да, брате, да го добијам од тебе во Господа она, за што Го молам; развесели го срцето мое во Господа.
21. Убеден во твојата послушност, ти напишав, знаејќи дека ќе направиш и повеќе отколку што ти велам.
22. А заедно со ова приготви ми и потслон, оти се надевам дека со вашите молитви ќе ви бидам даруван вам.
23. Те поздравува Епафрас, кој е со мене затвореник во Христа Исуса, Марко, Аристарх, +Димас, Лука – моите сотрудници.
24. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вашиот дух. Амин!