1. Благодарност на Бога за успевањето на верата кај браќата. Утешно укажување за повторното доаѓање Христово.
1. Од Павла, Силвана и Тимотеја до црквата Солунска во Бога Отецот наш и Господа Исуса Христа:
2. благодат вам и мир од Бога Отецот наш и Господа Исуса Христа!
3. Должни сме секогаш да Му благодариме на Бога за вас, браќа, онака како што прилега, затоа што верата ваша необично многу расте, и заемната љубов кај сите вас да изобилува,
4. така што ние самите да се фалиме со вас во Божјите цркви за вашето трпение и вера, при сите прогони и маки, што ги поднесувате
5. тоа е доказ за праведниот Божји суд, дека вие ќе се удостоите со царството Божјо, за кое страдате.
6. Бидејќи справедливо е пред Бога да им ги врати маките ваши на оние, што ве мачеа,
7. а вам, на мачените, да ви даде утеха заедно со нас, кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила,
8. во пламенен оган да им се одмаздува на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос
9. и кои со вечна погибел ќе бидат казнети од лицето на Господа и од славата на Неговата моќ,
10. кога ќе дојде Он за да биде прославен во оној ден среде Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа, а исто така и вие, бидејќи со вера го примивте нашето сведоштво.
11. Затоа и се молиме секогаш за вас, да ве удостои нашиот Бог за звањето и да се исполни со сила секоја желба за добрина и секое дело на верата,
12. та да се прослави во вас името на нашиот Господ Исус Христос, и вие во Него по благодатта на нашиот Бог и на Господа Исуса Христа.
2. Проречување за отпадникот и противникот Христов пред повторното доаѓање на Господа.
1. А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање при Него, ве молам, браќа,
2. да не се поколебате лесно во мислите свои и да доаѓате во ужас било преку духот, било преку словото, или преку послание, како да е од нас испратено, како божем настапува веќе Христовиот ден.
3. Никој да не ве измами ни по каков начин; оти оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓањето и не се открие човекот на гревот, синот на погибелта,
4. кој што се противи и се превознесува над сè, што се наречува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, покажувајќи се дека е Бог.
5. Не помните ли дека, уште кога бев при вас, ви зборував за тоа?
6. И сега знаете што Го задржа Него да се открие во Свое време.
7. Тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено, додека не се отргне оној, што ја задржува сега;
8. тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ Исус ќе го убие со здивот на устата Своја, и преку блесокот на Своето доаѓање ќе го истреби
9. оној, чие јавување, по дејството на сатаната, е со секаква сила и знаци и лажни чудеса,
10. и со секакво неправедно измамување меѓу оние, кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината за своето спасение.
11. И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата,
12. та да бидат осудени сите, кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата.
13. Ние, пак, сме должни да Му благодариме на Бога за вас секогаш, возљубени од Господа браќа, затоа што +од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение,
14. кон кое ве повика преку нашето Благовестие, за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос.
15. И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание.
16. А сам Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нè возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж,
17. нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело!
3. Треба да Му се молиме на Бога за да ја благослови апостолската служба.
1. Потоа, браќа, молете Му се на Бога, за нас, та словото Господово да се распространува и да се слави на секое мести, како и меѓу вас,
2. и да се избавиме од жестоки и злобни луѓе, бидејќи не сите имаат вера.
3. Но верен е Господ, Кој ќе ве утврди и запази од лукавиот.
4. Ние сме уверени за вас во Господа дека го вршите и дека ќе го вршите она што ви го заповедаме.
5. А Господ нека ги управи срцата ваши кон љубовта Божја и трпението Христово!
6. Ви заповедам, браќа, исто така во името на нашиот Господ Исус Христос, да се двоите од секој брат, кој живее неуредно, а не според преданието, што го добија од нас!
7. Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно при вас,
8. ниту, пак, при некого јадевме леб дарум, туку работевме со труд и мака дење и ноќе, за да не му додеваме на никого од вас.
9. И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас.
10. Зашто, кога бевме меѓу вас, ви го заповедавме ова – дека кој не сака да работи, нека и не јаде.
11. Но слушаме оти некои од вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи;
12. на таквите им заповедаме и ги молиме во нашиот Господ Исус Христос да работат мирно и да го јадат својот леб.
13. А вие, браќа, не паѓајте со духот, кога вршите добро.
14. Ако некој не ги послуша нашите зборови од ова послание, означете го и не дружете се со него, за да се посрами;
15. но не сметајте го за непријател, туку поучувајте го како брат.
16. А Сам Господ на мирот нека ви даде мир секогаш и во секое дело! Господ нека е со сите вас!
17. Своерачен поздрав од мене, Павла; тоа е белег во секое послание; јас пишувам така:
18. благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!