Свето Евангелие според Лука

1. Увод. Ангелот го објавува раѓањето на Јована Крстител. Архангелот Гавриил го објавува раѓањето на Исуса Христа. Марија кај Елисавета. Мариината благодарност. Раѓањето и обрезанието на Јована. Пророкувањето на Захарија.

1. Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас,
2. како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и служители на словото,
3. намислив и јас, откако испитав сè од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле,
4. за да ја разбереш основата на учењето, на кое си се учел
5. Во деновите на Ирода, царот Јудејски, живееше еден свештеник по име Захарија, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Елисавета.
6. И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка.
7. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари.
8. Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред,
9. според обичајот на свештениците, нему му се падна ждреб да влезе во храмот Господов и да покади.
10. А целиот народ се молеше однадвор, за време на кадењето.
11. Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник.
12. Захарија се уплаши кога го виде, и страв го опфати.
13. Но ангелот му рече: „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован.
14. И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање.
15. Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си;
16. и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог;
17. и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господа народ совршен.”
18. И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна.”
19. Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост;
20. и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.”
21. Народот го чекаше Захарија и се чудеше што се забави во храмот.
22. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.
23. И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома.
24. По тие дни зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи:
25. Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето.
26. А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гавриил во галилејскиот град, по име Назарет,
27. при една девојка, свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката ѝ беше Марија.
28. И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!”
29. А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?”
30. И ѝ рече ангелот: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога;
31. и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус.
32. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида;
33. и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството Негово нема да има крај.”
34. А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?”
35. Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.
36. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец;
37. зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила.”
38. Марија, пак, рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!” И ангелот си отиде од неа.
39. А Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин;
40. па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.
41. Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети,
42. па извика гласно и рече: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба!
43. И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ?
44. Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја.
45. И блажена е таа, која поверува, зашто ќе се исполни она, што ѝ рекол Господ.”
46. И рече Марија: „Мојата душа Го велича Господа,
47. и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој,
48. оти ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови;
49. зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име;
50. и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него.
51. Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои;
52. ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените;
53. гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни;
54. го прифати Израилот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста,
55. како што им зборуваше на татковците наши, на Авраама и на семето негово довека.”
56. И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома.
57. А на Елисавета ѝ дојде времето да роди, и таа роди син.
58. И чуја оние, што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја увеличил Господ Својата милост над неа, и се радуваа со неа.
59. На осмиот ден дојдоа да го обрежат младенецот, и сакаа да му го дадат името на татка му Захарија.
60. Но мајка му одговори и рече: „Не, туку да се нарече Јован!”
61. И рекоа нејзе: „Никој нема во твојот род, кој се вика со такво име.”
62. И го прашаа со знаци татка му, како би сакал да го наречат.
63. Тој побара штичка и ги напиша зборовите: „Јован му е името.” И сите се зачудија.
64. И веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога.
65. И се уплашија сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај Јудејски.
66. Сите, што чуја, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?” И раката Господова беше со него.
67. А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи:
68. Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави народот Свој;
69. и подигна рог за нашето спасение, во домот на Давида, Својот слуга;
70. како што говореше преку устата на своите свети пророци од векот,
71. дека ќе нè избави од непријателите наши и од рацете на сите што нè мразат;
72. за да ја пројави Својата милост над татковците наши и да се сети на светиот завет Свој,
73. на клетвата, со која му се заколна на Авраама, нашиот татко;
74. оти ќе даде, штом нè избави од непријателите наши,
75. без страв да Му служиме, во светост и правда пред Него, преку целиот наш живот.
76. А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови;
77. и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку проштавање на гревовите нивни,
78. заради големата милост на нашиот Бог, со која нè посети Исток од висините,
79. за да ги просвети оние, што седат во темнина и сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот.”
80. А детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустина до денот, кога им се јави на Израелците.

2. Христовото раѓање, обрезание и донесување во храм. Симеон и Ана. Дванаесетгодишниот Исус во храмот. Неговото детинство во Назарет.

1. Во тие дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители.
2. Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија.
3. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град.
4. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово,
5. за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна.
6. А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди.
7. Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница.
8. Имаше пастири во тој крај, кои ноќеваа таму и го чуваа своето стадо.
9. И одеднаш се јави ангел Господов меѓу нив и славата Господова ги осветли; и се уплашија многу.
10. А ангелот им рече: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе;
11. зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ;
12. и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли.”
13. И одеднаш со ангелот се јави многубројно небесно воинство, кое Го славеше Бога, велејќи:
14. Слава на Бога во висините, а на земјата +мир и меѓу луѓето добра волја!
15. Кога си отидоа ангелите од нив на небо, пастирите си рекоа помеѓу себе: „Да отидеме во Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ни соопшти Господ.”
16. И дојдоа брзо и ги најдоа Марија и Јосифа, и Младенецот како лежи во јасли.
17. А штом видоа, кажаа сè што им беше речено за Тоа Дете.
18. И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите.
19. А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое.
20. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Бог за сè она што чуја и видоа, како што им беше речено.
21. А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.
22. И кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според законот на Мојсеја, Го донесоа во Ерусалим за да Го претстават пред Господа,
23. како што е напишано во Законот Господов, дека секое машко дете, кое прво ќе ја отвори утробата, да се посвети на Господа;
24. и да се принесе жртва, како што е речено во Законот Господов, две грлици или две гулапчиња.
25. А во Ерусалим живееше тогаш еден човек по име Симеон; и тој човек беше праведен и благочестив; и ја очекуваше утехата Израилева; и Светиот Дух беше во него.
26. Нему Светиот Дух му беше прорекол оти нема да види смрт, дури не Го види Христа Господов.
27. И дојде по вдахновение во храмот. Па, кога родителите Го донесоа Младенецот Исуса за да го извршат над Него обичајот, според Законот,
28. тој Го зеде во своите раце, Му благодари на Бога и рече:
29. Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои;
30. зашто очите мои го видоа спасението Твое,
31. што си го приготвил пред лицето на сите народи:
32. светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот.”
33. А Јосиф и мајка Му се чудеа на она што се зборуваше за Него.
34. Па ги благослови Симеон и ѝ рече на Марија, мајката Негова: „Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот,
35. А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца.”
36. Таму беше и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, од Асировото колено; и беше многу остарела, а со мажот проживеала само седум години, по моминството свое.
37. Таа беше вдовица на околу осумдесет и четири години и не се отстрануваше од храмот, служејќи Му на Бога со пост и молитва, дење и ноќе.
38. Во тој час пристапи и таа, и почна да Го слави Господа и им прикажуваше за Него на сите, што чекаа спасение во Ерусалим.
39. И кога извршија сè по Законот Господов, се вратија во Галилеја, во градот свој Назарет.
40. А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него.
41. И секоја година родителите Негови одеа во Ерусалим на празникот Пасха.
42. А кога он беше на дванаесет години, тие пак отидоа по обичајот во Ерусалим;
43. но при враќањето, кога се завршија празничните денови, Младенецот Исус остана во Ерусалим; а Јосиф и мајка Му не го забележаа тоа.
44. Мислејќи дека е Он со друштво, измина еден ден пат и Го побараа меѓу роднините и познатите.
45. Па, како не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат.
46. По три дни Го најдоа во храмот како седи меѓу учители, ги слуша и ги прашува;
47. сите што Го слушаа, се восхитуваа на Неговиот разум и на Неговите одговори.
48. Кога Го видоа, се зачудија; и мајка Му рече: „Синко, што ни направи така? Ете, татко Ти и јас се измачивме, барајќи Те.”
49. А Он рече: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец?”
50. Но тие не ги разбраа зборовите што им ги кажа Он.
51. И слезе со нив, па дојде во Назарет; и им беше послушен. А мајка Му ги пазеше сите тие зборови во срцето свое.
52. Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето.

3. Јовановата проповед за покајание и сведоштво за Христа. Крштавањето и родословот на Исуса Христа.

1. Во петнаесеттата година од владеењето на ќесарот Тибериј, кога Понтиј Пилат беше управител во Јудеја, а Ирод – четворовласник над Галилеја, и Филип брат му, четворовласник во Итуреја и Трахонитската област, и Лисаниј – четворовласник во Авилинија,
2. при првосвештениците Ана и Кајафа, му рече Бог на Јована, синот Захариев, во пустината.
3. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите,
4. Како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господа и рамни правете ги патеките Негови;
5. секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат,
6. и секое тело ќе го види спасението Божјо!”
7. А на луѓето, што доаѓаа при него да ги крсти, им велеше: „Породи змиини, кој ве научи да бегате од гневот што иде?
8. Но родете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: »Го имаме таткото Авраама!« Зашто
ви велам, дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраама.
9. Оти веќе и секирата стои кај коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган.”
10. И го прашаа луѓето, велејќи: „Тогаш што треба да правиме?”
11. А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека му даде на оној што нема; а кој има храна, нека го прави истото.”
12. Дојдоа и митници да се крстат од него и му рекоа: „Учителе, што да правиме?”
13. А тој им рече: „Не барајте повеќе, отколку што е определено.”
14. Го прашаа и некои војници, говорејќи: „А што да правиме ние?” И им рече: „Никого не присилувајте, никого не клеветете, и бидете задоволни со вашите плати.”
15. А на луѓето што чекаа и си помислуваа во срцата свои за Јована да не е тој Христос,
16. Јован им одговараше на сите, велејќи: „Јас ве крштавам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови: Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.
17. Нему му е лопатата во раката Негова и Он ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.”
18. И уште многу друго му проповедаше на народот, утешувајќи го.
19. А Ирод четворовласникот, укорен од него заради Иродијада, жената на брата му, и заради сите лоши работи што ги беше направил,
20. покрај сето тоа уште и го затвори Јована во темница.
21. А кога се крсти сиот народ, и кога Исус, по крштавањето, се помоли на Бога, се отвори небото,
22. и Светиот Дух слезе на Него во телесен вид, како гулаб, и се чу глас од небото, кој велеше: „Ти си Мојот возљубен Син, во Тебе е Мојата волја.”
23. Кога почна Исус да проповеда имаше околу триесет години и беше, како што мислеа, син Јосифов, Илиев,
24. Мататов, Левиин, Малхиев, Јанаев, Јосифов,
25. Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нагеев,
26. Маатов, Мататиев, Семеиев, Јосифов, Јудин,
27. Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатиилев, Нириев,
28. Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Иров,
29. Јосиев, Елиезеров, Јоримов, Мататов, Левиин,
30. Симеонов, Јудин, Јосифов, Јоананов, Елијакимов,
31. Мелеаев, Маинанов, Мататаев, Натанов, Давидов,
32. Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Наасонов,
33. Аминадавов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин,
34. Јаковов, Исаков, Авраамов, Тарин, Нахоров,
35. Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин,
36. Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов,
37. Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов,
38. Еносов, Ситов, Адамов, Божји.

4. Искушувањето на Христа. Почнува да го учи народот и да проповеда во Назарет и Капернаум, каде што ја исцелува бабата на Петра и многу болни.

1. Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустина.
2. Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот, и ништо не јаде во тие дни; а кога изминаа тие, најпосле огладне.
3. И Му рече ѓаволот: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.”
4. А Исус му одговори и рече: „Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот, туку и со секој збор Божји.”
5. И кога Го одведе на една висока планина, ѓаволот Му ги покажа наеднаш сите царства во светот.
6. И Му рече ѓаволот: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт, и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.
7. Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое.”
8. Но Исус му одговори и рече: „Бегај од Мене, сатано, оти е напишано: »На Господа, Твојот Бог, клањај Му се и само Нему служи Му!«“
9. И Го одведе во Ерусалим, и Го постави на храмовиот покрив, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу!
10. Зашто е напишано: »На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат;
11. и на раце ќе Те земат, да не би некако да ја сопнеш ногата Своја на камен«.”
12. И Исус му одговори и рече: „Кажано е: »Не искушувај Го Господа, својот Бог!«“
13. Па како заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него за некое време.
14. И се врати Исус во Галилеја во силата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.
15. А Он поучуваше по синагогите нивни, прославуван од сите.
16. И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па застана да чита.
17. Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Он, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:
18. Духот Господов е врз Мене; затоа Ме помаза да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да ги исцелам сокрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на
слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените;
19. да ја проповедам благопријатната година Господова!
20. И кога ја затвори книгата и му ја даде на слугата, седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.
21. И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо, што го чувте.”
22. И сите Му посведочија, и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови, што излегуваа од устата Негова, и велеа: „Не е ли Овој синот на Јосифа?”
23. А Он им рече: „Секој од вас сигурно ќе Ми приговори: »Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она, што чувме дека се случило во Капернаум.«“
24. Па им рече: „Вистина ви велам: ниеден пророк не е мил во земјата своја.
25. Навистина ви кажувам: имаше многу вдовици во Израилот, во деновите на Илија, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;
26. и при ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај вдовицата во Сарепта Сидонска;
27. и мнозина беа лепрозни во Израилот, при пророкот Елисеј, и ниеден од нив не се очисти, освен Сириецот Нееман.”
28. А кога го чуја тоа, сите во синагогата се исполнија со гнев;
29. па како станаа, Го истераа надвор од градот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора.
30. Но Он си помина меѓу нив и си отиде.
31. И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови.
32. И се чудеа на Неговата наука, зашто словото Му беше со власт.
33. Во синагогата се наоѓаше еден човек, во кого имаше нечист бесовски дух, и тој извика гласно:
34. О, што имаш со нас, Ти, Исусе Назарејче? Си дошол ли да нè погубиш? Те знам кој си, Ти си Светец Божји.
35. А Исус му забрани, говорејќи: „Молкни и излези од него!” Па откако го кутна насреде, бесот излезе од него и ништо лошо не му направи.
36. И сите се уплашија, и расудуваа, говорејќи меѓу себе: „Какви се овие зборови, со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат?”
37. Па се разнесе глас за Него по сите околни места.
38. Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а бабата на Симона имаше силна треска, и Го помолија за неа.
39. И како застана над неа, Он ја отстрани треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше.
40. И на зајдисонце, сите, што имаа болни од разни болести, ги доведуваа при Него; а Он, возлагајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.
41. Од мнозина излегуваа бесови со викање, и велеа: „Ти си Христос, Син Божји!” А Он забрануваше и не им позволуваше да кажуваат, оти знаат дека е Он Христос.
42. Кога се раздени, Он излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа при Него, Го задржуваа да не си оди од нив.
43. А Он им рече: „И на другите градови треба да им соопштам радосна вест за царството Божјо, оти за тоа сум пратен.”
44. И проповедаше по синагогите галилејски.

5. Петровиот риболов. Исцеление на лепрозниот и фатениот. Повикувањето на Левиј. Христос за постот.

1. Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генисаретското Езеро.
2. Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги
плавеа мрежите,
3. Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од
брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ.
4. А штом престана да говори, му рече на Симона: „Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!”
5. Но Симон Му одговори и рече: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.”
6. И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина.
7. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа.
8. А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: „Оди си од мене,
Господи, оти сум човек грешен!”
9. Зашто беше влегол страв во него, и во сите што беа со него, од тој лов на риби, што ги уловија;
10. а исто така и во Јакова и Јована, синовите Зеведееви, кои му беа другари на Симона. И
му рече Исус на Симона: Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!”
11. Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сè и тргнаа по Него.
12. А кога беше Исус во еден град, дојде некој човек сиот лепрозен, и штом Го виде Исуса, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.”
13. Исус протегна рака, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!” И веднаш лепрата падна од него.
14. И му заповеда никому да не кажува; и му рече: „Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво!”
15. Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу народ доаѓаше да Го слуша и да ги лекува болните нивни.
16. А Он се повлекуваше во осамени места и се молеше.
17. Еден ден, додека Он поучуваше, седеа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Јудеја, и од Ерусалим; а Он имаше сила Господова да лекува.
18. И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше фатен, и сакаа да го внесат и положат пред него;
19. па, како не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постелата насреде пред Исуса.
20. А Он, штом ја виде верата нивна, рече: „Човеку, ти се простуваат гревовите!”
21. Книжниците, пак, и фарисеите почнаа да размислуваат и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен единиот Бог?”
22. А Исус, кога ги разбра нивните помисли, им одговори и рече: „Што размислувате во срцата свои?
23. Што е полесно да се каже: »Ти се простуваат гревовите,« или да кажам: »Стани и оди«?
24. Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите” – па му рече на фатениот: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!”
25. И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде дома, славејќи Го Бога.
26. Ужас ги опфати сите и Го славеа Бога; па, како се исполнија со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!”
27. А потоа излезе Исус и виде еден митник, по име Левиј, кој седеше на митницата, и му рече: „Врви по Мене!”
28. Тој остави сè, стана и тргна по Него.
29. И во својот дом Левиј Му приготви голема гозба; а таму имаше многу митници и други, што седеа на трпезата со нив.
30. Книжниците, пак, и фарисеите негодуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со митници и грешници јадете и пиете?”
31. Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, но болните;
32. не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.”
33. А тие Му рекоа: „Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?”
34. Он им рече: „Зар можете да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот?
35. Но ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат.”
36. Им ја кажа и оваа парабола: „Никој не пришива на стара облека крпа од нова облека; оти и неговата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега нова крпа.
37. И никој не налива ново вино во стари мевови; зашто новото вино ќе ги расцепи мевовите, и тоа ќе истече, а и мевовите ќе се упропастат;
38. но ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се запази и едното и другото.
39. И никој, откако пил старо вино, нема да побара ново; оти вели: »Старото е подобро.«“

6. Исус го оправдува кинењето класје и исцелувањето на човек со сува рака во сабота. Проповед на гората.

1. Во првата сабота, по вториот ден од Пасха, намисли да мине преку нивјата и учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа.
2. А некои од фарисеите им рекоа: „Зошто го правите тоа, што не бива да се прави во сабота?”
3. Исус им одговори и рече: „Зар не сте читале што направи Давид, кога огладне сам тој и оние што беа со него?
4. Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој освен свештениците, па јадеше, и им даде на оние, што беа со него!”
5. И им рече: „Синот Човечки е господар и на саботата.”
6. Потоа, пак, и другата сабота влезе во синагогата и поучуваше; а таму имаше еден човек, кому десната рака му беше исушена.
7. Книжниците и фарисеите гледаа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да Го обвинат.
8. Но Он, знаејќи ги нивните помисли, му рече на човекот со исушената рака: „Дигни се и застани насреде!” И тој се дигна и застана,
9. Тогаш им рече Исус: „Ќе ве запрашам: што е позволено да прави човек во сабота – добро или зло? Да спаси ли една душа или да ја погуби?” А тие молчеа.
10. Па, откако ги изгледа сите му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!” Тој направи така; и раката му стана здрава како другата.
11. А оние се разгневија многу и се советуваа помеѓу себе, што да Му направат на Исуса.
12. Тие денови се искачи на една гора, за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога.
13. А кога настана ден, ги повика учениците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече и апостоли:
14. Симона, кому што му даде и име Петар, и брата му Андреја, Јакова и Јована, Филипа и Вартоломеја,
15. Матеја и Тома, Јакова Алфеев и Симона, наречен Зилот,
16. Јуда Јаковов и Јуда Искариот, кој Го и предаде.
17. Па како слезе заедно со нив, Он се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим, и од приморјето Тирско и Сидонско,
18. кои беа дошле да Го чујат и да се исцелат од болестите свои, како и оние што страдаа од нечисти духови; и се излекува.
19. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.
20. А Он, како ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: „Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо!
21. Блажени сте вие, што сега гладувате, оти ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се насмеете!
22. Блажени ќе бидете, кога ќе ве намразат луѓето, и ќе ве одделат и похулат, и го исфрлат името ваше како лошо, заради Синот Човечки!
23. Зарадувајте се во оној ден и развеселете се, оти голема е наградата ваша на небесата. Зашто така постапуваа со пророците и нивните татковци!
24. Но тешко вам, богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха!
25. Тешко вам, преситени сега, оти ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!
26. Тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто така им правеа на лажните пророци и нивните татковци!
27. Но вам, што слушате, ви велам: љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат;
28. благословувајте ги оние што ве навредуваат!
29. На оној, што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној, што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата.
30. Секому, кој ти бара, подај; а од оној, што зема од тебе нешто, не сакај да ти врати!
31. Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!
32. И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив.
33. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа.
34. И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото.
35. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите.
36. И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.
37. Не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено;
38. давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.”
39. И им кажа парабола: „Може ли слепец слепец да води? Не ќе паднат ли обајцата во јама?
40. Нема ученик поголем од својот учител; но секој, што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов.
41. И зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја забележуваш?
42. Или, како можеш да му кажеш на својот брат: позволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си.
43. Оти, нема добро дрво што дава лош плод, ниту лошо дрво, што дава добар плод.
44. Секое, пак, дрво се познава според својот плод; бидејќи не се берат смокви од трње, ниту се бере грозје од капина.
45. Добриот човек од доброто сокровиште на своето срце изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште на своето срце изнесува лошо; оти, од преполнето срце зборува устата негова.
46. И зошто ми велите: »Господи, Господи!« а не го извршувате она што ви го кажувам?
47. Секој што иде при Мене и ги слуша зборовите Мои, и ги исполнува, ќе ви кажам на кого прилега.
48. Тој прилега на човек, кој прави куќа, па ископа и продлабочи, и постави темели на камен; а кога настана наводнение, реката напна на таа куќа и не можеше да ја помести, оти беше основана на камен.
49. А оној што слуша и не исполнува, прилега на човек, што направил куќа на земја, без темели; и кога напна реката, веднаш ја урна, и паѓањето на таа куќа беше големо.”

7. За слугата на стотникот и за младичот во Наин. Јовановото послание. Грешница Го помазува Исуса со миро.

1. И кога ги заврши зборовите Свои кон народот, што слушаше, Он влезе во Капернаум.
2. Слугата на еден стотник беше тешко болен, на умирање; а многу го сакаше.
3. Па како чу за Исуса, ги прати при Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов.
4. А тие, штом дојдоа при Исуса,
Го молеа усрдно и велеа: „Достоен е да му го направиш тоа,
5. оти го сака нашиот народ, и синагогата тој ни ја направи.”
6. И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите свои при Него, говорејќи: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив;
7. затоа и сам себе не се најдов достоен да дојдам при Тебе, туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави;
8. оти и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: »Оди!« – и тој оди; на другиот: »Дојди!« – и тој доаѓа; и на слугата свој: »Направи тоа!« – и тој прави.”
9. Штом го чу тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: „Ви велам, ни во Израилот не најдов толку голема вера!”
10. Испратените кога се вратија, го најдоа болниот слуга здрав.
11. И се случи потоа да оди во градот наречен Наин; и со Него одеа мнозина Негови ученици и многу народ.
12. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа.
13. Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!”
14. И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Он рече: „Момче, тебе ти велам, стани!”
15. Мртовецот стана и седна, и почна да зборува; и Он го предаде на мајка му.
16. И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас.” и „Бог го посети Својот народ.”
17. И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
18. И му соопштија на Јована учениците негови за сето тоа.
19. Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати при Исуса, говорејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?”
20. И кога дојдоа при Него, тие Му рекоа: „Јован Крстител нè прати при Тебе, велејќи: »Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?«“
21. Во тој час Он исцели мнозина од болести, и од рани, и од зли духови, и на мнозина слепи им подари вид.
22. И им одговори Исус и рече: „Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието;
23. и блажен о оној, кој не ќе се соблазни поради Мене.”
24. А кога си отидоа учениците Јованови, Он почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее на ветар?
25. Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние, што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се.
26. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк.
27. Овој е, за кого што е напишано: »Ете, Јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.«
28. Оти ви велам: меѓу родените од жени нема ниеден поголем пророк од Јована Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.”
29. И сите луѓе, што слушаа, па и митниците, Му благодареа на Бога дека се беа крстиле со крштавањето Јованово;
30. а фарисеите и закониците го отфрлија советот Божји за нив, и не се крстија со него.
31. И рече Господ: „Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични?
32. Тие личат на деца што седат по пазариштата и викаат едно на друго, велејќи: »Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте!«
33. Зашто, дојде Јован Крстител, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: »Бес има.«
34. Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: »Еве човек што многу јаде и пие, пријател на митниците и грешниците!«
35. И се оправда Премудроста од сите свои чеда.”
36. Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него; и Он, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза.
37. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека Он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро;
38. па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.
39. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.”
40. Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.” А тој одврати: „Учителе,
кажи!”
41. Исус му рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини динарии, а другиот педесет.
42. Но, бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?”
43. Симон одговори и му рече: „Мислам оној, кому повеќе му прости.” А Он му рече: „Право пресуди.”
44. И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри.
45. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои.
46. Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои.
47. Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштава, и љубов мала има!”
48. Нејзе, пак, ѝ рече: „Ти се простуваат гревовите!”
49. А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови проштава?”
50. На жената, пак, ѝ рече: „Верата твоја те спаси; оди си со мир!”

8. Жените – приврзаници Исусови. Парабола за сејачот. Кои се Христовите роднини. Стивнувањето бура на морето. Исцелението на човек со нечист дух. Будењето на Јаировата ќерка и чудото со болна жена.

1. Потоа Он одеше по градовите и селата, проповедајќи го царството Божјо; а со Него беа дванаесетте,
2. и некои жени, што беа излекувани од зли духови и болести: Марија, наречена Магдалина, од која беа излегле седум демони;
3. и Јоана, жената на Хуза, настојникот Иродов, и Сусана, и многу други, кои Му служеа со своите имоти.
4. А кога се собра многу народ, и кога жителите од сите градови приоѓаа кај Него, Он ја кажа оваа парабола:
5. Излезе сејач на семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа;
6. а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага;
7. едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши;
8. а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.” Откако го рече ова, извика: „Која има уши да слуша, нека чуе!”
9. А учениците Негови Го прашаа, велејќи: „Што значи таа парабола?”
10. Он рече: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не виѓаат, и слушајќи да не разбираат.
11. А оваа парабола значи: семето е словото Божјо.
12. Она, што падна покрај патот, се оние, кои слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат;
13. а она на камен – се оние, кои кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенија, тие се откажуваат;
14. тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние, што го слушаат словото, но кога отидат, се подаваат на грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод;
15. а оние на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение.” Штом го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!
16. Никој кога запали свеќа, не ја поклопува со сад, ниту ја става под одар, туку ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат.
17. Оти нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело.
18. Па, пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има.”
19. Дојдоа кај Него мајка Му и браќата Негови, и не можеа да се приближат до Него поради народот.
20. И Му јавија, велејќи: „Мајка Ти и браќата Твои стојат надвор и сакаат да Те видат.”
21. А Он им одговори и рече: „Мојата мајка и Моите браќа се оние, што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат.”
22. Еден ден влезе Он во кораб со учениците Свои и им рече: „Да минеме на другата страна од езерето!” И појдоа.
23. Кога, пак, пловеа, Он заспа. А над езерото се појави силен ветар, па ги плискаше водата и тие беа во опасност.
24. Пристапија и Го разбудија, говорејќи: „Наставниче, Наставниче, загинуваме!” А Он, штом се разбуди, им забрани на ветрот и на брановите; и тие се смирија и настана тишина.
25. И им рече: „Каде е верата ваша?” А тие се уплашија и се чудеа, велејќи си еден на друг: „Кој е Овој што и на ветровите и на водата им заповеда и Го слушаат?”
26. И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја.
27. А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите.
28. Кога Го виде Исуса, извика и падна пред Него, и гласно рече: „Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!”
29. Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше
оковите и бесот го тераше да оди во пусти места.
30. А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?” Тој одговори: „Легион”, зашто многу бесови беа влегле во него.
31. И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната.
32. А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи.
33. И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото.
34. Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината.
35. И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија.
36. А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек.
37. И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати.
38. Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи:
39. Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог! Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус.
40. А кога се врати Исус, народот Го пресретна, оти сите Го очекуваа.
41. И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Па кога падна пред нозете Исусови, Го молеше да појде во домот негов,
42. зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него.
43. И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува,
44. пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана
крвотечението.
45. И рече Исус: „Кој се допре до Мене?” А кога сите се откажуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него: „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: »Кој се допре до Мене?«“
46. Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.”
47. Жената, штом виде оти не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела.
48. А Он ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!”
49. Додека Он уште зборуваше, дојде некој од управникот на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го учителот!”
50. Но Исус, штом го чу тоа, одговарајќи, му рече: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!”
51. А кога пристигна во куќата, никому не му позволи да влезе, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојката.
52. Сите плачеа и ридаа по неа. Но Он им рече: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие.”
53. И му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена.
54. А Он откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: „Девојко, стани!”
55. И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде.
56. И се зачудија родителите нејзини. А Он им заповеда, никому да не кажуваат за тоа што стана.

9. Испраќањето на дванаесетте апостоли. Нахранувањето на пет илјади луѓе. Првото пророкување за страдањата. Преображението на Исуса. Исцелението на фатениот. Суетата кај учениците и нивната усрдност спрема Учителот. Следбениците Исусови.

1. Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести,
2. и ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни.
3. И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате!
4. Но, во која куќа влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат.
5. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, ним за сведоштво.”
6. А кога излегоа, тие одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде.
7. Ирод четворовласникот, кога чу што прави Он, беше во недоумение, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите;
8. други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци.
9. И рече Ирод: „На Јована јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?” И сакаше да Го види.
10. А апостолите, кога се вратија, Му кажаа што направиле. Па, откако ги +зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида.
11. Но народот, штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување.
12. А денот почна да намалува. И се приближија до Него дванаесетте и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; оти овде сме во пусто место.”
13. Но Он им рече: „Дајте им вие да јадат!” Тие одговорија: „Ние немаме повеќе од пет
лебови и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.”
14. А тие беа околу пет илјади души. Но Он им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат на купчиња по педесет.”
15. И направија така, и ги поредија сите.
16. А Он, кога ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, за да ги стават пред народот.
17. И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.
18. Еднаш, кога Исус се молеше насамо и учениците Негови беа со Него, Он ги праша: „За кого Ме мисли народот?”
19. Тие одговорија и рекоа: „Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.”
20. Он им рече: „А вие, за кого Ме мислите?” Петар одговори и рече: „За Христа Божји.”
21. И Он строго им заповеда, никому да не кажуваат за тоа,
22. велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
23. А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене!
24. Оти, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси.
25. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го придобие целиот свет, а себе погуби или си направи зло?
26. Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели.
27. Вистина ви велам, овде стојат некои, што не ќе вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо.”
28. На осум дена по овие зборови, го зеде со Себе Петра, Јована и Јакова, и се искачи на гората да се помоли.
29. И кога се молеше, видот на лицето Негово се измени, и облеката Му стана бела и светла.
30. И ете, два човека разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија.
31. Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим.
32. А Петра и оние, што беа со Него, беше ги совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него.
33. И кога се одделуваа од Него, Петар Му рече на Исуса: „Наставниче, добро ни е овде; да направиме три сеници: за Тебе една, за Мојсеја една, и за Илија една!” – не знаејќи што зборува.
34. Кога го велеше тоа, одеднаш се јави облак и ги засени; и се уплашија, штом влегоа во облакот.
35. И се чу глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!”
36. А кога се чу тој глас, Исус беше останал Сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тие дни за она што беа виделе.
37. А на другиот ден, кога слегнаа од гората, Го пресретна многу народ.
38. И ете, некој во народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мојот син! Оти ми е единец!
39. Го прифаќа дух и тој наеднаш вриска; го крши силно, така што пена му се појавува; и кога ќе го измачи, одвај го напушта.
40. Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.”
41. Одговори Исус и рече: „О, роде неверен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го синот твој тука!”
42. И додека тој уште приоѓаше, бесот го кутна и почна да го крши. Но Исус му заповеда на нечистиот дух, и го излекува момчето, и го предаде на татка му.
43. И сите се чудеа на величината Божја. И додека се чудеа сите на сè, што правеше Исус, Он им рече на учениците Свои:
44. Сложете ги во ушите свои овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки.
45. Но тие не го разбраа оној збор, зашто беше сокриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за неговото значење.
46. И им дојде мисла: кој од нив е најголем.
47. А Исус, знаејќи ја мислата на нивните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе,
48. па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној Што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.”
49. Одговори Јован и рече: „Наставниче, видовме еден човек, кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.”
50. Исус му рече: „Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас.”
51. А кога се приближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим;
52. и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да приготват за Него.
53. Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник, што оди во Ерусалим.
54. Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Јован, рекоа: „Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?”
55. Но Он се сврте кон нив, ги искара и рече: „Не знаете од каков дух сте вие;
56. зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да спаси.” И отидоа во друго село.
57. А кога одеа по патот, некој Му рече: „Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.”
58. Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни.”
59. На друг, пак, му рече: „Врви по мене!” А тој одговори: „Господи, позволи најнапред да отидам да го погребам татка ми!”
60. Но Исус му рече: „Остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го царството Божјо!”
61. А друг еден рече: „Господи, ќе одам по Тебе, но позволи ми најнапред да се простам со своите домашни.”
62. Исус, пак, му рече: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо.”

10. Испраќањето и враќањето на седумдесетте ученици. Исусовата благодарствена молитва кон Отецот. Парабола за милостивиот Самарјанин. Марија и Марта: само едно е потребно.

1. Потоа Господ избра и други седумдесет ученици и ги испрати пред Себе по двајца во секој град и место, каде што и Сам сакаше да оди,
2. и им рече: „Жетвата е голема, а работници се малку; затоа молете Го Господарот од жетвата да испрати работници на жетвата Своја.
3. Одете! Ете, Јас ве праќам како јаганца меѓу волци.
4. Не носете со себе ни ќесе, ни торба, ниту обувки и +никого патем не поздравувајте!
5. И во која куќа влезете, прво кажете: »Мир на таа куќа!«
6. Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на него; ако ли не, тој ќе се врати во вас;
7. и во таа куќа останете, јадете и пијте што ќе ви дадат; зашто работникот ја заслужува својата награда. Не преоѓајте од куќа в куќа.
8. И во кој град влезете, и ве примат, јадете што ќе ви принесат пред вас;
9. лекувајте ги болните што се во него и говорете им: »Се приближи до вас царството Божјо.«
10. А во кој, пак, град влезете и не ве примат, излезете по раскрсниците негови и кажете:
11. »И правот од вашиот град, што се прилепил на нас, ви го истресуваме; но знајте го ова, дека се приближи до вас царството Божјо.«
12. Ви велам, дека во оној ден на Содом ќе му биде полесно, отколку на тој град.
13. Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Оти, ако во Тир и Сидон се беа извршиле чудесата што станаа кај вас, тие одамна, седејќи во вреќи и пепел, ќе се беа покајале.
14. Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на судот, отколку вам.
15. И ти, Капернауме, што си се издигнал до небото, до пеколот ќе паднеш.
16. Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.”
17. Се вратија, пак, седумдесетте со радост и велеа: „Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат.”
18. А Он им рече: „Го видов сатаната дека падна од небото како молња!
19. Еве, ви давам власт да настапувате на змии и скорпии, и на секаква непријателска сила; и ништо нема да ве повреди;
20. но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што се имињата ваши напишани на небесата.”
21. Во тој час се возрадува Исус во духот и рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, оти таква беше волјата Твоја.”
22. Па, откако се сврте кон учениците, им рече: „Сè Ми е предадено од Мојот Отец; и кој е
Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој, освен Синот, и – кому што сака Синот да му открие.”
23. И кога се обрна кон учениците, им рече тивко: „Блажени се очите, кои го гледаат ова што го гледате вие.
24. Зашто ви велам, многу пророци и цареви сакаа да видат што гледате вие, и не видоа; и да чујат, што слушате вие, и не чуја.”
25. И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што да направам за да добијам живот вечен?”
26. А Он му рече: „Што е напишано во Законот? Како читаш?”
27. Тој одговори и рече: „Возљуби Го Господа, Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и +својот ближен како себеси!”
28. Му кажа пак: „Добро одговори; тоа прави го и ќе бидеш жив.”
29. Но тој, сакајќи да се оправда, Му рече на Исуса: „А кој е мојот ближен?”
30. Исус му одговори и рече: „Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон, и сретна разбојници, кои го соблекоа и му направија рани, и си отидоа, оставајќи го полумртов.
31. Во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник, и кога ги виде, си замина.
32. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, се приближи, погледна и си отиде.
33. Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали.
34. И кога се приближи, му ги преврза раните, поливајќи ги со елеј и со вино; па, откако го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него.
35. А утредента, на кинисување, извади два динарија, му ги даде на гостилничарот и му рече: »Припази го; а ако потроши нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.«
36. Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?”
37. А тој одговори: „Оној што му направи милост.” Исус му рече: „Оди и ти прави така!”
38. И кога одеа, влезе Он во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом.
39. А таа имаше сестра по име Марија, која седна при нозете Исусови и го слушаше словото Негово.
40. Марта се беше, пак, зафатила со многу работи и, кога застана, рече: „Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне!”
41. А Исус ѝ одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи.
42. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе.”

11. Исус ги учи учениците како да се молат. Изгонувањето на ѓавол. Изобличувањето на злобата и лицемерството на фарисеите и книжниците.

1. Еднаш беше Он на едно место и се молеше, и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: „Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои.”
2. А Он им рече: „Кога се молите, говорете: »Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата:
3. лебот наш насушен дај ни го денес;
4. и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не нè воведуј во искушение, но избави нè од лукавиот!”
5. И им рече: „Ако некој од вас има пријател и отиде при него на полноќ, па му каже: »Пријателе, кај ми назаем три леба;
6. оти ми дојде еден пријател од пат и немам што да му принесам;
7. а оној однатре да му одговори и рече: »Не ме обеспокојувај; портата е веќе затворена и децата се со мене во постела; не можам да станам и да ти дадам.«
8. Но ви велам, макар и да не стане да му даде затоа што му е пријател, но ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде, колку што му треба.
9. И Јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори.
10. Зашто секој што сака – добива, и кој бара – наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори.
11. И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија место риба?
12. Или, ако побара јајце, да му даде скорпија?
13. И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат?”
14. Еднаш истера Он еден бес, кој беше нем, и кога нечистиот дух излезе, немиот проговори; и народот се чудеше,
15. А некои од нив рекоа: „Он ги изгонува бесовите преку Велзевула, кнезот на бесовите.”
16. А други, искушувајќи Го, Му бараа знак од небото.
17. Но Он, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа;
18. и, ако и сатаната се разделил сам против себе, како ќе се одржи царството негово? Оти велите дека Јас преку Велзевула ги истерувам бесовите.
19. И, ако Јас, пак, преку Велзевула ги истерувам бесовите, тогаш синовите ваши преку кого ги истеруваат? Затоа, тие ќе ви бидат судии.
20. Ако Јас, пак, со прст Божји ги изгонувам бесовите, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо.
21. Кога силен човек се вооружи и го припази домот свој, тогаш имотот негов е во безопасност.
22. Но, ако некој посилен од него го нападне и победи, тој ќе му го земе сето оружје, на кое се надевал, и ограбеното од него ќе го раздаде.
23. Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура.
24. Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокој; и не наоѓајќи вели: »Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.«
25. Па, штом дојде, го наоѓа изметен и уреден.
26. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата.”
27. А кога го зборуваше тоа, една жена извика од народот и Му рече: „Блажена е утробата, што Те носела и градите, од кои си се хранел!”
28. А Он рече: „Да, но блажени се и оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат.”
29. А на народот, што се собираше, почна да му зборува: „Лукав е овој род; бара знаци, но
нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона;
30. зашто, како што Јона беше знак за Ниневијците, така и Синот Човечки ќе биде за својот род.
31. Јужната царица ќе излезе на суд со луѓето од овој род и ќе го осуди, оти таа дојде од крај земја да ја чуе мудроста на Соломона; а ете, тука е поголем од Соломона.
32. И Ниневијците ќе излезат на суд со луѓето од овој род и ќе го осудат, зашто тие се покајаа од проповедта на Јона; а ете тука е поголем од Јона.
33. Никој, пак, не клава запалено светило на сокриено место, ниту под поклоп, туку на свеќник, за да ја видат светлината оние што влегуваат.
34. Светило за телото е окото; ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло; а ако биде лукаво, и твоето тело ќе биде темно;
35. затоа гледај светлината, што е во тебе, да не биде темнина.
36. Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ниеден темен дел, тогаш тоа ќе биде така светло, како кога светило те осветлува со светлина.”
37. И кога зборуваше Он, еден фарисеј Го помоли да руча кај него. Он отиде и седна на
трпеза.
38. И фарисејот се зачуди, кога виде, дека Он не си ги изми рацете пред јадење.
39. Но Господ му рече: „Ете, вие фарисеите ја миете чашата и чинијата однадвор, а пак внатрешноста ви е полна со грабеж и лукавство.
40. Безумни, не е ли ист Оној што ја создаде и надворешноста и внатрешноста?
41. Но, давајте милостина според своите сили, тогаш сè во вас ќе биде чисто.
42. Но тешко вам, фарисеи, оти давате десеток од нане и рута, и од секаков зелен, а преминувате преку судот и љубовта Божја; ова требаше да го правите, но и она да не го оставате.
43. Тешко вам, фарисеи! Оти сакате да сте на првите места во синагогите и да ве поздравуваат по плоштадите!
44. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти сте како сокриени гробови, преку кои луѓето одат и не ги знаат.”
45. Одговори некој од закониците и Му рече: „Учителе, кога го говориш тоа, Ти и нас нè навредуваш.”
46. Но Он рече: „Тешко и на вас закониците, што ги натоварувате луѓето со тешки бремиња за носење, а вие сами ни со еден прст не се допирате до тие бремиња.
47. Тешко вам, оти им ѕидате гробници на пророците, што ги убија вашите татковци;
48. со тоа сведочите за делата на своите татковци и ги одобрувате, бидејќи тие ги убија пророците, а вие им ѕидате гробници.
49. Затоа и Божјата премудрост рече: »Ќе им пратам пророци и апостоли, и од нив едните ќе ги убијат, а другите ќе ги прогонат«;
50. за да се побара од овој род крвта на сите пророци, пролеана од постанокот на светот;
51. од крвта на Авела па сè до крвта на Захарија, кој е убиен меѓу жртвеникот и храмот. Да, ви велам, ќе се побара од овој род.
52. Тешко вам, законици, оти го зедовте клучот на познанието; сами не влеговте, а и на оние што сакаат да влезат им попречивте.”
53. А кога го зборуваше тоа, книжниците и фарисеите почнаа силно да се гневат на Него и да Го прашуваат за многу работи;
54. Го напаѓаа, сакајќи да уловат нешто од Неговата уста, за да Го обвинат.

12. Не треба да се биде лицемерен, ни плашлив, ни лаком, ниту треба човек да се грижи за земното богатство. За стражарењето. За помирливоста. Знакот на времињата.

1. Меѓутоа, кога се насобраа илјадници народ – така што се газеа еден со друг, Он почна да им зборува најнапред на Своите ученици: „Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие.
2. Нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае;
3. па затоа, што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите.
4. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат;
5. но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него бојте се!
6. Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога.
7. А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи.
8. И ви велам: секој што Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели;
9. а кој се одрече од Мене пред луѓето, и тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10. На секој, што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој похули на Светиот Дух, нема да му се прости.
11. А кога ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;
12. зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете.”
13. Некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на мојот брат да го раздели со мене наследството!”
14. А Он му рече: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?”
15. Потоа им кажа: „Гледајте и пазете се од лакомство, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.”
16. И им кажа парабола и им рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу;
17. и мислеше во себе, велејќи: »Што да правам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.«
18. Па рече – вака ќе направам: »ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,
19. и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!«
20. Но Бог му рече: »Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане?«
21. Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога.”
22. И им рече на учениците Свои: „Затоа ви велам: не грижете се за душата своја, што ќе јадете, ниту за телото свое, што ќе облечете.
23. Зашто, душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеклото.
24. Погледајте ги гавраните како ни сеат, ни жнеат; тие немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?
25. Па и кој од вас, грижејќи се, може да му додаде еден лакот на својот раст?
26. И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго?
27. Погледајте ги лилјаните како растат: ни се трудат, ниту предат; но ви велам, дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.
28. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе вас, маловерни!
29. Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!
30. Сето тоа го бараат и незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.
31. Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви се придаде!
32. Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.
33. Продајте ги имотите ваши и давајте милостина! Згответе си ќесиња, што нема да изветват, сокровиште на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде;
34. зашто, каде што е сокровиштето ваше, таму ќе биде и срцето ваше.
35. Нека ви биде крстот стегнат и +светилата – запалени!
36. Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш, штом дојде и почука.
37. Блазе на оние слуги, што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се опаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.
38. А ако дојде и на втора стража, и на трета дојде ли, и ги затече така, блазе на тие слуги!
39. Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата.
40. И вие, значи, бидете готови: зашто, во кој час не мислите, ќе дојде Синот Човечки!”
41. А Петар Му рече: „Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?”
42. Тогаш Господ рече: „Кој е тој верен и мудар слуга, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им дава потребна храна на време?
43. Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, го затече така да постапува!
44. Вистина ви велам, дека тој ќе го постави него над целиот свој имот.
45. Ако, пак, тој слуга рече во срцето свое: »Нема скоро да дојде мојот господар!« па почне да ги бие слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива,
46. господарот на тој слуга ќе дојде во ден, во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го оддели и ќе го постави меѓу неверните.
47. А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен.
48. Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен. Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.
49. Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.
50. Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно дури не се сврши тоа.
51. Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздвојување;
52. оти отсега, петина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца;
53. ќе биде татко против сина си и син против татка си; мајка против ќерка си и ќерка против мајка си; свекрва против снаата своја и снаата против свекрвата своја.”
54. А на народот му рече: „Кога видите дека се крева облак од запад, тогаш велите: »Ќе врне дожд!« Така и бива.
55. А кога дува јужниот ветар, велите: »Ќе биде горештина!« Па така и бива.
56. Лицемери, лицето на небото и земјата умеете да го распознавате, а ова време како не го познавате?
57. Зошто и сами од себе не судите што е праведно?
58. Кога одиш со својот противник пред власта, гледај уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и слугата да те фрли во затвор.
59. Ти велам, оттаму нема да излезеш, дури не ја дадеш и последната лепта.”

13. Беседата на Исуса за пропаста на Галилејците и за покајанието. Исцелението на една осумнаесетгодишна болест во сабота. Параболи и беседи за царството Божјо. Иродовите замки. Плачењето над Ерусалим.

1. Во тоа време дојдоа некои и Му кажаа за Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви.
2. Исус им одговори и рече: „Мислите ли дека тие Галилејци беа најгрешни од сите Галилејци, та така пострадаа?
3. Не, ви велам: ако не се покаете, сите така ќе изгинете.
4. Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа најгрешни од сите жители на Ерусалим?
5. Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.”
6. И ја кажа оваа парабола: „Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, и не најде.
7. Тогаш му рече лозарот: »Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата?«
8. А тој му одговори и рече: »Господаре, остави ја и оваа година, дури да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре;
9. па, ако роди, добро; ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш«.”
10. Во една од синагогите поучуваше Он во сабота.
11. И ете, дојде една жена која беше опседната од дух на немоќта осумнаесет години; таа беше згрбавена и никако не можеше да се исправи;
12. штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, се ослободуваш од болеста своја.”
13. И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога.
14. А старешината на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден!”
15. Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои?
16. А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, не требаше ли да се ослободи од тие врски во саботен ден?”
17. И кога го зборуваше ова, сите што беа против Него се засрамија; а целиот народ се радуваше за сите славни дела, извршени од Него.
18. А Он рече: „На што прилега царството Божјо и со што да го споредам?
19. Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески си прават гнезда на неговите
гранки.”
20. И пак рече: „Со што да го споредам царството Божјо?
21. Тоа прилега на квас што го зема жена и го става во три мери брашно, додека скисне сето.”
22. И минеше низ градови и села и поучуваше, патувајќи кон Ерусалим.
23. Некој, пак, Му рече: „Господи, малку ли се оние што ќе се спасат?” А Он рече:
24. Потрудете се да влезете низ тесната врата; зашто ви велам: мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат.
25. Кога ќе стане домаќинот и ќе ја затвори вратата на куќата, а вие, стоејќи однадвор, ќе почнете да чукате и да викате: »Господи, Господи, отвори ни!« Он ќе ви одговори и рече: »Не ве знам од каде сте.«
26. Тогаш ќе почнете да зборувате: »Ние јадевме пред Тебе и пиевме; и по нашите улици Ти поучуваше.«
27. А Он ќе рече: »Ви велам, не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите неправда!«
28. Таму ќе биде плач и крцкање со заби, кога ќе ги видите Авраама, Исака и Јакова, и сите пророци во царството Божјо, а себе – истерани надвор.
29. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо.
30. И ете, има последни, што ќе бидат први, а има и први, што ќе бидат последни.”
31. Во тој ден пристапија некои од фарисеите и Му рекоа: „Излези и оди си одовде, оти Ирод сака да Те убие!”
32. И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: еве, истерувам бесови, и лекувам денес и утре – и на третиот ден ќе свршам;
33. но Јас треба да врвам денес, утре и задутре, бидејќи не бива пророк да загине надвор од Ерусалим.
34. Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш пратените при тебе, колкупати сакав да ги соберам чедата свои, како квачка пилињата свои под крилја, но не сакавте.
35. И ете, домот ваш ќе ви се остави пуст. И Јас ви велам, дека нема да Ме видите сè дури не дојде времето да кажете: »Благословен е Оној што иде во името Господово!«“

14. Исцелението во сабота на човек што страдал од водена болест. Треба човекот да биде понизен и да чини добро. Парабола за големата вечера. Одречување на самите од себеси.

1. Еднаш во саботен ден влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие пазеа на Него.
2. Одеднаш застана пред Него еден човек, болен од водена болест.
3. И кога одговори Исус, им рече на закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?”
4. А тие замолкнаа. И како се допре, го излекува и го испрати.
5. Потоа им рече: „Кој од вас, ако му падне в бунар вол или осле, нема да го извади веднаш, и тоа во саботен ден?”
6. Не можеа да Му одговорат на тоа.
7. А кога забележа, како поканетите избираат први места, им кажа парабола и рече:
8. Ако те покани некој на свадба, не седнувај на првото место, за да не влезе некој од гостите со поголема чест од тебе,
9. и, да не дојде оној, што ве поканил и тебе и него, па да рече: »Отстапи го местото на овој!« и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место.
10. Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној, што те поканил, штом дојде, да ти каже: »Пријателе, премести се погоре!« Тогаш ќе имаш чест од гостите, што седат со тебе.
11. Зашто, секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде
издигнат.”
12. А и на оној, што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи за да не те
поканат и тие некогаш и да ти вратат.
13. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, хромите, слепите,
14. и ќе бидеш блажен, оти тие не можат да ти вратат, а ќе ти биде отплатено при воскресението на праведните.”
15. А кога го чу тоа еден од оние, што седеа со Него на трпезата, Му рече: „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во царството Божјо!”
16. А Он му одговори: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина;
17. и кога беше време за вечера, го прати слугата свој да им каже на поканетите: »Дојдете, оти сè е готово!«
18. И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: »Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!«
19. Вториот рече: »Купив пет чифта волови и одам да ги пробам; те молам – извини ме!«
20. Третиот рече: »Се оженив и затоа не можам да дојдам«
21. Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: »Отиди бргу по раскрсниците и улиците градски и доведи ги тука бедните, слабите, хромите и слепите!«
22. И рече слугата: »Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.«
23. И му рече господарот на слугата: »Излези по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат, за да се наполни мојот дом!«
24. Зашто, ви велам: никој од поканетите нема да вкуси од вечерата Моја. Оти мнозина се поканети, но малкумина се избрани.”
25. Со Него одеше многу народ; а Он се заврти и им рече:
26. Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жената и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, Тој не може да биде Мој ученик.
27. И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик.
28. Зашто, кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сè, што е потребно за нејзиното довршување,
29. та, откако ги постави темелите и не може да доврши, да не почнат, сите што гледаат, да му се смеат,
30. и да речат: »Овој човек почна да ѕида и не може да доврши«.
31. Или кој цар, одејќи во војна против друг цар, не ќе седне да се посоветува најнапред, може ли со десет илјади да издржи пред оној, што иде против него со дваесет илјади?
32. Инаку, дури е оној уште далеку, ќе прати слуги и ќе моли за мир.
33. Така и секој од вас, кој не се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик.
34. Солта е добро нешто, но ако таа облутави, со што ќе се соли?
35. Ниту на земјата, ниту на ѓубрето му е потребна; па затоа ја фрлаат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе!”

15. Парабола за загубената овца, за парите и за синот.

1. Се приближуваа кон Него сите митници и грешници за да Го слушаат.
2. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.”
3. Но Исус им ја кажа оваа парабола и рече:
4. Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде?
5. А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен;
6. и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: »Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!«
7. Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење.
8. Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде?
9. А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: »Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!«
10. Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.”
11. И рече: „Еден човек имаше два сина.
12. Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот.
13. По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.
14. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
15. па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.
16. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.
18. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе,
19. и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.
20. Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
21. И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!«
22. А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;
23. Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,
24. оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.
25. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици.
26. Па, како повика еден од слугите, го праша: »Што е ова?«
27. А тој му рече: »Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.«
28. Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.
29. А тој му одговори на татка си и му рече: »Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите
пријатели;
30. а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.«
31. А он му рече: »Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое;
32. но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.«“

16. Парабола за неправедниот настојник. Богаташот и сиромашниот Лазар.

1. А на учениците Свои им рече: „Еден човек беше богат и имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот.
2. И кога го повика, му рече: »Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.«
3. А настојникот си рече во себе: »Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам; да просам – се срамам.
4. Знам што да правам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од раководењето на куќата.«
5. И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: »Колку му должиш на мојот господар?«
6. Тој одговори: »Сто мери елеј.« И му рече: »Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши: »педесет!«
7. Потоа му рече на другиот: »А ти, колку должиш?« Тој одговори: »Сто мери пченица.« И му рече: »Земи си ја потврдата и напиши: »осумдесет!«
8. И го пофали господарот несправедливиот настојник, оти постапил досетливо; зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината.
9. И јас ви велам: создадете си пријатели со неправедно богатство, па, кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта.
10. Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив.
11. Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското?
12. И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето?
13. Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не
можете да служите на Бога и на Мамона.”
14. Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа.
15. И им рече: „Вие се прикажувате пред луѓето за праведни, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што е за луѓето високо, пред Бога е мерзост.
16. Законот и Пророците беа до Јована; а оттогаш царството Божјо се благовестува и секој со усилие влегува во него.
17. Но полесно им е на небото и на земјата да преминат, отколку една црта од Законот да пропадне.
18. Секој, што ја остава жената своја и се жени со друга, прељубодејствува, и секој, што се жени со напуштена, прави прељуба.
19. Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.
20. Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова;
21. и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.
22. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.
23. И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово,
24. и, откако извика, рече: »Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!«
25. Но Авраам рече: »Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш.
26. Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.«
27. А тој пак рече: »Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,
28. зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!«
29. Авраам му рече: »Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!«
30. А тој рече: »Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.«
31. Авраам му рече: »Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.«“

17. За соблазната, простувањето, верата и делата. Исцелението на десетмина лепрозни луѓе. Иднината на царството Божјо.

1. И им рече Исус на учениците Свои: „Не е можно да не дојдат соблазни, но тешко на оној,
преку кого доаѓаат;
2. за него би било подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море,
отколку да соблазни еден од овие помали.
3. Пазете на себе. Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае – прости му.
4. И ако седумпати на ден згреши против тебе и седумпати на ден дојде и ти рече: »Се кајам« – прости му.”
5. И Му рекоа апостолите на Господа: „Засили ја во нас верата!”
6. А Господ им рече: „Кога би имале вера колку синаповото зрно и ѝ речете на оваа црница: »Откорни се и пресади се в море!« и таа би ве послушала.
7. Кој од вас, кога се врати неговиот слуга од поле, орач или овчар, веднаш ќе му рече: »Дојди бргу и седни на трпеза!«
8. Нема ли да му каже: »Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ми дури јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!«
9. Зар ќе му благодари на тој слуга, што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не.
10. Па така и вие, кога исполните сè, што ви е заповедано, речете: »Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме.«“
11. А кога одеше за Ерусалим, Он поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.
12. И кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку,
13. па со силен глас повикаа: „Исусе Наставниче, смилуј се!”
14. Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!” И тие, одејќи, се очистија.
15. А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се поврати и Го прослави Бога гласно;
16. и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.
17. Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се излекуваа десетмина? Каде се деветмината?
18. Како не се најдоа да се вратат и другите и да Му заблагодарат на Бога, туку само овој туѓинец?”
19. И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!”
20. Запрашан од фарисеите, кога ќе дојде царството Божјо, Он им одговори: „царството Божјо нема да дојде забележливо,
21. ниту ќе кажат: »Еве, овде е« или: »Ене, онде е«. Зашто царството Божјо е во вас внатре.”
22. И им рече: „Ќе дојдат дни, кога ќе сакате да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите:
23. и ќе ви речат: »Еве, овде е« или, Ене, онде е«. – Не одете и не барајте!
24. Зашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден.
25. Но, најнапред Он треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.
26. Како што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:
27. јадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сè до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите.
28. Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа;
29. но во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите;
30. така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки.
31. Во тој ден, кој е на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; и кој е в поле, исто така, да не се враќа.
32. Сеќавајте се на Лотовата жена.
33. Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја погуби; а кој ја погуби, ќе ја оживи.
34. Ви велам: во таа ноќ ќе бидат двајца на една постела: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават;
35. две жени ќе мелат заедно: едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават;
36. двајца ќе бидат на нива: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават.”
37. И, кога одговорија, Му рекоа: „Каде, Господи?” А Он им рече: „Каде што е телото, таму ќе се соберат и орлите.”

18. Парабола за молбата на вдовицата и за молитвата на фарисејот и митникот. Исус ги повикува децата кон Себе. Опасноста од богатството. Третото пророкување за страдањата. Исцеление за слепиот.

1. Им кажа и парабола за тоа, оти секогаш треба да се молат да не паѓаат со духот.
2. И рече: „Во еден град имаше судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше.
3. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: »Заштити ме од мојот противник!«
4. Но тој за долго време нејќеше. Најпосле си рече во себе: »Иако од Бога не се бојам и од луѓето не се срамувам,
5. но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа веќе и да не ми додева.«“
6. И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија!
7. Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?
8. Ви велам, ќе ги заштити набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?”
9. А на оние, што беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:
10. Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник.
11. Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: »Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник.
12. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам.«
13. А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури (н)и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: »Боже, биди милостив спрема мене грешниот!«
14. Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.”
15. При Него донесуваа и младенци, за да се допре до нив; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа.
16. Но Исус, кога ги повика, им рече: „Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо!
17. Вистина ви велам: кој не го прими царството Божјо како дете, нема да влезе во него.”
18. И Го праша еден управник, велејќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?”
19. А Исус му рече: „Зошто ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен еден Бог.
20. Ги знаеш заповедите: не прељубодејствувај, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си.”
21. А тој рече: „Сето тоа сум го запазил од младоста своја.”
22. Штом го чу тоа, Исус му рече: „Уште едно не ти достига: продај сè што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; потоа дојди и врви по Мене!”
23. А тој, кога го чу тоа, се нажали, оти беше многу богат.
24. Штом виде дека тој многу се разжалости, Исус рече: „Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство?
25. Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.”
26. Оние, што го чуја тоа, рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?”
27. А Он одговори: „Неможното за луѓето е можно за Бога.”
28. Петар, пак, рече: „Ете, ние оставивме сè и врвиме по Тебе.”
29. Он им рече: „Вистина ви велам, дека нема ниеден, што оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо,
30. а да не добил многу повеќе, од тоа уште сега, во ова време, а во идниот век – и живот вечен.”
31. И кога ги зеде со Себе дванаесетте, им рече: „Еве, одиме кон Ерусалим и сè ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки:
32. дека ќе Го предадат на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го оскрбат и ќе Го плукаат,
33. ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.”
34. Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не разбраа што им кажа.
35. А кога се приближуваше Он до Ерихон, еден слепец седеше крај патот и просеше;
36. и штом чу дека покрај него врви народ, праша: „Што е тоа?”
37. Му кажаа дека минува Исус Назареецот.
38. Тогаш тој извика и рече: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!”
39. Оние, што одеа напред, го искараа да молчи; но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, помилуј ме!”
40. Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога оној се приближи до Него, го праша,
41. велејќи: „Што сакаш да ти направам?” Тој рече: „Господи, да прогледам!”
42. Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Верата твоја те спаси.”
43. И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога.

19. Закхеј. Парабола за ќесињата со сребро што им ги поверил господарот на своите слуги. Исусовото влегување во Ерусалим. Исус плаче за Ерусалим и го чисти храмот.

1. Потоа влезе Исус во Ерихон и минуваше низ него.
2. И ете, некој човек по име Закхеј, кој беше началник на митниците, и беше богат,
3. сакаше да Го види Исуса, Кој е Он, но не можеше од народот, оти беше низок.
4. Затоа истрча напред и се качи на една смоква за да Го види, бидејќи покрај неа требаше да мине.
5. Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна угоре, го виде и му рече: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.”
6. И тој веднаш слезе и Го прими со радост.
7. И сите, кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: „Отиде во куќата на грешен човек.”
8. А Закхеј застана и Му рече на Господа: „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам.”
9. А Исус му рече: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов.
10. Оти, Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното.”
11. А на оние, што го слушаа ова, им кажа и една парабола, бидејќи беше близу до Ерусалим и тие мислеа дека набргу ќе се открие царството Божјо,
12. па рече: „Еден човек од висок род заминуваше во далечна земја да прими царство за себе и да се врати;
13. и кога ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: »Тргувајте со нив, дури не се вратам!«
14. Но граѓаните го мразеа и испратија по него пратеници, велејќи: »Нејќеме тој да царува над нас.«
15. А кога се врати, по приемот на царството, нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види, кој колку спечалил.
16. Дојде првиот и му рече: »Господаре, твојата мина придонесе десет мини.«
17. И му рече: »Добро, верни слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови.«
18. Дојде вториот и рече: »Господаре, твојата мина придонесе пет мини.«
19. А тој и нему му рече: »И ти биди – над пет градови.«
20. И друг дојде, велејќи: »Господаре, еве ти ја твојата мина, што ја чував в крпа,
21. оти се плашев од тебе, бидејќи си жесток човек: земаш од каде што не си оставил, и жнееш, каде што не си сеел.«
22. А господарот му рече: »Со твојата уста ќе ти судам, лукави слуго; ти знаеш дека сум жесток човек: земам, од каде што не сум оставил, и жнеам, каде што не сум сеел;
23. тогаш, зошто не го даде моето сребро на трговците, та кога ќе се вратам, да го добијам со интерес?«
24. Па им рече на присутните: »Земете ја од него мината и дајте му ја на оној, што има десет мини!«
25. И му рекоа: »Господаре, тој има десет мини!
26. Ви велам, дека секому што има, ќе му се придаде; а од оној што нема, ќе му се одземе и она, што го има.
27. А оние мое непријатели, што не сакаат да царувам над нив, доведете ги тука и погубете ги пред мене!”
28. Кога го рече тоа, Он тргна понатаму, искачувајќи се кон Ерусалим.
29. И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Елеонска, испрати два ученика,
30. велејќи: „Отидете во спротивноно село! Штом ќе влезете во него, ќе најдете едно врзано осле, кое ниеден човек не го јавал. Одврзете го и доведете го!
31. И ако ве праша некој: »Зошто го одврзувате?« Кажете му вака: »Тоа Му е потребно на Господа«.”
32. Кога отидоа испратените, најдоа како што им беше рекол.
33. И кога го одврзуваа ослето, стопаните им рекоа: „Зошто го одврзувате ослето?”
34. Тие одговорија: „Потребно му е на Господа.”
35. И го доведоа при Исуса; па штом ги нафрлија облеките свои на ослето, Му помогнаа на Исуса да се качи.
36. И кога минуваше Он, ги постилаа своите облеки па патот.
37. А кога наближи до местото од каде што се слегува од Елеонската Гора, сето мноштво ученици почнаа радосно да Го прославуваат Бога со висок глас, за сите чудеса што ги видоа,
38. велејќи: „Благословен е Царот, Кој доаѓа во името Господово! Мир на небото и слава на висините!”
39. А некои фарисеи од народот Му рекоа: „Учителе, забрани им на учениците Твои!”
40. Но Он им одговори и рече: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат.”
41. А кога се приближи и го виде градот, заплака за него
42. и рече: „Да беше и ти узнал барем во овој твој ден, што служи за твојот мир? Но тоа е сега сокриено од твоите очи,
43. зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни;
44. и ќе те разрушат тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, оти не си го позна времето, кога беше посетен.”
45. И кога влезе во храмот, почна да ги пади оние, што продаваа и купуваа во него,
46. велејќи им: „Напишано е: »Домот Мој е дом за молитва, а +вие го направивте разбојничка пештера«.”
47. И поучуваше секој ден во храмот. А првосвештениците и книжниците, и старешините народни, гледаа да го погубат,
48. но не можеа ништо да Му направат, зашто сиот народ беше приврзан кон Него и Го слушаше.

20. Христос одговара за Својата власт. Парабола за лошите лозари. За данокот и за воскресението на мртвите. Чиј Син е Исус? Потребно е чување од книжниците.

1. Кога Он, во еден од оние денови, го поучуваше народот во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и книжниците со старешините
2. и Му рекоа, велејќи: „Кажи ни, со каква власт го вршиш тоа, или кој ти ја дал таа власт?”
3. А Он им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас еден збор, и кажете Ми:
4. крштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето?”
5. А тие, размислувајќи помеѓу себе, си велеа: „Ако кажеме,,Од небото«, ќе рече: »Зошто не му поверувавте?«
6. Ако, пак, речеме -»Од луѓето«, тогаш сиот народ ќе не затрупа со камења, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.”
7. Па одговорија: „Не знаеме од каде е.”
8. Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам, со каква власт го вршам тоа.”
9. И почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си отиде на подолго време.
10. А подоцна испрати кај лозарите еден слуга, за да му дадат од плодовите на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен.
11. И прати одново друг слуга: но тие и него го натепаа и го понизија, па го испратија празен.
12. Испрати и трет, а тие и него го ранија и го испадија.
13. Тогаш господарот на лозјето рече: »Што да направам? Ќе го испратам својот сакан син; можеби, кога ќе го видат, ќе се засрамат.«
14. Но лозарите, штом го видоа, си размислуваа меѓу себе, велејќи: »Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!«
15. И кога го изведоа надвор од лозјето, го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето?
16. Ќе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други.” А оние, што слушаа, рекоа: „Да не даде Бог!”
17. Но Он, кога ги погледна, им рече: „Што значи тогаш напишаното: »Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот?«
18. Секој што падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој падне, ќе го здроби.”
19. И во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; оти разбраа дека за нив ја кажа оваа парабола.
20. И следејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се претставуваа за праведни, за да Го фатат во некој збор и да Го предадат на поглаварите и на власта управникова.
21. И Го прашаа, велејќи: „Учителе, знаеме дека право говориш и учиш, и не гледаш кој што е, туку вистински поучуваш за патот Божји;
22. позволено ли е да даваме данок на ќесарот или не?”
23. А Он го разбра нивното лукавство и им рече: „Што Ме искушувате?
24. Покажете Ми еден динариј: Чиј образ и натпис има?” Тие одговорија: „Ќесарев.”
25. Па им рече: „Дајте го ќесаровото на ќесарот, а Божјото на Бога!”
26. И не можеа да ги покудат зборовите Негови пред народот, но се почудија на одговорот Негов и замолкнаа.
27. Тогаш пристапија некои од садукеите, што тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:
28. Учителе, Мојсеј ни напиша: ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена, и да го подигне потомството на брата си.
29. Имаше седум браќа и првиот, откако се ожени, умре без деца;
30. жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца;
31. ја зеде и третиот, а така исто и сите седуммина и умреа без деца;
32. по сите нив, умре и жената.
33. При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена, бидејќи со седуммината живеела?
34. Им одговори Исус и рече: „Синовите од овој век се женат и мажат;
35. но оние, што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат,
36. и да умрат веќе не можат, оти се еднакви со ангелите и, бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји.
37. А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј при капината, кога Го
нарече Господа – Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.
38. А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи.”
39. На тоа, некои од книжниците, рекоа: „Учителе, добро рече!”
40. И не смееја повеќе за ништо да Го прашаат. А Он им рече:
41. Како, пак, велат дека Христос е син Давидов?
42. Та и сам Давид вели во книгата на псалмите: »Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна,
43. дури не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои!«
44. И така, Давид, значи, Го нарече Господ. Како тогаш да му е Он син?
45. И кога сиот народ слушаше, Он им рече на учениците Свои:
46. Чувајте се од книжниците, што милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места по синагогите и да се први на гозбите;
47. што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат; тие ќе добијат потешка пресуда.

21. Вдовичината лепта. Беседата на Исуса за разурнувањето на Ерусалим и за неговата иднина.

1. Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаа своите прилози во црковната каса;
2. виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти,
3. па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти;
4. сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти – сè што имаше за својот живот.”
5. И кога некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и ветени дарови, Он им рече:
6. Ќе дојдат дни и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат.
7. И Го прашаа, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот, дека ќе стане тоа?”
8. Он рече: „Чувајте се, да не ве прелажат; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе зборуваат оти сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив!
9. А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба да стане, но сè уште не е крајот.”
10. Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ, и царство против царство;
11. а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото.
12. А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат, предавајќи ве на синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име.
13. И тоа ќе ви биде вам за сведоштво.
14. И така, ставете си при срце да не размислувате однапред што ќе одговарате,
15. зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници.
16. Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа и од роднини, и од пријатели, а некои од вас ќе бидат убиени;
17. и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име.
18. Но, ни влакно од главата ваша нема да загине;
19. со трпение спасувајте си ги душите.
20. А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте – дека се приближило неговото запустување.
21. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,
22. зашто тоа се дните на одмазда, за да се изврши сè што е напишано.
23. Но тешко на бремените и доилките во тие дни: зашто голема мака ќе биде на земјата, и гнев врз овој народ;
24. и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во плен по сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сè додека не се свршат времињата на незнабошците.
25. И ќе има знаци на сонцето, и на месечината, и на ѕвездите; а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите;
26. луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небески ќе попуштат.
27. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаци, со сила и слава голема.
28. А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение.”
29. Им кажа парабола: „Погледајте ја смоквата и сите дрвја;
30. кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете оти летото е веќе близу.
31. Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте оти се приближи царството Божјо.
32. Вистина ви велам, нема да премине овој род, дури сето тоа не се исполни.
33. Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат.
34. Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно;
35. оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја;
36. бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки!”
37. Дење проповедаше Он во храмот, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората, наречена Елеонска.
38. И сиот народ доаѓаше наутро при Него во храмот, за да Го слуша.

22. Предавство. Пасхалното јагне и вечерата. Суетата кај учениците. Страдањето на Исуса во Елеонската Гора. Фаќањето. Петровото одречување. Страдањето на Исуса пред Кајафа.

1. Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха;
2. а првосвештениците и книжниците гледаа како да Го погубат, оти се плашеа од народот.
3. И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, еден од бројот на дванаесетте.
4. И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде.
5. Тие се зарадуваа и се согласија да му дадат сребреници.
6. И тој вети, и бараше погодно време, да им Го предаде тајно од народот.
7. И дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне;
8. па ги испрати Исус Петра и Јована и им рече: „Отидете и пригответе ни пасха, за да јадеме!”
9. А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвивме?”
10. Он им рече: „Ете, влегувајќи в град, ќе ве сретне човек со стомна вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе,
11. и кажете му на домаќинот од куќата: »Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?«
12. И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.”
13. Кога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата.
14. А кога дојде времето, Он седна на трпезата и дванаесетте апостоли со Него.
15. И им рече: „Од сè срце сакав да ја јадам оваа пасха со вас, пред да пострадам;
16. оти, ви велам: нема веќе да јадам од неа, дури таа не се доврши во царството Божјо.”
17. Па како ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја помеѓу себе,
18. зашто нема да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.”
19. Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!”
20. Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролива за вас.
21. Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава.
22. Синот Човечки, пак, оди, според она како што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.”
23. И почнаа да се прашуваат помеѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа?
24. А се појави помеѓу нив и препирка, кој од нив да се смета за поголем.
25. Но Он им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори.
26. Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, и тој, што е старешина, да биде како слуга.
27. Зашто кој е поголем: тој што седи на трпеза, или оној што слугува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга.
28. Но вие сте, кои издржавте со Мене во Моите напасти,
29. и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство,
30. за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израилеви колена.”
31. И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица;
32. но Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера; а ти некогаш, кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!”
33. А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и на смрт.”
34. Но Он му рече: „Ти велам, Петре, нема денес да пропее петел, дури трипати не откажеш оти Ме познаваш.”
35. Па им рече: „Кога ве пратив без ќесе, и без торба, и без обувки, останавте ли лишени од нешто?” Тие одговорија: „Од ништо.”
36. И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си го продаде облеклото и да купи нож;
37. зашто, ви велам, на Мене треба да се изврши и ова од Писмото: »И меѓу злочинци Го кладоа.« Оти она што се однесува на Мене, се исполнува.”
38. А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.” Он им одговори: „Доволни се.”
39. И кога излезе, тргна, како обично кон Елеонската Гора; по Него одеа и учениците Негови.
40. А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во искушение!”
41. И Он се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па преклони колена и се молеше,
42. велејќи: „Оче, кога би сакал да Ме одмине оваа чаша! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!”
43. И Му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.
44. Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.
45. Штом стана од молитвата, дојде при учениците Свои и ги најде заспани од тага.
46. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога, за да не паднете во искушение!”
47. И додека Он уште зборуваше, ете, се појави многу народ и пред сите одеше еден од дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исуса да Го целива. Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Он е.”
48. А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?”
49. Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?”
50. И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.
51. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!” Па, кога се допре до увото негово, го излекува.
52. А на првосвештениците и црковните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?
53. Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.”
54. И кога Го фатија, Го поведоа и одведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.
55. Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив.
56. А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!”
57. Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не го познавам!”
58. Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: „И ти си од нив!” Но Петар му рече „Човеку, не сум!”
59. А кога мина време околу еден час, друг еден почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, оти е Галилеец!”
60. Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!” И одеднаш, уште дури говореше, петел запеа.
61. Тогаш Господ се заврти и го погледна Петра, а Петар се сети на Господовите зборови што му ги беше рекол: »Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.«
62. И штом излезе надвор, заплака горко.
63. А луѓето, што го држеа Исуса, Му се потсмеваа и Го биеја.
64. Па, кога Го покрија, Го удираа по образите и Го прашуваа, велејќи: „Проречи кој Те удри?”
65. И многу други хули рекоа против Него.
66. А кога се раздени, се собраа старешините народни, првосвештениците и книжниците и Го воведоа во Синедрионот,
67. и рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!” Но Он им одговори: „И да ви кажам, нема да поверувате.
68. И да ве запрашам, нема да Ми одговорите, ниту ќе Ме пуштите.
69. Отсега Синот Човечки ќе седи оддесно на силата Божја.”
70. И сите рекоа: „Ти ли си, значи, Син Божји?” А Он им рече: „Вие велите дека сум Јас.”
71. А тие рекоа: „Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Неговата уста.”

23. Страдањето на Исуса и хулењето пред Пилата и Ирода. Осудата. На патот кон Голгота. Распнувањето и смртта. Погребението.

1. И сето мноштво се крена, па Го поведоа кон Пилата,
2. и почнаа да Го обвинуваат, говорејќи: „Го најдовме Овој како го развратува народот наш и забранува да се дава данок на ќесарот, и вели за Себе, дека е Он Христос Цар.”
3. А Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?” Он одговори и му рече: „Ти велиш.”
4. Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Јас не наоѓам никаква вина кај Овој Човек.”
5. Но тие и понатаму велеа дека Он го буни народот и поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па довде.
6. А Пилат, штом чу за Галилеја, запраша: „Зар е Овој Човек Галилеец?”
7. И кога разбра дека е Он од областа Иродова, Го испрати при Ирода, кој во тие денови, исто така, беше во Ерусалим.
8. Ирод, кога Го виде Исуса, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да Го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него,
9. и Му поставуваше многу прашања, но Он ништо не одговори.
10. А првосвештениците и книжниците стоеја и непрекинато Го обвинуваа.
11. Ирод, пак, со војниците свои, откако Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак при Пилата.
12. И во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, оти порано беа скарани помеѓу себе.
13. А Пилат ги повика првосвештениците и управниците, и народот,
14. па им рече: „Ми Го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква кривица во она, во што Го обвинувате;
15. и Ирод исто така, оти Го пратив и при Него; и ете, Он не направил ништо, што би заслужувало смрт;
16. па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам.”
17. А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.
18. Но сиот народ повика, говорејќи: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!”
19. Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство.
20. Пилат одново извика гласно дека сака да Го пушти Исуса.
21. Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни!”
22. Тој и по трет пат им рече: „Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт; па затоа ќе Го накажам и ќе Го пуштам.”
23. Но тие постојано настојуваа со голем вик и бараа да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците.
24. И Пилат пресуди да им биде по желбата нивна,
25. па им го пушти затворениот во темница за бунт и убиство, за кого молеа; и Исуса им
Го предаде на нивна волја.
26. И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го кладоа крстот, за да го носи по Исуса.
27. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него.
28. Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца;
29. зашто, ете, се приближуваат деновите, кога ќе се рече: »Блазе на неплодните и на утроби што не родиле, и на гради што не доеле!«
30. Тогаш ќе почнат да им велат на планините: »Паднете врз нас«, и на ридиштата,,покријте нè!«
31. Оти, кога ова го прават со зеленото дрво, што ќе биде тогаш со сувото?”
32. Водеа и двајца злочинци, за да ги погубат со Него.
33. И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злочинците, едниот оддесно, а другиот одлево.
34. А Исус рече: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!” И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждреб.
35. А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и првосвештениците, велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Он Христос, избраникот Божји!”
36. Исто така и војниците се подигруваа со Него: приближувајќи се, тие Му поднесуваа оцет,
37. и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!”
38. А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.”
39. Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси Себеси и нас!”
40. А другиот, кога одговори, го искара и рече „Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден?
41. Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил.”
42. И Му рече на Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!”
43. А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!”
44. А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час;
45. и сонцето потемне, и црковната завеса се расцепи преку средината.
46. А Исус извика гласно и рече: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!” И штом го рече тоа, издивна.
47. Стотникот, пак, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: „Навистина Овој Човек бил праведник!”
48. И сиот народ, што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше со удирање в гради.
49. А сите Негови познати, и жените, што Го следеа од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа.
50. И ете, некој си, по име Јосиф, член на советот, човек добар и праведен, –
51. тој не беше учествувал во советот и во делата нивни -, од Ариматеја, град Јудејски, кој и сам го очекуваше царството Божјо,
52. отиде при Пилата и го измоли телото Исусово;
53. па Го симна и обви во платно, Го положи во исечен гроб, во кој уште никој не беше положен.
54. Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше.
55. По него одеа и жените, што беа дошле со Исуса од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово;
56. па, кога се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одморија според заповедта.

24. Воскресението Христово. Исус им се јавува на учениците што одат во Емаус, а потоа и на апостолите. Вознесението Христово.

1. Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси, а заедно со нив беа и некои други;
2. но плочата на гробот ја најдоа превртена.
3. И како влегоа, не го најдоа телото на Господа Исуса.
4. И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки;
5. тие се уплашија и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?
6. Он не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, кога беше уште во Галилеја,
7. говорејќи, дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.”
8. И се сетија на Неговите зборови.
9. Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други.
10. А тие беа Марија Магдалина, и Јоана, и Марија Јаковова и други со нив, што им го кажаа тоа на апостолите.
11. И нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа.
12. Но Петар стана и отиде бргу до гробот, и кога се наведна, го виде внатре само покровот и се врати, чудејќи се сам во себе за она што станало.
13. Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии;
14. и зборуваа помеѓу себе за сите овие настани.
15. И кога разговараа и се запрашуваа еден со друг, Сам Исус се приближи и одеше со нив;
16. но очите им се замрежија за да не Го познаат.
17. А Он им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате помеѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?”
18. Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал, што стана во него овие дни?”
19. И ги праша: „Што?” Тие Му одговорија: „Она што стана со Исуса Назареецот, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ;
20. дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа;
21. а ние се надевавме оти е Он Оној што треба да го избави Израилот; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако стана ова.
22. А и некои жени од нашите нè исплашија; тие биле рано на гробот,
23. и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале оти е Он жив.
24. Отидоа на гробот и некои од нашите и најдоа исто така, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.”
25. Тогаш им рече: „О, безумни и тврди по срце, да верувате во сè што рекле пророците!
26. Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?”
27. Па, како почна од Мојсеја и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо.
28. И тие се приближија до селото, во кое одеа; а Он се направи како да сака да продолжи.
29. Но тие Го задржаа, велејќи: „Остани со нас, оти денот превали и наскоро ќе се стемни!” Он влезе и остана со нив.
30. А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде;
31. тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Он стана невидлив за нив.
32. И си рекоа еден на друг: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?”
33. Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани единаесетте и оние што беа со нив,
34. каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симона.
35. И тие кажаа за она, што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.
36. Додека тие уште зборуваа за тоа, Сам Исус застана среде нив и им рече: „Мир вам!”
37. А тие, така збунети и уплашени, помислија оти гледаат дух.
38. Но Он им рече: „Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши?
39. Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.”
40. А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.
41. Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Он им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?”
42. Тие Му дадоа парче риба печена и мед со саќе.
43. И кога зеде, јадеше пред нив.
44. Па им рече: „Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, оти треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.”
45. Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата,
46. и им рече: „Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден,
47. и да биде проповедано во Неговото име и покајание и проштавање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим;
48. а вие сте сведоци за ова.
49. И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, дури не се облечете во сила одозгора.”
50. И ги изведе надвор во Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови.
51. И кога ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото;
52. тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.
53. И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога. Амин!