1. Навуходоносор и Арфаксад. Војна против Арфаксада.
1. Во дванаесеттата година од царувањето на Навуходоносор, царот на Асирците, во големиот град Ниневија, во деновите на Арфаксада кој царуваше над Мидијците во Екбатана.
2. И изгради околу Екбатана ѕидови од делкани камења, седумнаесет лакти во висина и петнаесет лакти во широчина.
3. Над вратите изгради кули високи сто лакти, кои во основата беа до сто лакти широки;
4. а портата ја беше направил седумдесет лакти висока и четириесет лакти широка, за да може низ неа да излезе голема војска со широки редови пешадија.
5. Во тоа време царот Навуходоносор почна војна против царот Арфаксад во големата рамнина, која се наоѓаше во пределите на Рагав.
6. При него се собраа сите што живееја во планинските страни, сите што живееја до бреговите на реките Еуфрат, Тигар и Идаспис, како и жителите од рамнината Ариох со Елимеонскиот цар; се собраа многу народи во одбраната на Хелеудовите синови.
7. Навуходоносор, царот на Асирците, им испрати порака на сите жители во Персија, на сите оние што живееја на запад, до оние во Киликија и Дамаск, Ливан и Антиливан, до сите што живееја до морскиот брег,
8. и меѓу народите на Кармил и Гилад, во горна Галилеја и во широката рамнина Ездрилон,
9. до сите кои живееја во Самарија и во нејзините градови, од другата страна на реката Јордан – до Ерусалим, до Ветан и Хел, до Кадис и Египетската река, до Тафна и Рамсес и по целата Гесемска земја,
10. до входот на Горни Танис и Мемфис, до сите жители на Египет и сè до границите на Етиопија.
11. Но жителите на сите тие земји се подбија со пораката на асирскиот цар Навуходоносор и не дојдоа кај него, за да војуваат за него, зашто не се плашеа од него; тој за нив беше обичен човек; тие ги вратија неговите пратеници, не укажувајќи им почести.
12. Затоа Навуходоносор многу се разгневи на сите тие земји и се заколна во својот престол и во царството дека ќе им се одмазди на сите области во Киликија, Дамаск и Сирија, дека ќе ги погуби сите жители во земјата на Моав, сите жители на Амон, цела Јудеја и сите кои живеат во Египет сè до двете мориња.
13. Во седумнаесеттата година тој стана со својата војска против царот Арфаксада, го победи во борбата, му ја распрсна сета војска негова, коњицата и сите коли;
14. ги презеде неговите градови, допре сè до Екбатана, ги зазеде неговите тврдини, ги опустоши улиците на градот и неговата убавина ја направи за подбив.
15. Арфаксада го фати во Рагавските гори, го прониза со копје, уште истиот ден го погуби..
16. Потоа се врати во Ниневија со сета своја восјка, со големо множество борци на неговите сојузници. Таму во мир И спокојство тој и сета негова војска почиваа и мируваа сто и дваесет дена.
2. Војна против запад.
1. Во осумнаесеттата година, во дваесет и вториот ден од првиот месец, во царската палата на Навуходоносор, асирскиот цар, се даде заповед за одмазда, на целата земја, како што беше рекол.
2. Откако ги повика сите свои помошници и високодостојници, тој им ја откри својата крајна намера и со својата уста одлучи полно уништување на оние покраини.
3. И тие решија да ги уништат сите што не се покорија на зборовите од неговата уста.
4. Кога заврши советувањето, Навуходоносор, асирскиот цар, го повика при себе Олоферна, врховниот заповедник на сите негови војски, вториот човек веднаш до него, и му рече:
5. „Вака говори великиот цар, господарот над целата земја: ќе појдеш и ќе поведеш со себе мажи, свесни за својата сила, од прилика сто и давесет илјади пешаци и многу коњи со дванаесет илјади коњаници,
6. и ќе појдеш против целата земја на запад, зашто не се покорија на зборовите од мојата уста.
7. Ќе им наредиш да подготват земја и вода, зашто со гневот свој ќе ги нападнам, целата нивна земја ќе ја покријам со нозете на моите војници и ќе ги предадам на ограбување.
8. Доловите и потоците ќе се наполнат со нивните ранети, а реката, преполна со нивните мртви тела, ќе прелие.
9. ќе ги прогонам нивните пленици дури до краиштата на целата земја.
10. А ти појди и заземи ги за мене сите нивни земји; Ако ти се предадат сами, запази ги до денот на нивното казнување;
11. окото твое да не ги поштеди непокорните: предај ги на смрт и ограбувај ја сета земја што ти е предадена.
12. Кажав и со својата рака ќе го направам тоа, се заколнувам со својот живот и со силата на своето царство.
13. А ти немој да прекршиш ниедна од заповедите на својот господар, туку направи сè така како што ти заповедам, неодложно така направи.”
14. Олоферн, откако излезе од кај својот господар, ги повика при себе сите војсководители, заповедници и началници на асирската војска,
15. преброја одбор мажи за борба, како што му заповеда неговиот господар: сто и дваесет илјади луѓе и дванаесет илјади стрелци коњаници,
16. и ги нареди како што се редат војници кога одат во борба.
17. Зеде голем број камили, осли и маски за пренос на нивната опрема, а и голем број овци, волови и кози – за храна на војниците,
18. многу храна како и многу злато и сребро од царската палата.
19. И појде со сета војска во поход, како претходница на царот Навуходоносор, за да го покрие целото лице на земјата со коли, коњаници и избрани пешаци.
20. А со него појдоа и многу сојузници – многубројни како скакулци и како песок, така што не можеа да ги пребројат.
21. Појдоа од Ниневија и по три дена пристигнаа до рамнината Бектилет, па се улогорија близу до гората, која се наоѓаше лево од Горна Киликија.
22. Оттаму, откако ја поведе целата своја војска – пешаците, коњаниците и оние со колите, отиде во планинските предели,
23. па ги победи Фудјаните и Лудјаните и ги ограби сите синови на Расис и Исмаил, кои живееја во пустињата, јужно од Земјата Хелеонска.
24. Потоа, откако го преброди Ефрат, помина низ Месопотамија и ги разурна сите градови по висините покрај потокот Аврон, сè до излезот на морскиот брег.
25. Откако ги зазеде сите области во Киликија, ги погуби сите што му се противставуваа, стигна до областите Јафетови на југ, кои се наоѓаат пред Арабија.
26. Ги заобиколи сите синови на Мадијам, шаторите им ги запали и им ги разграба стадата.
27. Потоа се спушти во рамнината на Дамаск токму во време на жетва, сите ниви им ги изгоре, стадата и овците им ги зеде; градовите им ги ограби, полињата им ги опустоши, а со острицата на својот меч ги посече сите нивни момчиња.
28. Страв и ужас ги опфати приморските градови Тир и Сидон, жителите на Сур и Окина и сите жители на Јамнаан; многу се исплашија од него и сите жители на Азот и Аскалон.
3. Приморските градови молат за мир.
1. Затоа му испратија гласници со мирољубиви предлози, кои велеа:
2. „Еве, ние, слугите на големиот цар Навуходоносор, паѓаме ничкум пред тебе, прави со нас што сакаш.
3. Нашите куќи, нашите места, сите ниви со пченица, стадата наши и добитокот и сите наши живеалишта: служи се со нив како што сакаш.
4. Еве, и градовите наши и нивните жители се твои слуги: дојди и направи со нив èе како што ти е угодно пред твоите очи.”
5. Дојдоа луѓе при Олоферна и му ги соопштија тие пораки.
6. Тогаш отиде тој во приморските страни со својата војска, ги заобиколи со стража нивните градови и одбра од нив силни мажи за свои војници.
7. А тие и целата нивна околина го пречекаа со венци, радосни извици и тимпани;
8. тој им ги разурна сите тврдини и им ги исече нивните свети шуми; нему му беше заповедано да ги уништи сите божества на таа земја, па сите народи да му служат само на единиот Навуходоносор: сите народи и сите племиња да му се обраќаат како на бог.
9. Кога дојде спрема Ездрилон, близу Дотеја, кој е кај големата Јудејска клисура,
10. тој се логори меѓу Гавај и градот на Скитите и остана таму цел месец, за да ја собере целата комора на својата војска.
4. Востание во Јудеја. Молитва на покајание.
1. Синовите Израилеви, кои живееја во Јудеја, откако чуја за сè што направил со народите Олоферн, врховниот заповедник на војската од Навуходоносора, царот на Асирците, како ги ограбил и урнал сите нивни светилишта,
2. многу се уплашија од него и трепереа за Ерусалим и за храмот на својот Господ Бог.
3. Неодамна се беа вратиле од ропство, неодамна се беше собрал целиот јудејски народ и ги беа осветиле осквернетите садови, жртвеникот и домот на Господа.
4. Затоа испратија гласници во подрачјето на Самарија, Конаија, Ветерон, Велмен и Јерихон, во Хова, Есора и Салимската рамнина,
5. ги зазедоа сите врвови на високите планини, ги заградија со ѕидови населбите, кои се наоѓаа на нив, и собраа жито за храна во случај на војна, бидејќи нивните ниви само што беа ожнеани.
6. Тогаш првосвештеникот Јоаким, кој тие денови се наоѓаше во Ерусалим, им напиша на жителите на Ветилуја и на Ветоместем, кој се наоѓа спрема Ездрилон на предната страна од рамнината, близу до Дотаим, –
7. да ги заземат ридските премини, зашто преку нив водеше патот во Јудеја и лесно им беше да му попречат на непријателот, зашто клисурата беше тесна дури и за двајца.
8. Синовите Израилеви направија како што им заповеда првосвештеникот Јоаким и старешините на сиот народ израилски, кои беа во Ерусалим.
9. Со голема усрдност повикаа кон Бога, сите мажи на Израилот и ги смирија своите души пред Бога.
10. И тие, и нивните жени, и нивните деца и нивниот добиток; а секој придојден и наемник и купениот за сребро си препашаа кострет околу крстот свој.
11. Сите Израилци, и жените нивни и децата, кои живееја во Ерусалим, паднаа ничкум пред храмот, се посипаа со пепел и ги послаа своите кострети пред Господа.
12. Со кострет го обвија и жртвеникот и усрдно повикаа кон Бога на Израилот со еден глас – нивните деца да не ги предаде на клање и нивните жени во ропство, за радост на незнабошците; градовите на нивното наследство да не ги предаде на разурнување и татковината нивна – на уништување, а светилиштата нивни – на осквернување и подбивање.
13. Бог го послуша нивниот глас и се смилува на нив во нивната неволја; сиот народ постеше многу денови во цела Јудеја и во Ерусалим пред храмот на Господа Седржителот.
14. Првосвештеникот Јоаким и свештениците стоеја пред Господа и сите Негови служители, препашани со кострет, Му принесуваа постојани жртви сепаленици – ветени и доброволни дарови од народот;
15. нивните кидари на главите беа посипани со пепел и викаа со висок глас кон Господа со милост да го посети целиот дом Израилев.
5. Советување во логорот на Олоферна.
1. Го известија Олоферна, врховниот командант на асирската војска, дека синовите Израилеви се приготвуваат за војна; дека ги затвориле приодите во горските предели и оти ги укрепиле горските врвови со тврдини и дека во рамнините направиле препреки.
2. Тој се разгневи многу, па ги повика сите моавски началници, сите аморејски водачи и сите управници на приморските земји, па им рече:
3. „Кажете ми, синови ханански, каков е тој народ што живее во тие ридски краишта, какви се неговите градови, има ли мнгу војска, во што се состои неговата сила, кој е нивниот цар што владее над нив и заповеда со неговата војска,
4. зашто овој народ е единствениот што живее на запад и кој со гнев одби да излезе да нè пречека?”
5. Ахиор, водачот на сите синови Амонови, му одговори и рече: »Господаре мој, послушај ги зборовите од устата на твојот слуга; јас ќе ти ја кажам вистината за тој народ, кој живее близу до тебе во оние ридски краишта; нема да излезе лага од устата на твојот слуга.
6. Овој народ потекнува од Халдејците.
7. Тие живееја најнапред во Месопотамија, па бидејќи не сакаа да им служат на боговите од своите татковци, кои беа во Халдејската земја,
8. се отстранија од патот на своите прадедовци, и почнаа да Му се поклонуваат на небескиот Бог, на оној Бог, Кого Го беа познале. Тогаш Халдејците ги изгонија од пред лицето на своите богови, и тие отидоа во Месопотамија и долго живееја таму.
9. Но нивниот Бог им рече да излезат од таа земја и да отидат во земјата Хананска. Тие се населија таму и многу се збогатија со злато, сребро и многу добиток.
10. Оттаму отидоа во Египет, бидејќи глад го покри лицето на Хананската земја; таму останаа сè додека наоѓаа прехрана и толку се намножија, што нивниот народ не можеше да се преброи.
11. Против нив се крена египетскиот цар; тој употреби итрина против нив, ги претоваруваше со тешка работа, ги тераше да прават тули и ги направи робови.
12. Тогаш тие извикаа кон својот Бог и Он ја порази земјата на Египтјаните со неизлечиви рани. Затоа Египтјаните ги изгонија од својата земја.
13. Бог го исуши пред нив Црвеното Море,
14. и ги преведе по патот за Синај и за Кадис Варни; тие ги одбија сите напади од жителите на пустината;
15. се населија во земјата на Аморејците; со својата сила ги уништија сите Есевонци. Потоа го преминаа Јордан и ја населија целата планинска земја.
16. И, откако ги истераа Хананејците, Ферезејците, Јевусејците, Сихемците и сите Гергесејци – живееја во неа долго време.
17. И сè додека не згрешија пред својот Бог, среќата беше со нив, зашто Бог беше со нив, Бог Кој ја мрази неправдата.
18. Но штом се оддалечија од патот, што им го определи нивниот Бог, во многу војни претрпеа страшни порази, беа одведени во ропство во туѓа земја, храмот на нивниот Бог беше разурнат до темели, а нивните непријатели им ги презедоа градовите.
19. А сега, откако се обратија кон својот Бог, се вратија од разните краишта, каде што беа распрснати, одново го зазедоа Ерусалим, во кој се наоѓа нивното светилиште, а тие се населија во ридските предели, кои беа запустени.
20. Затоа, господару, ако тој народ е во заблуда и ако греши пред својот Бог, па ако утврдиме оти кај нив има соблазан, тогаш можеме да појдеме против нив и ќе ги победиме.”
21. Ако, пак, тој народ не е виновен за никакво беззаконие, тогаш мојот господар нека се оддалечи, зашто нивниот Бог ќе ги заштити и ќе станеме за срам во целиот свет.”
22. Кога Ахиор престана да говори, сите оние што стоеја околу шаторот, достоинствениците на Олоферна, и сите жители од приморските краишта и до Моав – почнаа да негодуваат и бараа веднаш да биде убиен, велејќи:
23. „Не се плашиме од синовите Израилеви: тоа е народ што нема ни војска ниту сила за жестоко војување;
24. Олоферне господару, да појдеме против нив; тие ќе станат плен на твојата војска.”
6. Ахиор предаден на Израилците.
1. Кога стивна вревата на оние што беа собрани на договор,Олоферн, врховниот заповедник на асирската војска, пред сите луѓе собрани од разни народности му рече на Ахиора:
2. „Ахиоре, кој си ти, и платениците Ефремови, што вака денес пророкуваш и што ми советуваш да отстапам, да не војувам против народот израилски, затоа што нивниот Бог ги заштитува? А кој е бог освен Навуходосор? Тој ќе ја испрати својата сила и ќе ги избрише од лицето на земјата, и нивниот Бог нема да ги спаси.
3. Ние, слугите на нашиот цар, ќе ги победиме како еден човек; тие не ќе можат да ја издржат силата на нашата коњица.
4. Ќе ги изгазиме; горите нивни ќе ги напоиме со нивната крв; рамнините ќе ги наполниме со нивните трупови. Нема да се додржат пред нашето лице; сите ќе загинат. Така говори царот Навуходоносор, господарот на целата земја. Така говори тој, а зборовите негови не се попусто речени; тие се негова заповед.
5. А ти, Ахиоре, амонски наемнику, ти што ги изрече овие зборови во денот на твојата неправда, нема да го гледаш моето лице од денешниов ден сè додека не му се одмаздам на тој народ – на тие бегалци од Египет.
6. А кога ќе се вратам – мечот на мојата војска и бројностаод моите слуги ќе помине преку твоите ребра, и ти ќе паднеш меѓу ранетите Израилци.
7. Моите слуги ќе те одведат во горските предели и ќе те остават во еден од градовите на тие височини,
8. а нема да умреш сè додека не бидеш со нив заедно уништен.
9. А, ако во срцето твое се надеваш, оти нема да бидат поразени, знај дека ќе се посрамиш. Ти реков, сите мои зборови ќе се исполнат.”
10. Тогаш Олоферн им заповеда на своите слуги, кои послужуваа во неговиот шатор, да го фатат Ахиора и да го одведат во Ветилуја, да го предадат во рацете на синовите Израилеви.
11. Слугите го фатија и го изведоа надвор од логорот во полето, а од средината на рамнината се искачија во планинските предели и го доведоа кај изворите што беа под Ветилуја.
12. Кога луѓето од градот ги забележаа на врвот од планината, тие го грабнаа своето оружје, излегоа од градот на врвот планински, и сите мажи со праќки во рака, – го пазеа преминот и фрлаа на нив камења.
13. А тие, откако се приближија до гората, го врзаа Ахиора, го оставија во падините на гората и се вратија при својот господар.
14. А синовите Израилеви, кои беа излегле надвор од градот, се доближија до него, го одврзаа и го одведоа во градот Ветилуја и го изведоа пред градските началници,
15. кои во тоа време беа Озија, синот на Миха – од коленото на Симеона, Хавриј, синот на Готоноила, и Хармиј, синот на Мелеила.
16. Тие ги свикаа сите градски старешини, но на собранието дојдоа и сите жени и младичи. Го ставија Ахиор среде сиот народ, а Озија го праша што се случило со него.
17. Ахиор ги извести за сè што се рекло на Олоферновото собрание: што им кажал на Асуровите водачи и за сè со што се фалел Холоферн дека ќе направи против домот на Израил.
18. Тогаш народот падна ничкум, Му се поклони на Бога и извика:
19. „Господи, Боже небески, погледни ја нивната горделивост и смилувај се на смиреноста од Твојот народ и погледни ги денес лицата на оние што Ти се посветени – Тебе.”
20. Потоа го утешија Ахиора и го пофалија.
21. Озија го поведе Ахиора од собранието и го одведе во својот дом и направи гозба за старешините. Целата таа ноќ Го повикуваа на помош Бога на Израилците.
7. Опсадување на Ветилуја.
1. УтредентаОлоферн ѝ заповеда на сета своја војска и на сите сојузници од другите народи, кои му помагаа, да се приближат до Бетилуја, да ги заземат патиштата што водат кон планинските предели и да почнат да војуваат против синовите Израилеви.
2. Истиот тој ден појдоа сите нивни борци. Нивната војска се состоеше од сто и седумдесет илјади души- пешаци и дванаесет илјади коњаници, освен опремата и големиот број луѓе што одеа меѓу нив пешки.
3. Направија логор во долината близу до Ветилуја, покрај изворот, и го зазедоа пространството од Дотаим до Велтем, а во должина – од Ветилуја до Кијамон, кој е спроти Ездрилон.
4. Кога синовите Израилеви го видоа нивното множество, се уплашија и почнаа да говорат еден на друг: „Тие ќе ја опустошат целата наша земја. Ни високите планини, ни долините, ниту бреговите нема да ја издржат нивната сила.
5. Секој го зграпчи своето оружје, запалија огнови во своите кули и цела ноќ останаа на стража.
6. Утредента Олоферн ја изведе сета своја коњица пред очите на синовите Израилеви што се наоѓаа во Ветилуја,
7. ги разгледа сите приоди кон градот, ги заобиколи и ги зазеде сите водни извори; постави војнички стражи и се врати при својата војска.
8. При него дојдоа сите началници на Исавовите синови и сите водачи на Моавскиот народ, како и началниците на приморските земји и рекоа:
9. „Господаре, послушај го нашиот збор за твојата војска да не претрпи загуба:
10. Тој народ на синовите Израилеви не се надева во своите копја, а на височината од своите гори, каде што живее, зашто не е лесно искачувањето на нивниот врв.
11. Затоа, господаре, не војувај со нив како што војуваш во отворени борби, па нема да загине ниеден маж од твојот народ.
12. Ти остани во логорот и води грижа за секој свој војник, а твоите луѓе нека отидат до изворот што извира на падините од планината.
13. Од него полнат вода сите жители на Ветилуја; жедта ќе ги премали, па ќе го предадат градот. Ние ќе се искачиме со нашите чети на горските врвици и таму ќе поставиме стража, та ниеден човек нема да не излезе од градот.
14. Така ќе бидат измачени од глад и тие, и жените и децата: и, пред да се допре до нив нашиот меч, ќе паднат по улиците на својот град.
15. Тогаш ти ќе им се одмаздиш,ќе им вратиш со зло затоа што востанаа и што не те пречекаа со мир.”
16. Овие зборови им се допаднаа на Олоферна и на сите негови слуги, па одлучија да се постапи така како што му рекоа.
17. Тогаш појде одделот на Амоновите синови, а со нив и пет илјади Асирци, откако се улогорија во долината, го зазедоа водите и водните извори на синовите Израилеви.
18. Синовите на Исав и Амон се искачија и ја зазедоа планинската област спрема Дотаим, а дел од своите сили испратија на југ и на исток кон Екревил, кој се наоѓа близу до Хус, а тој е кај потокот Мохмур; другиот дел на асирската војска се задржа во рамнината и го покри лицето на целата земја; нивните шатори и комората зафатија голем простор.
19. Синовите Израилеви го подигнаа гласот кон Господа, својот Бог; нивниот дух беше обесхрабрен затоа што беа опколени од своите непријатели од сите страни и не можеа да избегаат од нив.
20. Триесет и четири дена се наоѓаа заобиколени од асирската воена сила: пешаците, бојните коли и коњицата. Сите жители на Ветилуја ги испразнија своите садови,
21. а и резервите им беа празни; ниеден ден немаа доволно вода за пиење: водата за пиење им ја даваа по мерка.
22. Изнемогнаа нивните деца, нивните жени и младичи од жед паѓаа во несвест: лежеа по градските улици и по куќите, зашто во нив веќе не остана сила.
23. Тогаш сиот народ, младичи, жени и деца, се собраа кај Озија и градските началници, и плачејќи на висок глас им рекоа на своите старешини:
24. „Бог нека суди меѓу нас и вас; вие ни направивте голема неправда што не им предложивте на асирските синови мирни преговори.
25. Ние сега помошник немаме; Бог нè предаде во нивните раце за да загинеме од жед и голема мака.
26. Повикајте ги сега и предајте им го нашиот град на Олоферна и на сета војска негова: нека го разграбат целиот град,
27. зашто е подобро да станеме нивен плен. Навистина, ќе бидеме нивни робови, но животите наши ќе ги запазиме, нема со своите очи да ја гледаме смртта на нашите деца, нема да гледаме како жените и децата наши ја испуштаат својата душа.
28. Пред вас за сведоци ги повикуваме небото и земјата, и Господа и Бога на нашите татковци, Кој нè казнува за нашите гревови и за гревовите на нашите татковци, ве заколнуваме уште денес да постапите како што ви рековме.”
29. Среде собранието настана сеопшт плач: силно извикуваа кон Господа Бога.
30. Озија проговори и рече: „Браќа, не паѓајте со духот! Да претрпиме уште пет дена – Господ ќе ја излие врз нас Својата милост; нема да нè остави засекогаш.
31. Ако изминат овие пет денови, а помош никаква не ни дојде, ќе направиме како што велите.”
32. И го отпушти народот да се разотиде: мажите отидоа по ѕидините и кулите на својот град, а жените и децата – по нивните домови. Градот западна во длабок очај. Остана градот во трајно очајание.
8. Увод. Јудита и народните старешини.
1. Во тие денови сето тоа го слушна Јудита, ќерката на Мерарија, синот на Окса, синот на Озимел, син на Елкија, син на Ананија, син на Гедеона, син на Рафаина, син на Акитона, син на Илиев, син на Елијава, син на Исмаилев, син на Саласадаја, син на Јеила.
2. Нејзиниот маж Манасија, од истото племе и од истиот род, умре кога се жнееше јачменот;
3. тој беше на нивата заедно со оние што врзуваа снопови, поради што го удри сончаница, легна на постела и умре во градот свој Ветилуја; го погребаа при неговите татковци, на нивата што се наоѓа на половина пат меѓу Дотаим и Валамон.
4. Оттогаш Јудита живееше како вдовица три години и четири месеци.
5. Таа си направи шатор на покривот од куќата, си запаша кострет околу бедрата и носеше вдовичка облека.
6. Како вдовица постеше во сите денови, освен во деновите спроти сабота и во саботите, во деновите пред новомесечјата,на новомесечјата и во празниците и прославите на Израиловиот дом.
7. Беше лична и привлечна; мажот ѝ беше оставил злато и сребро, слуги и слугинки, добиток и ниви. Со сето тоа таа управуваше.
8. Никој не ја прекори за никакво лошо дело, зашто имаше силен страв Божји.
9. Таа чу за лошите зборови на народот против водачот на народот, кој се очаја поради недостигот на вода; ги чу и зборовите што ги кажа Озија, дека се заколнал оти по пет дена ќе им го предаде градот на Асирците.
10. Таа ја испрати слугинката, која раководеше со целиот нејзин имот, да ги повикаОзија, Хаврина и Хармина, старешините на нејзиниот град.
11. Кога дојдоа кај неа, таа им рече: „Ислушајте ме, старешини на ветилујските жители! Не ви се добри зборовите што денес му ги кажавте на народот. Во говорот ваш се заколнавте пред Бога, дека ќе им го предадете градот на нашите непријатели, ако во спомнатите денови Господ не ни помогне.
12. Кои сте вие што денес го искушувате Бога и се поставувате место Бога меѓу синовите човечки?
13. Ете, вие го испрашувате Господа Седржителот, но никогаш ништо нема да разберете.
14. Ако не можете да ја дознаете длабочината на човечкото срце, ако не можете да ја сфатите човечката мисла, како ќе го разберете Бога, Кој создал сè, како ќе ги сфатите Неговиот ум и Неговите мисли? Не, браќа, не прогневувајте Го Господа, нашиот Бог.
15. Зашто, ако не сака да ни помогне во тие пет дена, Он има власт и сила да нè заштити или уништи, пред очите на нашите непријатели, во деновите кога Он ќе посака.16.Затоа не барајте одлуки од Господа нашиот Бог, зашто Бог не е човек – за да може да Му се заканувате, ниту е син човечки – за да можете да Му заповедате.
17. Затоа, чекајќи од Него спасение, да Го повикаме на помош; Он ќе го чуе и ќе го послуша нашиот глас, ако тоа што го бараме Му биде угодно Нему.
18. Зашто во нашите родови немало, а и во денешно време нема кај нас ни колено, ни племе, ни народ, ни град, кои им се клањаат на ракотворени богови, како што било некогаш.
19. Затоа нашите татковци биле предавани на меч, биле ограбувани и доживеале големи порази од своите непријатели.
20. Но ние не знаеме друг Бог освен Него; затоа се надеваме дека нема да нè презре ни нас ниту некого од нашиот народ.
21. Зашто, ако бидеме победени, со тоа ќе падне и цела Јудеја; светињите наши ќе бидат разграбани; Он ќе побара сметка од нас за оскверненијата од нашите усти.
22. И убивањето на нашите браќа, и поробувањето на земјата и опустошувањето на нашето наследство ќе го сврти врз нашата глава меѓу народите, кои ќе владеат над нас и ќе бидеме соблазнување и срам пред оние што ќе нè победат,
23. зашто ропството наше ќе ни послужи за чест, туку Господ, нашиот Бог, ќе го претвори во бесчестие.
24. И така, браќа, да им покажеме на нашите браќа дека од нас зависи нивниот живот и дека врз нас се крепат светилиштето и домот на Господа.
25. За сето ова да Му благодариме на Господа, нашиот Бог, што нè проверува, како што ги проверувал нашите татковци.
26. Спомнете си што правеше Бог со Авраама, како го проверуваше Исака, што му се случи на Јакова во Месопотамија, сириска кога ги пасеше овците на својот вујко Лавана;
27. како што ги искушуваше не за да ги мачи нивните срца, така постапува и со нас: за да се поправиме, а не за да ни се одмазди, зашто Бог ги проверува оние што Му се блиски.”
28. Озија ѝ одговори и рече: „Сè што рече, го рече со благородно срце; никој нема да им се противстави на твоите зборови;
29. твојата мудрост не е позната само од денес, а уште од почетокот на твоите денови нашиот народ ја знае твојата умност и благородството на твоето срце!
30. Но народот се измачува од жед и тоа нè принуди, така да постапиме: да се заколнеме дека ќе направиме како што рековме.
31. Ти си побожна жена, помоли Му се сега на Господа за нас: и Он ќе испрати дожд, ќе ги наполни нашите резервоари, за да не изгинеме од жед.”
32. Јудита одговори и рече: „Слушајте ме, ќе направам нешто, за кое ќе се говори од поколение во поколение меѓу нашиот народ.
33. Застанете оваа ноќ пред градската порта. Јас ќе излезам со мојата слугинка и во деновите, по кои решивте да им го предадете градот на нашите непријатели, Господ ќе го спаси Израилот преку мојата рака.
34. Но не прашувајте ме што сум наумила да правам, сè додека не го направам.”
35. АОзија и народните старешини ѝ рекоа: „Оди со мир и Господ нека биде со тебе, за да можеш да им се одмаздиш на нашите непријатели!”
36. Излегоа од нејзиниот шатор и се вратија на своите места.
9. Молитвата на Јудита.
1. Тогаш Јудита падна ничкум, си ја посипа главата со пепел и го фрли костретот од себеси што го носеше. И токму тогаш, кога во Ерусалим, во домот на Господа, кадеа со вечерен темјан, таа, пак. извика со висок глас кон Господа и рече:
2. „Господи, Боже на мојот татко Симеона, чија рака Ти ја вооружи со меч да им се одмазди на туѓинците, кои заради срам беа соблекле една девојка, и ги разголија бедрата и ја осквернија утробата нејзина за срам. Ти рече дека тоа не смеат да го направат, но сепак тие го направија.
3. Затоа ги предаде нивните кнезови да бидат заклани. Постелата нивна што ја виде измамата нивна – ја облеа со крв. Ти удри по робовите и господарите; удри по владелите на нивните престоли.
4. Нивните жени на грабеж ги предаде и ќерките во ропство, а сиот грабеж им го даде на синовите возљубени од Тебе, кои ревнуваа со Твојата ревност, се одвратија од нечистотијата на нивната крв и на помош Тебе Те повикаа. О, Боже, Боже мој, послушај ме мене, вдовицата!
5. Ти си го направил и она што беше пред тоа, а ќе го направиш И она што ќе биде по тоа, а на ум го имаш и сегашното и идното; што си намислил – тоа и станува.
6. Тоа што си го намислил, тоа и се јавува, велејќи: „Еве, ме! Сите Твои патишта се подготвени, а Твоите одлуки се предвидени од Тебе.
7. Еве, Асирците се намножија во својата сила, се гордеат со своите коњи и со коњаниците, се гордеат со силните раце на пешаците; се надеваат на штитот, копјето, лакот и праќката, а не знаат дека Ти си Господ, Кој ги уништува војните.
8. Името Твое е Господ. Скрши им ја нивната сила со Твојата моќ, уништи ја нивната сила со гневот Твој, зашто наумија да го осквернат Твоето светилиште, да се подбијат со мирното живеалиште, каде живее Твоето преславно име: со железо да го скршат рогот на Твојот жртвеник.
9. Види ја нивната надуеност, а гневот Твој прати го врз нивните глави, а на мојата вдовичка рака дај ѝ сила да го направам она што сум го намислила.
10. Со устата на мојата итрина порази го слугата заедно со водачот, а водачот заедно со неговиот слуга. Скрши ја нивната гордост со раката на една жена.
11. Зашто Твојата сила не е во множеството, ниту во моќните е Твојата моќ; Ти си Бог на смирените.Ти си помошник на понизните, застапник на немошните, покровител-на паднатите
духом И спасител на очајаните.
12. Боже на мојот татко, Боже на наследството Израилево, Господаре на небото и земјата, Создателе на водите, Царе на секое Твое создание! Послушај ја молитвата моја!
13. Зборот мој, и итрината моја, направи ги рана за оние што намислиле страотии против Твојот завет, против Твојот свет дом, против Сион и против домот на Твоите синови.
14. Вразуми го сиот Твој народ и секое племе, за да видат дека Ти си Бог, Бог на секаква сила и крепост и дека Израилот нема друг заштитник освен Тебе.”
10. Јудита и Олоферн.
1. Кога престана да извикува кон Израилевиот Бог и ја заврши својата молитва,
2. Јудита стана на нозе и ја повика својата слугинка, влезе во собата, каде ги поминуваше саботите и празничните денови.
3. Таму го симна костретот од себеси, ја соблече облеката на вдовиштвото, се избања, се помаза со маст миризлива, ја исчешла својата коса и стави превез на главата своја, се облече во облеката на своите радосни денови, во кои се облекуваше додека бил жив нејзиниот маж Манасија.
4. На нозете свои обу сандали, си стави ѓердани, гривни, прстења, обетки и сите други накити. Се украси што можеше поубаво, за да ги занесе машките очи што ќе ја погледаат.
5. На слугинката ѝ даде мев со вино и врчва со елеј, наполни торба со брашно, сушено овошје и чисти лебови и сите тие работи ги стави врз неа.
6. Кога дојдоа кај градската порта на Бетулија, таму го најдоа Озија и другите двајца градски старешини – Хаврина и Хармина.
7. Кога ја видоа Јудита така променета и украсена, многу се восхитија од нејзината убавина и рекоа:
8. „Бог, Бог на нашите татковци нека ти подари благодат и нека ги исполни твоите намери за радост на синовите Израилеви и за издигнување на Ерусалим.” Јудита се поклони пред Бога,
9. ним им рече: „Заповедајте да ми ја отворат градската порта; ќе излезам за да го направам она за што говоревме.” Тие наредија да ѝ ја отворат вратата како што побара.
10. Кога ѝ ја отворија портата, таа излезе заедно со својата слугинка, а луѓето од градот гледаа по неа додека се спушташе по стрмнината и потоа кога одеше по долината сè додека не им се скри пред очите.
11. Кога одеа по долината, ги сретна асирската претстража.
12. Тие ја задржаа и ја запрашаа: „Чија си? од каде доаѓаш и каде одиш?”, – Таа им одговори: „Јас сум им ќерка на Евреите и бегам од нив, зашто тие набргу ќе бидат предадени за да бидат погубени.
13. Одам кај Олоферна, водачот на вашата војска, за да разговарам со него искрено и да му го покажам патот, по кој треба да појде за да ги завладее сите планински предели,така што да не загуби ниеден од своите луѓе, да не загине ниедна човечка душа.”
14. кога тие луѓе ги слушнаа нејзините зборови и кога се загледаа во нејзиното лице, останаа восхитени од нејзината убавина, па ѝ рекоа:
15. „Ти си ја спаси душата што побрза и што навреме дојде при нашиот господар; оди право во шаторот, а нашите луѓе ќе те придружуваат сè додека не те предадат во неговите раце.
16. Кога ќе се најдеш пред него, немај страв во твоето срце, туку кажи му ги твоите зборови; тој ќе постапи добро со тебе.”
17. Тогаш одбраа помеѓу себе стотина души и ги дадоа на неа и на слугинката, за да ги придружуваат до шаторот на Олоферна.
18. Во логорот сите се вознемирија, зашто веста за нејзиното доаѓање брзо се разнесе по сите шатори. Многумина дојдоа и ја заобиколија, а таа стоеше пред шаторот на Олоферна додека да го известат за неа.
19. се восхитуваа за нејзината убавина, а поради неа, и на синовите Израилеви, па си велеа еден на друг: „Кој може да го презре народот што има вакви жени! Навистина, не треба да оставиме жив ниеден човек од тој народ, зашто тие што ќе останат, ќе можат да ја надмудрат целата земја.”
20. Стражата на Олоферна и оние што му служеа излегоа да ја воведат Јудита во шаторот.
21. Олоферн почиваше на својата постела, зад една завеса од пурпур, злато, смарагд и скапоцени камења.
22. Кога го известија за неа, тој излезе во предниот дел од шаторот, а пред него носеа сребрени свеќници.
23. Кога Јудита се најде пред него и пред неговите слуги, сите се восхитија од убавината на нејзиното лице. Таа се поклони и ничкум падна пред него, но Олоферновите слуги ја подигнаа.
11. Првото среќавање со Олоферна.
1. Олоферн ѝ рече на Јудита: „Жено, биди храбра, немај страв во твоето срце; јас не сум му направил лошо на никого, кој доброволно се решил да му служи на Навуходоносора, на царот на целата земја.
2. Па и сега, ако твојот народ, кој живее во планинските краишта, не беше ме презрел, јас немаше да го кренам моето копје против него, но тие самите се виновни за тоа.
3. А сега кажи ми: зошто избега од нив и дојде при мене? Овде ќе најдеш спасение за себеси; не плаши се, животот ќе ти биде поштеден и сега и потоа.
4. Никој нема да те навредува. Напротив, секој ќе ти прави добро; со тебе сите ќе се однесуваат како треба да се однесуваме со слугите на мојот господар – царот Навуходоносор.”
5. Јудита му рече: „Ислушај ги зборовите на твојата робинка. На робинката твоја нека ѝ биде дозволено да говори со тебе: ноќва нема да му говорам лага на својот господар.
6. Ако ги послушаш зборовите на твојата робинка, Бог ќе ти помогне успешно да ја свршиш твојата работа, а господарот мој нема да се разочара во она што ќе го преземе.
7. Да живее Навуходоносор, царот на целата земја! Да живее државата на оној што те испрати да поправиш секоја душа, зашто преку тебе нему ќе му служат не само луѓето, туку и полските ѕверови и добитокот и птиците небески – преку твојата сила ќе живеат под власта на Навуходоносор и на целиот негов дом.
8. Ние чувме за твојата мудрост и за бистрината на твојот ум, целата земја знае дека само ти си добар во целото царство, силен во знаење и вешт во војните работи и подвизи.
9. А дознавме и за тоа што ти рекол Ахиор на твоето собрание. Бидејќи жителите на Бетулија го оставија жив, тој им раскажа сè што ти говорел.
10. А сега, силни господару, не оставај ги без внимание неговите зборови, туку нека останат во твоето срце, зашто тие се вистински: нашиот народ не може да биде казнет, а и мечот нема сила над него, освен кога грешат пред својот Бог.
11. Но мојот господар нека не биде одбиен и нека не остане без успех, а нив да ги постигне смртта, оти ги надвладеа гревот, со кој го разгневија својот Бог, затоа што го извршува она што не е добро.
12. И, ете, бидејќи нивната храна се сврши, а немаат веќе ни вода, решија да се нафрлат на добитокот и да го јадат она што им го забрани Бог со Својот закон.
13. Дури решија да ги потрошат првините од житото и десетините од виното и од елејот, кои, откако се осветат се чуваат за свештениците, кои стојат пред лицето на нашиот Бог во Ерусалим, а овие работи на никого од народот не му се позволени ни со рака да ги допре.
14. Тие испратија гласници во Ерусалим, бидејќи и тамошните жители го правеле истото, да им донесат разрешение за тоа од собранието на старешините.
15. И штом им дојде тоа разрешение, тие ќе го направат тоа што го наумиле, и истиот ден ќе ви бидат предадени да ги погубите.
16. Ете зошто и јас, твојата робинка, откако разбрав за сите овие работи, избегав од нив; Бог ме прати да земам учество заедно со тебе во извршувањето на дела, од кои ќе се вџаши целата земја кога ќе чуе за нив.
17. Зашто твојата робинка е побожна и небесниот Бог Го почитува и дење и ноќе, па и сега, господаре мој, кога ќе останам со тебе, јас твојата робинка, ќе побарам од тебе, – да можам да излегувам ноќе во долината да Му се молам на Бога; Бог ќе ми каже кога тие ќе направат грев.
18. Тогаш ќе се вратам и ќе ти кажам, а ти тогаш излези со целата твоја војска. Никој од нив не ќе ти се противстави.
19. Тогаш јас ќе те водам низ Јудеја, сè до самиот Ерусалим. Среде него твојот престол ќе го поставам, а ти ќе ги подгониш како овци без пастир, така што и кучињата нема да залајат против тебе. Сето ова ми е кажано и објавено во откровение. Јас сум пратена сето ова да ти го објавам.”
20. Овие зборови му се допаднаа на Олоферна аи на сите негови слуги. Сите се восхитија од нејзината мудрост, па извикаа:
21. „Од едниот крај на земјата до другиот нема таква жена ни по убавина на лицето ни по мудроста на зборовите.”
22. Олоферн ѝ рече: „Добро направи Бог што те испрати пред твојот народ: нам ни припадна силата, а пропаста на оние што го презреа мојот господар.
23. Имаш прекрасно и благородно лице и твоите зборови се добри. Ако направиш сè како што рече, твојот Бог ќе биде и мој Бог; ќе живееш во домот на царот Навуходоносор и славна ќе бидеш по целата земја.”
12. Јудита ја придобива Олоферновата доверба. Таа е и на неговата трпеза.
1. Заповеда да ја одведат таму, каде што се пазеле сребрените садови, нареди да ѝ даваат од неговата храна и од неговото вино.
2. Но Јудита рече: „Нема да јадам од оваа храна, за да не биде на соблазна; нека ми даваат од она што сум го донела со себеси.”
3. Олоферн ѝ рече: „А кога ќе заврши она што е со тебе, од каде ќе земаме да ти даваме исто? Зашто, меѓу нас нема ниеден од твојот род.”
4. Јудита му одговори: „Да ти е жива душата, господару мој, робинката твоја нема да го потроши ова што е со мене, пред Господ да го изврши преку мојата рака она што го определил.
5. Тогаш Олоферновите слуги ја одведоа во шаторот. Спиеше таа до полноќ. Се разбуди кон утринската стража,
6. па прати да му кажат на Олоферна: „Господарот мој нека ѝ дозволи на својата робинка да излезе на молитва.”
7. Олоферн им нареди на своите стражари да не ѝ пречат, Остана во логорот три дена, а ноќе излегуваше во Бетулијската рамнина и се измиваше на изворот покрај шаторот.
8. Кога излегуваше, Јудита Му се молеше на својот Господ, Бог Израилев, да го управи нејзиниот пат кон спасение на синовите на својот народ.
9. Таа се враќаше чиста во шаторот, а приквечер ѝ донесуваа храна.
10. Четвртиот ден Олоферн приреди гозба само за своите слуги; не повика никого од оние што му служеа.
11. Тој му рече на евнухот Вагој, кој беше управител на сите богатства: „Појди и наговори ја Еврејката што е кај тебе да дојде, да јаде и да пие со нас;
12. срамота е да имаме таква жена со нас, а да не поразговараме со неа; ако не ја поканиме ќе се подбива со нас.”
13. Откако излезе од кај Олоферн, Багој отиде кај неа и ѝ рече: „Млада убавице, не откажувај да дојдеш при мојот господар, за да добиеш чест пред неговото лице, да пиеш вино заедно со нас во веселба, денес да бидеш како една од асирските ќерки, кои живеат во палатата на Навуходоносор.”
14. Јудита му одговори: “Која сум јас – да му се противам на мојот господар? Веднаш ќе направам сè што посакува мојот господар; тоа ќе ми биде и утеха и радост сè до мојата смрт.”
15. Таа стана и се промени со сите женски накити. Слугинката нејзина отиде пред неа и ги посла ќилимите што ги беше добила од Багој – пред Олоферна. Тие ѝ служеа за секојдневна употреба; да јаде потпрена на нив.
16. Потоа дојде Јудита и седна на трпезата. Срцето на Олоферна по неа му се разбранува: силно посака да биде со неа; бараше случај и прилика да ја заведе.
17. Олоферн ѝ рече на Јудита: „Пиј и весели се со нас!”
18. А таа му одговори: „Ќе пијам, господаре, зашто животот мој денес се издигна повеќе отколку кога и да е од моето раѓање досега.”
19. Па јадеше и пиеше пред него она што ѝ го беше приготвила нејзината слугинка.
20. А Олоферн ја гледаше со радост и пиеше извонредно многу, колку што не пиел никогаш во својот живот.
13. Главата на Олоферна.
1. Кога веќе стана доцна, великодостојниците побрзаа да се повлечат, а Вагој, откако ги ослободи оние што послужуваа пред лицето на неговиот господар, го затвори шаторот однадвор, па отиде и си легна. Сите отидоа да си починат, бидејќи беа многу уморни од долгата гозба.
2. Јудита остана сама во шаторот. Олоферн, совладан од виното, падна на својата постела.
3. Јудита ѝ рече на својата слугинка да стои пред нејзината спална и да ја чека додека не излезе, велејќи ѝ дека ќе излезе да се помоли, како што правеше секој ден. Истото му го рече и на Вагој.
4. Кога сите си отидоа од кај неа и кога во спалната не остана ни мал ни голем, Јудита застана пред леглото негово, па рече во своето срце: „Господи, Боже на секоја сила, погледни милозливо во овој час врз делата на моиве раце за издигнување на Ерусалим;
5. ова е вистинскиот час да го заштитиш Твоето наследство и да ја оствариш мојата замисла: да бидат поразени непријателите, кои се дигнаа против нас.”
6. Тогаш пријде до столбот од леглото, кој беше кај главата на Олоферна и го симна од него мечот негов;
7. се приближи потоа до леглото, ја дофати косата на неговата глава и рече: „Господи, Боже на Израилот, дај ми сила во денешниов ден!”
8. Па со сета своја сила го удри двапати Олоферна по вратот и му ја отсече главата.
9. Откако го фрли неговиот труп од леглото, ја откачи завесата од столбовите. По малку време излезе и ѝ ја даде Олоферновата глава на слугинката.
10. Таа ја стави во својата торба. Потоа, како и обично, обете излегоа на молитва. Откако излегоа од логорот, ја заобиколија долината и се искачија до ветуилските височини и дојдоа до градската порта.
11. Уште оддалеку Јудита ѝ извика на стражата при портата: „Отворете, отворете ги вратите! Со нас е Бог, со нас е нашиот Бог, за да му подари сила на Израилот и победа над неговите непријатели, како и денес што ни ја подари.”
12. Штом градските мажи го слушнаа нејзиниот глас, побрзаа кон портата на градот и ги повикаа градските старешини.
13. Се собраа сите, од мало до големо, бидејќи нејзиното доаѓање беше сосема неочекувано за нив; и, откако ја отворија портата, ги примија, запалија оган да свети и ги заобиколија.
14. А таа им рече со силен глас: <Фалете Го Господа, фалете Го, фалете Го Господа, затоа што не ја оддалечи Својата милост од домот на Израилот, туку ноќва преку мојата рака ги скрши нашите непријатели.” 15. Вадејќи ја главата од торбата, им ја покажа и рече: „Еве ја главата на Олоферна, водачот на асирската војска, еве ја и завесата, зад која лежеше пијан; Господ го порази со рака на жена. 16. Жив е Господ, кој ме запази на патот по кој одев! Бидејќи моето лице го соблазни Олоферна за негова пропаст, но тој не ме посрами и не згреши со мене.” 17. Сиот народ се вчудовиде, падна ничкум, Му се поклони на Бога, и еднодушно извика: „Благословен Си Боже наш, Ти Кој денес, ги уништи непријателите на Твојот народ!” 18. А Озија ѝ рече: „Биди благословена, ќерко, благословот на Севишниот Бог нека биде со тебе повеќе отколку со сите жени на земјата; да е благословен Господ Бог, Создателот на небото и земјата, што те научи како да му ја отсечеш главата на водачот на нашите непријатели; 19. твојата надеж нема да отстапи од срцето на луѓето, кои ќе си спомнуваат за твојата сила довека. 20. Нека го направи Бог ова да биде за твоја лична слава, нека те награди со секое добро затоа што ти не го поштеди својот живот кога беше понизен нашиот народ; ти излезе пред нас, кога ние паѓавме, и одеше право пред нашиот Бог!” И сиот народ извика: „Амин! Нека биде така!”
14. Израилците во асирскиот логор.
1. Јудита им рече: „Слушајте ме, браќа, земете ја главата и закачете ја на врвот од вашите ѕидини,
2. а кога ќе се зазори и сонцето изгрее над земјата, секој нека го земе своето оружје, нека излезе секој што е силен надвор од градот; дајте им повод да мислат дека слегувате во рамнината кон претстражата на асирските синови, но не слегувајте.
3. Тогаш тие, откако ќе го земат своето оружје, ќе појдат во својот логор, за да го разбудат војсководачот на асирската војска, ќе потрчаат кон шаторот на Олоферна и, откако нема да го најдат страв ќе ги опфати и ќе се разбегаат.
4. Вие што живеете по сите краишта на Израилската земја, гонете ги и уништувајте ги по патот на нивното бегство.
5. Но, пред да го направите тоа, повикјате го Ахиора Амонеецот да дојде при мене; нека го види и препознае оној што сакаше да го понизи домот на Израилците, а него да го испрати кај нас во смрт.”
6. Го повикаа Ахиора од домот на Озија. Кога дојде и ја виде главата на Олоферна во рацете на еден маж среде насобраниот народ, тој падна на земјата и ја загуби свеста.
7. Кога го подигнаа, тој падна пред нозете на Јудита, се поклони и и рече: „Да бидеш благословена во секое Јудино живеалиште и во секој народ, секој да трепери од страв кога ќе го слушне твоето име!
8. А сега раскажи ми: што правеше во изминатите денови?” Јудита, која беше среде народот, му раскажа сè што направила во тие денови – од денот кога излезе, до денот кога се врати.
9. Кога престана да зборува, народот извика со висок глас и неговото радосно извикување се носеше по целиот град.
10. А Ахиор, гледајќи го сето она што го направи Бог на Израилците, поверува искрено во Бога, прими обрезание и се присоедини кон домот Израилски и остана во него дури до денешниот ден.
11. А кога се зазори, ја закачија Олоферновата глава на ѕидините, секој го зграби своето оружје и потрчаа во одреди низ падината.
12. Синовите асирски, кога ги здогледаа, веднаш ги известија своите началници, а тие потрчаа кај своите заповедници, стотници и илјадници, и кон сите други началници.
13. Кога дојдоа до шаторот на Олоферна, му рекоа на оној што управуваше со неговиот имот: „Разбуди го нашиот господар, зашто оние робови се осмелија да излезат против нас на борба, за да бидат уништени засекогаш.”
14. Багој влезе и почука на вратата од шаторот, бидејќи мислеше оти тој спие со Јудита.
15. Но кога никој не му одговори, влезе во спалната и го најде трупот фрлен на прагот, а главата му беше отсечена.
16. Извика со сиот свој глас, плачејќи и липајќи, и ја раскина својата облека.
17. Потоа влезе во шаторот, во кој престојувала Јудита, но не ја најде. Потоа отрча кај луѓето и извика:
18. „Робовите постапиле неверно: една Еврејка го осрамоти домот на царот Навуходоносор; еве го Олоферн на земја, а главата му ја нема.”
19. Кога заповедниците на асирската војска ги слушнаа тие зборови, ги раскинаа своите облеки, нивните души се исполнија со страв, а низ целиот логор се подигна силен плач и големо ридање.
15. Јудита пофалена.
1. И оние што се наоѓаа во шаторите, кога чуја што се случило, се стаписаа.
2. Ги опфати страв со трепет и ни еден со друг не се видоа, туку секој се даде во бегство по сите патишта во рамнината и кон планинските краишта.
3. Во бегство се дадоа и оние што беа во логорот околу Ветилуја. Тогаш синовите Израилеви, секој од нив храбар маж, потрчаа по нив да ги гонат.
4. Озија испрати гласници во Ветомастен, Вива, Хова и Хола и по сите израилски краишта, да ги известат за она што се случи, сите да потрчаат по непријателите и да ги уништат.
5. Откако разбраа за сето тоа, сите израилски синови, заеднички ги нападнаа и ги гонеа сè до Хова; така постапија и оние што придојдоа од Ерусалим и од сите планински предели, откако беа известени за она што се случи со нивните непријатели од Галад до Галилеја и од сите страни жестоко ги напаѓаа сè додека не избегаа зад Дамаск и зад неговите предели.
6. Жителите на Ветилуја го нападнаа асирскиот логор, го ограбија и многу се збогатија.
7. А синовите Израилски, откако се вратија, загосподарија со сè; и села и селишта во планинските предели, а во рамнината зедоа голем плен, кој беше преизобилен.
8. Првосвештеникот Јоаким, дојде да види какво добро му направил Господ на Израилот, да ја видат Јудита и да ја поздрават.
9. И штом излегоа пред неа, сите еднодушно ја благословија и рекоа: „Ти си славата на Ерусалим, ти си најголемата израилска гордост, ти си голема радост на Израилот и најголема слава на нашиот род!
10. Сето тоа го направи со своја рака; ти му направи добро на Израилот и на Бога Му омиле; нека те благослови Седржителот Господ во сите времиња!” И сиот народ извика „Амин.”
11. Народот земаше плен од логорот триесет дена – на Јудита ѝ го дадоа шаторот на Олоферна, сите сребрени садови, чаши, постилки и сета покуќнина. Таа го зеде сето тоа, ја натовари својата маска, а потоа ги спреми своите коли и ги натовари до горе.
12. Сите израилски жени трчаа да ја видат, ја величаа и танцуваа во нејзина чест; составија за неа хор, а таа зеде прачки обвиени со лисја од лоза и им ги даде на жените што беа околу неа.
13. На главите си ставија венци од маслинови гранчиња, таа и оние што беа со неа. Таа одеше пред сиот народ и ги предводеше жените со песни и танци; по неа одеа сите вооружени израилски мажи, со венци овенчани и со песна на усните.
14. Пред сиот израилски народ Јудита ја почна својата благодарствена песна, а сиот народ ја прифати нејзината песна.
16. Благодарствената песна на Јудита. Староста и смртта на Јудита.
1. Рече Јудита и запеа: „Славете Го мојот Бог со тимпани, пејте Му на Господа со кимвали, пејте Му песна нова; возвеличувајте Го и призовувајте го Неговото име.
2. Зашто Господ Бог ги завршува војните, зашто Он ме издигна среде Својот народ и ме избави од рацете на моите гонители.
3. Дојде Асур од северните планини, дојде со десетици илјади свои војници; множеството нивно ги пресече потоците, а коњите нивни ги прекрија бреговите.
4. Рече тој дека земјата наша ќе ја изгори, момчињата наши со меч ќе ги исече, цицалчињата в земја ќе ги тресне, децата наши во ропство ќе ги одведе и ќе ги плени нашите девојки.
5. Но Господ Седржителот ги собори со женска рака.
6. Насилникот нивни, не го скршија младинци, не го соборија синови гигантски, не го нападнаа синови дивовски, туку Јудита, ќерката на Мерариј, со убавината на своето лице – него го погуби;
7. ја соблече таа вдовичката облека, за да ги издигне оние што страдаа во Израилот, а лицето свое го помаза со миризлива маст,
8. си стави украси на својата коса, си облече облека ленена, за да го плени,
9. сандалите нејзини погледот негов го восхитија, а убавината му ја плени душата, меч му помина низ грлото.
10. Се вџашија Персијците од храброста нејзина, а Мидјаните – од смелоста нејзина.
11. Тогаш извика понизениот народ мој, а оние се преплашија; народот мој немоќен извика, а тие се збркаа, гласот свој го подигна народот мој, – тие се дадоа во бегство.
12. Синовите на млади жени ги колеа, и како деца на робови бегалци им нанесуваа рани; така гинеа тие од силата на Мојот Господ.
13. Песна нова ќе Му запеам на мојот Господ. Господи, Ти си велик и славен; Ти си непобедив и прекрасен во твојата сила.
14. Сите Твои созданија Тебе нека Ти служат: зашто Ти само рече, и тие настанаа; Ти го испрати Духот Твој – и се уреди сè, никој не може да се противи на гласот Твој.
15. Горите со водите свои од основи ќе се потресат, а камењата од Твоето лице – како восок ќе се стопат, но кон оние што имаат страв од Тебе – Ти си благ и милостив.
16. Мала е пред Тебе секоја жртва мирисна, уште поневажна Ти е мрсната жртвата сепаленица, но оној што има страв од Господа – голем е засекогаш.
17. Тешко им на народите што го напаѓаат мојот народ, Седржителот Господ ќе им се одмазди во судниот ден – ќе испрати оган и црви врз нивните тела; во болките свои вечно ќе викаат и ќе плачат.”
18. Кога дојдоа во Ерусалим, на Бога Му се поклонија, а кога народот се очисти, сепаленици жртви Му принесоа – со доброволни приноси и дарови.
19. Садовите, скапоцената завеса од спалната соба на Олоферна и сите други предмети, што ѝ ги подари народот, Јудита место жртва, Му ги подари на Господа.
20. Народот се веселеше три месеци во Ерусалим, а Јудита остана со него.
21. Но по тие денови секој се врати во своето место. Јудита отиде во Велутија, и живееше на својот имот и за сето тоа време беше славна по целата земја.
22. Многумина ја сакаа за жена, но неа маж не ја позна во сите дни од нејзниот живот, од денот кога умре нејзиниот маж, Манасија, и се прибра кон своите роднини.
23. Јудита придоби голема слава и остаре во домот на својот упокоен маж. Откако поживеа сто и пет години, ја пушти на слобода својата слугинка. Почина во Ветилуј и ја погребаа во пештерата на нејзиниот маж Манасија.
24. Домот на Израилот ја оплакуваше седум дена» Пред смртта им го раздели имотот свој на роднините од својот маж Манасиј и меѓу блиските од својот род.
25. Во времето на Јудита, а и долго време по нејзината смрт никој веќе не ги застрашуваше синовите Израилеви.