1. Благодарност на Бога и молитва поради верата на Колосјаните. Славата на Христа и Неговото Евангелие.
1. Од Павла, по волјата Божја апостол на Исуса Христа, и братот Тимотеј,
2. до светиите и верните браќа во Исуса Христа што се во Колоси: благодат на вас и мир од Бога нашиот Отец и Господа Христа!
3. Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас,
4. бидејќи чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии,
5. поради надеж на она што ви е определено на небесата, за кое порано чувте од вистинското слово на Благовестието,
6. кое што е во вас, како и во целиот свет, и принесува плод и расте, како и меѓу вас од оној ден, кога ја чувте и познавте вистински Божјата благодат.
7. Како што и узнавте од Епафрас, нашиот возљубен сотрудник, кој е верен слуга Христов заради вас,
8. и кој нè извести за вашата љубов во Духот.
9. Затоа и ние од оној ден, кога го чувме тоа, не престануваме да се молиме и да сакаме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање,
10. та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сè, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познавањето на Бога,
11. укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и големодушност со радост,
12. благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нè направи способни да учествуваме во наследството на светитите во светлината;
13. нè избави од власта на темнината и нè доведе во царството на Својот возљубен Син,
14. во Кого имаме откуп преку крвта Негова и опростување на гревовите,
15. и Кој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар;
16. бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено.
17. Он е пред сè, и сè преку Него се држи.
18. И Он е глава на телото, односно на Црквата; Он е почеток, +првороден меѓу мртвите, за да има првенство во сè.
19. Бидејќи во Него благоволи Отецот да има секаква полнота,
20. и преку Него да измири сè со Себе, било земно, било небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст.
21. И вас, кои некогаш бевте отстранети од Бога, и Негови непријатели поради помислите кон лоши дела,
22. сега ве примири во телото на Неговата плот, преку Неговата смрт, за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и без вина,
23. само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи во надежта на Евангелието, што го чувте, кое е проповедано на секое поднебесно создание, и Кому што јас, Павле, му станав слуга.
24. Сега се радувам во своите страдања за вас и го пополнувам недостигот од Христовите маки во мојата плот за телото Негово, кое е Црквата.
25. Нејзе ѝ станав служител по Божја наредба што ми е наложена мене за вас, за да го исполнам словото Божјо,
26. тајната, сокриена од векови и родови, а сега откриена на Неговите светии,
27. на кои Бог пожела да им покаже какво богатство на слава има во таа тајна за незнабошците, односно дека Христос, надежта на славата, е во нас,
28. Него ние Го проповедаме, вразумувајќи ги сите луѓе и учејќи ги на секоја мудрост, та сите нив да ги претставиме совршени во Христа Исуса;
29. затоа и се трудам и молам според Неговата сила, која моќно дејствува во мене.
2. Потребно е цврсто да се стои со Исуса Христа, единствен извор на животот, и да не се поведуваме по лажни учења.
1. Сакам да знаете, во каква голема борба сум заради вас и заради оние, што се во Лаодикија и во Јерапол, и поради сите, кои што не ме видоа лично,
2. за да се утешат срцата нивни, та, соединети со љубов за секое збогатување со совршено разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христа,
3. во Кого се сокриени сите сокровишта на премудроста и познавањето.
4. А ова ви го велам за да не ве измами некој со примамливи зборови;
5. оти, ако и да сум отсутен со телото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го +вашиот ред и вашата тврда вера во Христа.
6. Поради тоа, како што Го примивте Господа Исуса Христа, така и одете по Него,
7. вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте научени, изобилувајќи во неа со благодарност.
8. Браќа, пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа;
9. оти во Него телесно живее сета полнота на Божеството,
10. и вие да имате полнота во Него, Кој е глава на секое началство и власт;
11. во Него сте и обрезани преку неракотворно обрезание, откако го соблековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово;
12. откако се погребавте со Него во крштавањето, во кое заедно со Него и +воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите.
13. И вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Он заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови;
14. а тоа стана, кога Христос го избриша ракописниот закон, што беше против нас, а кого го зеде од средината и го прикова на крстот;
15. и, откако ја одзеде силата од началствата и властите, Он ги изложи јавно на позор и ги победи на него.
16. Па така, никој нека не ве осудува за јадење или пиење, или за некој празник, или за млад месец или сабота;
17. тоа е сенката на иднината, а телото е Христос.
18. Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост и служење на ангелите, впуштајќи се во она, што не го видел, гордејќи се залудо со својот телесен ум,
19. и не се придржува кон Главата, од Која целото тело, поддржано преку зглобови и врски, расте со растење според Бога.
20. И така, ако вие со Христа умревте за световните стихии, тогаш сошто се препирате, како уште да живеете во светот:
21. не се фаќај, не вкусувај, не пипај!
22. Сите тие се определени на пропаѓање – кога се управуваат според човечките заповеди и учења.
23. Тие имаат само вид на мудрост во своеволното благочестие, а во смиреномудроста и во нештедењето на телото тие никако не се грижат, освен за наситување на телото.
3. Потребно е да се мисли на она што е небесно и да се оди по Христа. Христијаните дома.
1. И така, ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога:
2. мислете за небесното, а не за земното.
3. Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога.
4. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава.
5. Затоа умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!
6. Поради тие пороци иде гневот Божји врз синовите на непослушноста,
7. меѓу кои некогаш се движевте и вие, кога живеевте го тие пороци.
8. А сега и вие отфрлете сè од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста!
9. Не лажете се еден со друг, откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела,
10. и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател,
11. каде што нема ни Елини, ни Јудејци, ни обрезание, ни необрезание, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос.
12. И така, како избраници Божји, свети и возљубени, облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост;
13. трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете!
14. А над сето тоа облечете се во љубов, која е врска на совршенството,
15. и мир Божји да владее во срцата ваши, за што сте повикани во едно тело, и бидете благодарни!
16. Словото Христово изобилно нека се всели во нас; во секоја мудрост да се учите и да се советувате еден друг со псалми и химни, и со духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодарност во срцата ваши!
17. И сè што вршите со збор или со дело, вршете го во името на Господа Исуса Христа, благодарејќи Му преку Него на Бога и Отецот!
18. Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа!
19. Вие, мажите, сакајте ги жените свои и не огорчувајте ги!
20. Деца, на родителите свои бидете им послушни во сè, зашто тоа Му е благоугодно на Господа!
21. Татковци, не дразнете ја челадта своја, за да не паѓаат со духот!
22. Вие, робовите, во сè бидете им послушни на своите земни господари по тело, слугувајте им не само пред очи како да им угодувате на луѓе, туку во простотата на срцето, боејќи се од Бога!
23. И сè, што правите, правете го од душата, како за Господа, а не за луѓе,
24. знаејќи дека како награда ќе добиете од Господа наследство, бидејќи на Господа Христа Му служите.
25. А кој врши неправда, ќе добие според неправдата своја; и нема да се гледа кој е кој.
4. Молете Му се на Бога и за апостолите и за христијанската мудрост во зборови и дела. Поздрави и крај.
1. Вие, господарите, спрема робовите свои бидете справедливи и давајте им го она што е правично, кога знаете дека и вие имате Господар на небесата!
2. Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност!
3. Молете се исто така и за нас, за да ни ја +отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови,
4. та да ја откријам, како што треба да зборувам!
5. Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето!
6. Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!
7. Што се однесува до мене, сè ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и сотрудник во Господа,
8. кого нарочно поради тоа го испратив при вас, за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши,
9. заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви раскажат сè што станува овде,
10. Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде при вас, примете го.
11. Исто така и Исус, наречен Јуст; тие се од обрезаните и единствени сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха.
12. Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Исуса Христа, кој секогаш во молитвите свои се грижи, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја.
13. Сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодикија и Ерапол.
14. Ве поздравува Лука, возљубениот лекар, и Димас.
15. Поздравете ги браќата во Лаодикија, и Нимфана, и неговата домашна црква!
16. Откако ова послание се прочита при вас, направете да се прочита и во Лаодикијската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие.
17. Кажете му на Архип: „Гледај ја службата, што си ја примил во Господа, да ја извршуваш!”
18. Своерачен поздрав од мене, Павла. Помнете ги оковите мои! Благодат меѓу сите вас. Амин!