1. До Гај, благодарност за гостопримството спрема браќата. Треба да се пазиме од лоши примери.
1. Од старешината – до возљубениот Гај, кого вистински го сакам.
2. Возљубени, се молам да бидеш здрав и во сè да ти биде добро, како што ѝ е добро на душата твоја.
3. Многу се зарадував, кога дојдоа браќата и се посведочија за твојата верност – оти ти живееш во вистината.
4. За мене нема поголема радост од тоа – да чујам дека моите чеда живеат во вистина.
5. Возљубени, ти постапуваш верно во сè, што го правиш за
браќата и гостите,
6. кои ја посведочија твојата љубов пред Црквата. Добро ќе направиш, ако ги приготвиш пред Бога како што треба.
7. Бидејќи поради Неговото име тргнаа, не земајќи ништо од незнабошците.
8. Ние сме, пак, должни да примаме такви, за да станеме помошници на вистината.
9. Јас напишав до Црквата. Но Диотреф, кој сака да биде најстар меѓу нив, не нè прими нас.
10. Затоа, ако дојдам, ќе му спомнам за делата негови, што ги прави, напаѓајќи нè со лоши зборови; и тоа не му е доволно, туку браќата сам не ги прима, а им забранува да ги примаат и оние, кои сакаат да ги примат, и ги гони од Црквата.
11. Возљубени, не угледувајте се на злото, туку на доброто. Кој добро чини, од Бога е; а кој прави зло, не Го видел Бога.
12. За Димитрија посведочија сите, па и самата вистина; а сведочиме, исто така, и ние; а вие знаете дека сведоштвото наше е вистинско.
13. Многу имав да ти пишувам, но не сакав да ти напишам со мастило и перо,
14. туку се надевам наскоро да те видам, и да позборуваме уста со уста.
15. Тебе мир! Те поздравуваат пријателите. Поздрави ги пријателите по име. Амин!