1. Величањето на Бога, Кој нè благословил преку Христа. Молитва за растење во милоста. Христос е глава на Црквата.
1. Од Павла, по волјата Божја апостол на Исуса Христа, до светиите, што се во Ефес, и до верните во Исуса Христа:
2. благодат и мир на вас од Бога, нашиот Отец, и Господа Исуса Христа!
3. Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови во Христа, со секаков духовен благослов од небесата,
4. како што и нè избра преку Него, уште пред светот да се создаде, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта,
5. откако предопредели да нè посини за Себе преку Исуса Христа, по благоволение на Својата волја,
6. за да биде фалена славата на Неговата благодат, со која нè облагодати преку Својот Возљубен Син,
7. во Кого имаме откуп преку Неговата крв, прошка на гревовите +по богатството на Неговата благодат.
8. Таа благодат Он ни ја даде изобилно во секоја премудрост и разум,
9. откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение, што го беше од порано положил во Себеси,
10. во уредувањето и извршувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава – во Христа.
11. Преку Него ние бевме избрани за наследници, однапред определени по наредбата на Бога, Кој врши сè според волјата Своја,
12. за да послужиме како пофалба на славата Негова ние, кои од порано се надевавме на Христа.
13. Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината – Благовестието за вашето спасение – и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух,
14. Кој е залог за нашето наследство, та да се откупи Неговото достоинство за пофалба на Неговата слава.
15. Етге, затоа и јас, кога чув за вашата вера во Христа Исуса, и за љубовта кон сите светии,
16. не престанувам да Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои,
17. та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецеот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете,
18. и да ги просвети очите на срцата ваши, за да увидите, во што се состоио надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите,
19. и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила.
20. Таа сила Он ја покажа во Христа, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата,
21. повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име, со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот,
22. и сè Му покори под Неговите нозе и +Го постави глава над сите во Црквата,
23. која е Негово тело, полнота на Оној +Кој исполнува сè во сè.
2. Човековата беда е надвор од Христа, благословот на верните во црквата Христова, во домот Божји.
1. И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови,
2. во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во +синовите на неверието,
3. меѓу кои и ние сите некогаш живеевме според телесните желби, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите, и по природас бевме како и другите, чеда на гневот –
4. но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нè засака,
5. иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживе со Христа
6. и нè воскресна со Него и постави на небесата во Христа Исуса,
7. за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христа Исуса,
8. зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е;
9. не е од дела, да не би некој да се пофали.
10. Оти ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме.
11. Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте иноверци, и наречени необрезани од така наречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце,
12. дека во она време бевте без Христа, отстранети од општеството на Израилот, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот;
13. но сега, во Христа Исуса, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова.
14. Зашто Он е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив,
15. откако со плотта Своја го уништи непријателството, а со учењето Свое – Законот на заповедите го обессили, за да создаде во Себеси од двата народа еден нов човек, правејќи мир,
16. и во едно тело да ги помири обата народа со Бога преку крстот, откако на него го уништи непријателството.
17. И, откако дојде, Он ви благовести мир, на вас далечни и блиски.
18. зашто преку Него и едните и другите имаме пристап при Отецот, во еден Дух.
19. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога,
20. оти се утврдивте на темелите, поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос,
21. врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа;
22. врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиштето Божјо преку Духот.
3. Павле го велича својот божествен позив како евангелски проповедник на незнабошците, и ги моли да се зацврстуваат во верата.
1. Затоа сум јас, Павле, затвореник на Исуса Христа за вас незнабошците.
2. Бидејќи ја чувте распределбата на благодатта Божја, која ми е дадена за вас,
3. односно дека преку откровение Бог ми ја соопшти тајната, како што и погоре ви напишав накратко,
4. од кое, читајќи, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христа,
5. која што, на синовите човечки од поранешните поколенија, не им беше кажана, како што сега се откри на Неговите свети апостоли и пророци преку Светиот Дух.
6. Тоа стана за да бидат и незнабошците сонаследници, делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христа Исуса преку Евангелието,
7. на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила.
8. На мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде – +да им го проповедам на незнабошците неискажаното богатство Христово
9. и на сите да им откријам во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исуса Христа,
10. та многуразличната премудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни,
11. според предвечното определение, кое Он го изврши во Христа Исус нашиот Господ,
12. во Кого, преку верата во Него, имаме слобода да се доближуваме до Бога со доверба.
13. Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава.
14. Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос,
15. од Кого се именува секој род на небесата и на земјата,
16. да ви даде, по богатството на Својата слава, сила +да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек,
17. и преку верата Христос да се всели во срцата ваши,
18. та вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со свои светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина,
19. и да ја узнаете Христовата љубов, што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја.
20. А на Оној, Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сè, што бараме или помислиме,
21. Нему нека е слава во Црквата преку Исуса Христа во сите родови и за сите векови. Амин!
4. Потребно е да се одржува единството на Духот и да се оди по новиот пат.
1. Браќа, јас, затвореник во Господа, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани,
2. со секаква смиреност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден друг со љубов,
3. трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот.
4. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање.
5. Еден е Господ, една е верата, едно е крштевањето,
6. еден е Бог и Отец на сите, +Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас.
7. А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.
8. Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, +плени плен и им даде дарови на луѓето”.
9. А што означува „издигајќи се”, ако не тоа дека Он слезе пред тоа во најдолните места на земјата.
10. Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сè.
11. И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за +евангелисти, четврти за пастири и учители,
12. за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело,
13. додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство,
14. та да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата,
15. туку со вистинска љубов во сè да растеме во Оној, Кој е +глава, Христос,
16. од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поред силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.
17. Ова, пак, го зборувам и за сведок Го повикувам Господа: да не постапувате веќе, како што постапуваат и другите незнабошци, по суетата на својот ум;
18. помрачени во разумот, отстранети се од Божјиот живот поради нивното незнаење и ожесточување на нивното срце;
19. дојдени до бесчувство, тие се предадоа на бесрамност и ненаситно вршат секаква нечистота.
20. Но вие не Го познавате Христа така,
21. кога навистина сте чуле за Него и во Него сте се научиле – дека вистината е во Исуса –
22. да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби,
23. да се обновите со духот на својот ум
24. и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината.
25. Поради тоа, откако ја отфрливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме членови еден на друг.
26. Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш;
27. ниту, пак, да му давате место на ѓаволот.
28. Кој крадел, да не краде веќе; а подобро е да е труди, правејќи добро со рацете свои за да има што да му подаде на оној, кој што има потреба.
29. Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, +туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат.
30. И не Го оскрбувајте Светиот Дух Божји, +со Кој сте запечатени за денот на избавувањето.
31. Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба;
32. а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа.
5. Одење по свет пат. Должноста на сопружниците.
1. И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени,
2. и живејте во љубов, како што и Христос нè засака и Себеси за нас се предаде како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.
3. А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии,
4. ниту, пак, срамни и празни зборови или смешки, што се неприлични, туку само благодарности.
5. Зашто ова треба да го знаете, дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христа и Бога.
6. Никој да не се мами со празни зборови; оти поради овие иде гневот Божји врз синовите на непокорноста;
7. и така, не станувајте нивни соучесници.
8. Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како +деца на светлината!
9. Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина –
10. и испитувајте сè што Му е на Бога угодно!
11. Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги!
12. Оти за она, што го прават нечестивите скришум, срамно е и да се зборува.
13. А сè, што е за изобличување, светлината го открива; бидејќи сè што е јавно, светлина е.
14. Затоа е речено: „Стани ти што спиеш, +воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!”
15. Па така, гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри;
16. ползувајте го времето, зашто дните се лукави.
17. Затоа немојте да бидете нерасудливи, туку распознајте што е волјата Божја!
18. И не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух,
19. усовршувајќи се со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши;
20. благодарејќи Му секогаш за сè на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос;
21. покорувајте му се еден на друг во страв Божји.
22. Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа,
23. зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото.
24. Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè.
25. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа.
26. за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото;
27. та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернение, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.
28. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси.
29. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата,
30. бидејќи ние сме членови на Неговото тело – од Неговата плот и коските Негови.
31. Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот.
32. Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата.
33. И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој.
6. Христијаните дома. Облекување во Божјо оружје. Крај.
1. Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо.
2. Почитувај ги татка си и мајка си! – тоа е првата заповед со ветување,
3. за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата.
4. И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, +туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!
5. Вие, слугите, бидете им послушни на вашите господари по тело со страв и трепет, во простота на срцето, како на Христа.
6. не со слугување за очи како човечки угодници, туку како Христови слуги извршувајќи ја волјата Божја од срце,
7. усрдно служејќи, како да Му служите на Господа, а не на луѓе,
8. знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господа според доброто, што го направил.
9. А и вие, господарите, исто така, однесувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста своја, знаејќи дека и над вас самите и над нив има на небесата Господар, +во Кого нема лицемерност!
10. Браќа, потсилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ!
11. Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство;
12. оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.
13. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во +лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите.
14. И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе +се облечете во оклопот на правдата,
15. и нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир.
16. А над сè, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот;
17. земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо!
18. Со секаква молитва и просба молете се со духот во секое време и грижете се за тоа со постојанство и молба за сите светии.
19. и за мене, та, кога ќе ја отворам устата да ми се даде слободно да ја соопштувам тајната на Благовестието,
20. поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега.
21. А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сè ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен слуга во Господа,
22. кого го пратив при вас за истата работа, за да узнаете за нас, и да ги утеши срцата
ваши.
23. Мир на браќата и љубов со вера од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа.
24. Благодат со сите што неизминливо Го сакаат нашиот Господ Исус Христос. Амин!