1. Прекор поради неѕидање на храмот.
1. Во втората година на царот Дарија, во шестиот месец, на првиот ден во месецот, би слово Господово преку пророкот Агеј до Зоровавела, синот на Салатиила, управител на Јудеја, и до Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот.
2. Вака вели Господ Саваот: „Овој народ говори: Уште не е дојдено времето, не е време сега да се гради дом Господен.”
3. И би слово Господово преку пророкот Агеј, велејќи:
4. „А за вас време ли е да живеете во своите украсени домови, кога е Светилиштето запустено?”
5. Затоа сега вака вели Господ Саваот: „Свртете го срцето ваше врз вашите патишта.
6. Вие сеете многу а собирате малку; јадете, а не се заситувате; пиете, а не се напивате; се облекувате, но не се стоплувате; оној што печали пари, ги става во дупнато ќесе.”
7. Така вели Господ Саваот: „Свртете го срцето ваше кон патиштата свои.
8. Качете се на планината, донесете дрва и градете го храмот, и тоа ќе Ми биде угодно, па ќе се прославувам, вели Господ.
9. Мислите многу, а излегува малку, и што ќе внесете дома, тоа Јас го раздувувам. Зошто? – вели Господ Саваот: Затоа што е домот Мој запустен, а вие пак трчате кон домот свој.
10. Па поради тоа небото се затвори и не ви дава роса и земјата не ви дава плодови.
11. Затоа повикав суша врз земјата, врз горите, врз житото, врз гроздовите, врз елејот и врз сè што се раѓа од земјата, и врз човекот и врз добитокот, и врз секој ваш рачен труд.”
12. И Зоровавел, Салатииловиот син, и Исус, синот на Јоседека, и сиот друг народ го послуша гласот на Господа, својот Бог, а и зборовите на пророкот Агеј, како гласник на нивниот Господ Бог, и народот се подуплаши од Господа.
13. Тогаш Агеј, гласникот Господов, испратен од Господа, му рече на народот: „Јас сум со вас” – вели Господ.
14. И Господ го подигна духот на Зоровавела, синот Салатиилов, управителот на Јудеја, духот на Исуса, синот Јоседеков, првосвештеникот, и духот на сиот друг народ – и тие дојдоа и почнаа да го градат домот на Господа Саваот, својот Бог;
15. а тоа стана во дваесет и четвртиот ден од шестиот месец, во втората година на царот Дариј.
2. Пророкувањето за идната слава на храмот и за Месија.
1. Во седмиот месец, на дваесет и првиот ден од месецот, би слово Господово преку пророкот Агеј:
2. „Кажи им сега на Зоровавела, синот Салатиилов, управителот на Јудеја, и на Исуса, Јоседековиот син, првосвештеникот, и на другиот народ:
3. »Кој од вас останал што го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи?
4. Но охрабри се сега, Зоровавеле, – вели Господ – ободри се, Исусе, сине Јоседеков, првосвештенику, охрабрете се сите народи овде – вели Господ – и работете, зашто Јас сум со вас”, вели Господ Саваот.
5. „Мојот завет, што го склучив со вас, кога излеговте од Египет, и Мојот Дух ќе биде меѓу вас: не плашете се!”
6. Оти вака вели Господ Саваот – уште еднаш – и ете, скоро ќе се случи тоа – ќе ги затресам небото и земјата, морето и сувото;
7. Ќе ги стресам сите народи – и ќе дојде Оној, Кого Го бараат сите народи и ќе се исполни овој Дом со слава”, вели Господ Саваот.
8. „Среброто е Мое и златото е Мое” – вели Господ Саваот.
9. „Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот – вели Господ Саваот; и на ова место ќе му дадам мир”, вели Господ Саваот.
10. На дваесет и четвртиот ден од деветтиот месец, во втората година на Дарија, би слово Господово преку пророкот Агеј:
11. „Вака вели Господ Саваот – прашај ги свештениците за Законот и кажи –
12. <ако некој би носел осветено месо во полата од облеката своја, и со полата би се допрел до леб, или до нешто варено или до вино, или до елеј, или до што годе друго јадење, дали би се осветило тоа?” Одговорија свештениците и рекоа: »не.« 13. Потоа пак рече Агеј: „Ако некој нечист од мртовец би се допрел до тоа, дали би станало тоа нечисто?” Одговорија свештениците и рекоа – »ќе стане нечисто.« 14. Тогаш рече Агеј – таков е и овој народ, такво е и ова племе пред Мене, вели Господ, и такви се сите дела на рацете негови! Па што и да принесувате, сè ќе биде нечисто. 15. А сега свртете го срцето на времето од овој ден наназад, кога уште не беше положен камен на камен во овој храм Господен. 16. Порано, доаѓале до крстина, што дава до дваесет мери и, ќе се добиеле само десет; и до каца од педесет мери, а таа давала само дваесет мери. 17. Ве поразував со гламја и со млечка по житата и со град во сите работи на рацете ваши, но вие не се обрнавте кон Мене, вели Господ. 18. Свртете ги срцата ваши на времето од денес и наназад, од дваесет и четвртиот ден во овој деветти месец, од денот кога беше основан храмот Господен; обрнете ги срцата ваши: 19. Има ли уште во житниците семе? Досега ни лозата, ни смоквата, ни нарот, ни маслината не даваа плод; а од денес Јас ги благословувам. 20. И би слово Господово до пророкот Агеј по вторпат на дваесет и четвртиот ден од месецот, и беше речено: 21. „Кажи му на Зоровавела, управителот на Јудеја: ќе го затресам небото и земјата; 22. ќе урнам престоли на царства незнабожечки, ќе превртам бојни коли и оние што ќе седнат во нив, и кутнати ќе бидат и коњите и коњаниците нивни ќе паднат, еден од мечот на другиот. 23. Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе те земам, Зоровавеле, сине Салтаилов, слуго Мој, вели Господ, и ќе те држам како печат, бидејќи те избрав.”